15 мај 2010

Чувај се од препредените

    Санавалат и Гисем ми порачаа: „Дојди да се состанеме во Кефир, во Ононската Долина.” Но тие ми мислеа зло. (Неемија 6:2 – Душан Х. Константинов)

    Кога Неемија и Израелците речиси завршиле со обновата на ѕидините на Ерусалим, неколку векови пред Христос, на нивните непријатели многу тешко им паѓал нивниот напредок и се обиделе преку итроштина да го измамат Неемија и да се ослободат од него. Се обиделе да го одвлечкаат од работата и го канеле да се сретне со нив во Ононската Долина.
    Но одговорот на Неемија бил: „А, не!“. Тој знаел дека нивните приказни се неосновани, дека лажат. Постапил правилно, оти во спротивно ќе бил убиен, а Божјото дело попречено. Неемија останал верен на задолжението коешто му го дал Бог сѐ до мигот кога работата била завршена и ѕидините обновени. Не дозволил да биде завлечкан.
    Кога и да се вклучиме во Божјото дело, се појавува отпорот. Непријателот напаѓа во секоја прилика и вообичаено на најранливите места. Сатана е мајстор на измамата; затоа ние, исто како Неемија, мора да бидеме постојано свесни за неговите сплетки.
    Многу често доаѓа како ангел на светлината – навидум учител и промотор на вистината. Мнозина искрени христијани биле измамени и заблудени од авторитетни оратори со златна дарба, но кои истовремено биле измамнички лидери коишто тврдат дека доаѓаат во името Господово. „Бидете внимателни“, им рекол Исус на Своите ученици. „А Исус им рече: “Внимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот [верските водачи во времето на Исус] квас [погрешно учење]!“ (Матеј 16:6 – Стандарден Превод)
    Веројатно се повторувам, ама да нагласам уште еднаш – кога си во дилема, секогаш моли се Бог да ти ја разоткрие вистината. А колку сме потесно сврзани со нашата внатрешна вистина – односно, колку поискрени сме со самите себе – толку полесно и побргу ќе го „намирисаме“ (почувствуваме и препознаеме) лажното учење на оние коишто не се вистински Божји слуги.
    Затоа, секогаш биди на штрек и внимавај на лажните водачи со погрешни решенија.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помагај ми да бидам маж/жена на вистината, за секогаш да имам мудрост да ги препознаам сите лажни учења и никогаш да не бидам одвлечкан/а од вистинската наука на Твоето Слово, без разлика колку елоквентни и убедливи ќе бидат учителите.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.