30 мај 2010

Огледалце, огледалце мое...

    И бидете извршители на Словото, а не само слушатели кои се мамат себеси. Зашто, кој го слуша Словото, а не го исполнува, прилега на човек, кој го гледа своето сопствено лице во огледало, па откако ќе се погледне и замине, веднаш заборава каков бил. (Јаков 1:22-24 - Стандарден Превод)

    „Огледалце, огледалце мое... излажи ме!“ Нели сите ние понекогаш го посакуваме тоа?
    Дали за среќа или за несреќа, огледалата не лажат, освен ако не се искривени. А таквите огледала даваат и искривен одраз.
    Ако не си го држам зборот и не го сторам тоа коешто сум го ветил, и во мене има нешто искривено! Одржувањето на зборот и исполнувањето на ветувањата се карактерна одлика којашто би требало високо да се цени. Таквото поведение означува вистински и постојан интегритет на личноста.
    За жал, изгледа дека одржувањето на зборот денес не е работа околу којашто луѓето многу се потресуваат. Налик на еден човек со кого што соработував пред извесно време, а тврдеше дека е член на „Promise Keepers“. Тоа беше фарса. Тој ретко си го одржуваше зборот, ретко ги исполнуваше ветувањата.
    Човекот којшто не си го одржува зборот и ветувањата не е човек на кого што можете да се потпрете. Не можете да му верувате. Аналогно на тоа, не можете да се потпрете на човекот којшто тврди дека е христијанин, а не се труди искрено и постојано да го слуша и да го почитува и спроведува Божјиот Збор. Веројатно и не можете да му верувате... Апостолот Јаков тоа го заклучил пред 2.000 години.
    Ако сме созреани, така и ќе се однесуваме. Ако сме одговорни, одговорно и ќе се однесуваме. Ако сме искрени и си го држиме зборот, таков и ќе биде нашиот живот, па ќе важиме за мажи и жени чијшто збор за нив е закон.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми да бидам маж/жена од збор, и, со Твоја помош, да бидам човек којшто ќе се труди да го запознава и да го почитува Твојот збор. Секогаш и во секоја ситуација!
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.