03 август 2010

Барај мудар совет

    Наведни го увото и чуј го моето слово и земи го при срце моето знаење, зашто е пријатно ако ги пазиш во твојата внатрешност и ако ти бидат на твоите усни. За да биде твојата надеж во Господа, денес те поучувам и тебе. (Пословици 22:17-19 – Душан Х. Константинов)

    „Жена ми ме напушта“, ми вели еден човек, „што да правам?“. Мојот инстинктивен одговор (што сепак си го задржав за себе) беше „Зошто не дојде кај мене пет години порано?“.
    Се обидов да го убедам овој човек дека иако тој и неговата сопруга можеби искрено сакаат да го спасат бракот, нема гаранции дека тоа ќе се случи – но и дека со мудар совет, со лична искреност, посветеност, напорна работа и Божја помош, би можеле да дојдат до тоа што го посакуваат.
    Еден начин да се зачува бракот здрав е да се препознаваат и да се третираат проблемите веднаш штом ќе се појават. Ако тие симптоми се резултат на подлабоки проблеми, како што е честопати случај, невозможно е да исчезнат сами од себе...
    Доколку во твојот брак или можеби во другите области во животот има работи коишто те секираат, мудро би било да побараш компетентно водство од квалификуван пастор или советник. Не одлагај! Закажи го уште денеска состанокот за којшто знаеш дека мора да се случи!

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам подари ми храброст да ги признаам моите проблеми; храброст да побарам мудар совет; како и верата, помошта, храброста и одлучноста што ми се потребни за да ги надминам.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

02 август 2010

Христијанскиот светоглед

    Во почеток Бог... (Битие 1:1 - Душан Х. Константинов)

    Се навикнавме во последно време честопати да слушаме за светогледите на различни луѓе. Светоглед е нашиот начин на гледање на светот во којшто живееме. Составен е од личните уверувања на човекот за сѐ што го опкружува. Тој е и еден вид мапа за животот - водич за начинот на којшто живееме и го организираме својот живот.
    Христијанскиот светоглед е заснован на реалноста - на вистината - онака како што е објавена во Божјото Слово, Библијата, којашто е единствениот извор на вистината, погоден да даде вистински одговор на четирите прашања коишто чиј било светоглед ги смета за битни. Тие прашања гласат вака:
  • Од каде доаѓам?
  • Зошто е светот во ваква „каша“?
  • Има ли начин да се подобрат нештата?
  • Има ли мојот живот цел? (Chuck Colson)
    Прво, од каде доаѓам? Христијаните веруваат дека произлегуваме од Бог; дека на почетокот Тој создал сѐ - вклучувајќи ме и мене и тебе. Поради сето тоа, ние сме Му одговорни Нему и сносиме морална одговорност за сите наши постапки.
    Второ, зошто е светот во ваква „каша“? Веруваме дека тоа е последица на гревот и на злото, коишто се внесени во овој свет од Сатана, Ѓаволот, односно паднат ангел којшто посакал да Го симне Бог од Неговиот трон и самиот да стане Бог. „Ќе станам како Севишниот“, рекол Луцифер, а потоа бил изгонет од Божјите Небеса (Види Исаија 14:12).
    За жал, бидејќи човештвото избрало да не се покорува на Божјите заповеди и да го следи Сатана, гревот навлегол во целото човештво. Бидејќи гревот не може да опстои и грешниците не можат да живеат во присуството на светиот и праведен Бог, исто како што молецот не може да преживее во пламен, нашиот грев нѐ осудил на вечна раздвоеност од светиот и праведен Бог и на припадност во местото коешто Библијата го нарекува пекол - место подготвено за Ѓаволот и за другите паднати ангели, коишто сега се наречени демони.
    Трето, има ли одговор на дилемата на човештвото - постои ли начин да се реши нашиот проблем? За наша среќа, тоа е можно. Како што вели Библијата: „Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.“ (Јован 3:16 - Стандарден Превод)
    Со други зборови, токму поради фактот што Божјата правда изискува последната казна за гревот да е смртта; односно, вечна одвоеност од Бог, авторот на сета љубов и на целокупниот живот, Бог, Го дал својот Син Исус Христос да умре наместо нас за да ја плати праведно изречената казна за сиот наш грев. Поради Христовата жртва, Бог сега ја нуди на сите коишто ќе ја прифатат безусловната, бесплатната прошка на вечниот живот со Бог во Небесата - засекогаш. Според Божјото Слово, Исус Христос е единствената отплата за гревовите на човештвото, како и единствениот пристап до Божјите Небеса. (Види Јован 14:6)
    Четврто, има ли мојот живот цел: Според „Краткиот Вестминстерски катехизам“: „Главната цел на човекот е да се прославува Бог и да се ужива во Него засекогаш“. Ние Го прославуваме Бог со живеење морално исправен живот, со љубење на Бог и со Негово величење, со љубење на своите блиски како себе и служејќи Му на Бог. А тоа, служење на Бог, го вршиме преку користење на Богодадените природни и духовни дарби за служење на другите.
    Најбитниот прашалник пред којшто секој од нас се наоѓа всушност е: Знам ли која е посебната цел за мојот живот којашто ми ја одредил Бог?

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што Твоето Слово, Библијата, ни ја дава единствената безбедна мапа за животното патување од лулката до гробот - но и потоа. Те молам помогни ми да се уверам со цврста сигурност дека мојот светоглед е наштиман според Твоето Слово за да живеам во хармонија со Твојата волја тука на Земјата, како и да ја минам вечноста со Тебе на Небесата.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.