03 јуни 2010

Песната на срцето

    Јов прашал: „Каде е Бог, мојот Творец, Кој ја исполнува ноќта со весела песна“. (Јов 35:10 – Душан Х. Константинов)

    Лудвиг ван Бетовен, несомнено еден од најголемите музичари во човековата историја, бил роден во музичко семејство во Германија. На возраст од 11 години веќе компонирал музика и диригирал со оркестар. Кога наближувал до дваесетата година, заминал за Виена заради понатамошно образование. Таму стекнал слава, но не и богатство...
    Велат дека една вечер отишол во посета на некој виенски чевлар, во чијшто дом го дочекала слепа млада девојка седната на пијаното. Се понудил да ѝ отсвири една композиција. Свирел цел час; паднал мрак, а единствената свеќа во собата изгаснала. Надвор месечината сјаела на ноќното небо и ги испраќала блескавите зраци низ прозорецот во собата. Бетовен бил толку инспириран од благодарноста на младата дама и од убавината на атмосферата во собата што веднаш потоа ја напишал „Месечевата соната“.
    Дали често чувствуваш дека соништата ти се скршени и дека си сам/а во мракот на очајот? Да бидам искрен, тоа важи за мене. Но, доколку своите животи ги посветиме на Христос, во тие „мрачни ноќи на душата“ Бог ќе работи во нас за да ни создаде поголемо разбирање на животот и сочувство за другите, и, со текот на времето, ќе ја врати прекрасната „музика“ во нашите животи.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам стави песна во моето срце, песна на благодарност и љубов кон Тебе за сето она што си ми го подарил.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.