31 мај 2010

Скриен под Неговата сенка

    Тој ме засолнува во Својот шатор, во зол ден; ме крие во скрилница на Својот шатор, Тој ме издига на карпа. (Псалм 27:5 - Душан Х. Константинов)

    „Во филмот „Мечката“, мече чијашто мајка починала се придружува на мечок-самотник и обајцата почнуваат заедно да патуваат. Еден од омилените делови од филмот ми е кога се разделуваат, а мечето наидува на пума. Додека таа му се приближува, тоа застанува на задните нозе обидувајќи се да ја преплаши. Пумата во тој момент почнува да оди назадечки. Мечето си помислува дека тоа ја исплашило, но она што всушност се случува е дека мечокот стои зад него и пумата всушност отстапува пред мечокот.
    Ние можеби не му изгледаме многу страшни на нашиот непријател (Ѓаволот), ама сепак имаме Татко Којшто е семоќен и стои зад нас за да нѐ одбрани секогаш кога тоа е неопходно. (Sharon Stonestreet на „Sermon Central“)

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што кога ќе Ти го посветам својот живот и целосно ќе се доверам на Тебе, секој миг Ти си крај мене за да ми бидеш водич и помагач – без разлика дали го чувствувам Твоето присуство или не.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

За да не заборавиме

    Потоа го зеде лебот, се заблагодари, го раскрши и им го раздаде, велејќи: „Ова е Моето тело кое се дава за вас; правете го ова за спомен на Мене!“ (Лука 22:19 – Стандарден Превод)

    Денеска во САД се одбележува Меморијалниот ден – државен празник „којшто почнал да се празнува во чест и сеќавање на војниците коишто загинале во Американската граѓанска војна (1868 година). Неговото значење потоа се проширува на сите граѓани на САД коишто загинале во војна. Националното одбележување се состои во полагање венец на Гробот на незнајните на Националните гробишта во Арлингтон“. (Енциклопедија Британика)
    Треба секој ден да се сеќаваме на сите оние коишто ги дале своите животи за нашата слобода, како и со посебна благодарност да го одбележуваме нивниот ден. Но, денеска исто така треба во молитва да се сетиме на сите наши христијански браќа и сестри коишто не ги вкусиле слободите во коишто ние уживаме.
    Бидејќи во текот на Втората светска војна бев дете во Австралија, многу јасно се сеќавам на она коешто Американците го направија за мојата татковина. Да не беа американските војници, со поддршка од американскиот Конгрес и народот, Австралија никогаш не би ја имала слободата во којашто ужива денеска – впрочем, исто како и најголемиот дел од Западниот свет.
    И покрај многуте слабости, Американците денес уживаат многу слободи за коишто би морале да бидат крајно благодарни! Сепак, ако САД не се одврати од плимата којашто ги одвлекува од нивното христијанско морално наследство и корени, мали се шансите и нашите деца, или децата на нашите деца, да бидат благословени со големите слободи коишто сѐ уште ги ужива Америка.
    Нека ни помага Бог нам во Западниот свет никогаш да не заборавиме каква слобода ни е дадена, оти „Правдата го возвишува народот, а гревот е срам на народите“. (Пословици 14:34 – Душан  Х. Константинов).
    Исус ни рекол да се сеќаваме на неговата крсна смрт. Покрај тоа, треба да се сеќаваме и на сите оние коишто ги положиле своите животи за овие прекрасни слободи коишто ги имаме, оти слободата се купува и се одржува по многу висока цена.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам денеска за оние коишто ги положиле своите животи за мојата земја и за мојата слобода. Помогни ни на сите во слободниот свет да бидеме постојано будни во морална крепост, праведен живот, со доверба во Тебе. Се молам и за сите оние коишто живеат под некаков јарем, онаму каде што е забрането да се проповеда Евангелието и да се живее христијански живот.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

30 мај 2010

Огледалце, огледалце мое...

    И бидете извршители на Словото, а не само слушатели кои се мамат себеси. Зашто, кој го слуша Словото, а не го исполнува, прилега на човек, кој го гледа своето сопствено лице во огледало, па откако ќе се погледне и замине, веднаш заборава каков бил. (Јаков 1:22-24 - Стандарден Превод)

    „Огледалце, огледалце мое... излажи ме!“ Нели сите ние понекогаш го посакуваме тоа?
    Дали за среќа или за несреќа, огледалата не лажат, освен ако не се искривени. А таквите огледала даваат и искривен одраз.
    Ако не си го држам зборот и не го сторам тоа коешто сум го ветил, и во мене има нешто искривено! Одржувањето на зборот и исполнувањето на ветувањата се карактерна одлика којашто би требало високо да се цени. Таквото поведение означува вистински и постојан интегритет на личноста.
    За жал, изгледа дека одржувањето на зборот денес не е работа околу којашто луѓето многу се потресуваат. Налик на еден човек со кого што соработував пред извесно време, а тврдеше дека е член на „Promise Keepers“. Тоа беше фарса. Тој ретко си го одржуваше зборот, ретко ги исполнуваше ветувањата.
    Човекот којшто не си го одржува зборот и ветувањата не е човек на кого што можете да се потпрете. Не можете да му верувате. Аналогно на тоа, не можете да се потпрете на човекот којшто тврди дека е христијанин, а не се труди искрено и постојано да го слуша и да го почитува и спроведува Божјиот Збор. Веројатно и не можете да му верувате... Апостолот Јаков тоа го заклучил пред 2.000 години.
    Ако сме созреани, така и ќе се однесуваме. Ако сме одговорни, одговорно и ќе се однесуваме. Ако сме искрени и си го држиме зборот, таков и ќе биде нашиот живот, па ќе важиме за мажи и жени чијшто збор за нив е закон.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми да бидам маж/жена од збор, и, со Твоја помош, да бидам човек којшто ќе се труди да го запознава и да го почитува Твојот збор. Секогаш и во секоја ситуација!
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

Гонет од загари

    Кралот Давид, Псалмистот, напишал: „Смилувај ми се о, Боже, имај милост за мене, оти во Тебе душата моја прибежиште наоѓа! Прибежиште ќе си пронајдам во сенката на твоите крилја додека не мине катастрофата“. (Псалм 57:1)

    А.К.Диксон пишува: „Еден мој драг пријател, голем љубител на ловечките хајки, ми ја раскажа следнава приказна: ,Кога едно утро станав многу рано, веднаш го чув бесното лаење и `ржење на загарите коишто го гонеа својот плен. Погледнувајќи во широката отворена ливада пред мене, видов како едно еленче трча преку полето, давајќи јасни знаци дека неговиот бег е при крајот и дека нема да издржи долго. Кога стаса до дрвената ограда, ја прескокна и застана на три метри од мене.
    Само еден миг подоцна, прескокнаа и два загари, па малиот елен ми се втрча и ја стави меѓу моите нозе. Го кренав малото суштество в прегратка, и вртејќи се лево-десно, ги разбркував загарите. Токму тогаш, токму таму, помислив дека сите кучиња на Западот не би смееле и не би можеле да го дофатат еленчето, бидејќи неговата слабост ја предизвика мојата сила`.
    На идентичен начин и човековата немоќност допира до Семоќниот Бог. Добро се сеќавам дека загарите на гревот трчаа по мојата душа сѐ додека не влетав во прегратката на Семоќниот Бог“. (А.К.Диксон цитиран од И.М. Баундс во „The Necessity of Prayer“. Извор:  Today's Wit & Wisdom Devotional.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што кога сум исплашен дека ќе потклекнам и ќе бидам проголтан од искушението - но сепак ќе се сетам да Те повикам на помош - секогаш доаѓаш да ме спасиш.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

15 мај 2010

Чувај се од препредените

    Санавалат и Гисем ми порачаа: „Дојди да се состанеме во Кефир, во Ононската Долина.” Но тие ми мислеа зло. (Неемија 6:2 – Душан Х. Константинов)

    Кога Неемија и Израелците речиси завршиле со обновата на ѕидините на Ерусалим, неколку векови пред Христос, на нивните непријатели многу тешко им паѓал нивниот напредок и се обиделе преку итроштина да го измамат Неемија и да се ослободат од него. Се обиделе да го одвлечкаат од работата и го канеле да се сретне со нив во Ононската Долина.
    Но одговорот на Неемија бил: „А, не!“. Тој знаел дека нивните приказни се неосновани, дека лажат. Постапил правилно, оти во спротивно ќе бил убиен, а Божјото дело попречено. Неемија останал верен на задолжението коешто му го дал Бог сѐ до мигот кога работата била завршена и ѕидините обновени. Не дозволил да биде завлечкан.
    Кога и да се вклучиме во Божјото дело, се појавува отпорот. Непријателот напаѓа во секоја прилика и вообичаено на најранливите места. Сатана е мајстор на измамата; затоа ние, исто како Неемија, мора да бидеме постојано свесни за неговите сплетки.
    Многу често доаѓа како ангел на светлината – навидум учител и промотор на вистината. Мнозина искрени христијани биле измамени и заблудени од авторитетни оратори со златна дарба, но кои истовремено биле измамнички лидери коишто тврдат дека доаѓаат во името Господово. „Бидете внимателни“, им рекол Исус на Своите ученици. „А Исус им рече: “Внимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот [верските водачи во времето на Исус] квас [погрешно учење]!“ (Матеј 16:6 – Стандарден Превод)
    Веројатно се повторувам, ама да нагласам уште еднаш – кога си во дилема, секогаш моли се Бог да ти ја разоткрие вистината. А колку сме потесно сврзани со нашата внатрешна вистина – односно, колку поискрени сме со самите себе – толку полесно и побргу ќе го „намирисаме“ (почувствуваме и препознаеме) лажното учење на оние коишто не се вистински Божји слуги.
    Затоа, секогаш биди на штрек и внимавај на лажните водачи со погрешни решенија.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помагај ми да бидам маж/жена на вистината, за секогаш да имам мудрост да ги препознаам сите лажни учења и никогаш да не бидам одвлечкан/а од вистинската наука на Твоето Слово, без разлика колку елоквентни и убедливи ќе бидат учителите.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

02 мај 2010

Не заборавај да се молиш

    Израелците ги проверија своите залихи, но не се обратија пред Господа. (Исус Навин 9:14)

    После ерата на Мојсеј, кога израелските војки предводени од Јошуа (Исус Навин) ја освојувале Ветената Земја којашто им ја опишал Бог, околните кралеви и народи биле преплашени – и со добра причина! Та Бог бил со Израелците и им давал величествени победи каде и да тргнат.
    Но луѓето од Гибеон, соседна земја, прибегнале кон измами и го надмудриле Јошуа. Тие му испратиле делегација под перфидна измама дека доаѓаат од далечна земја, за да може да го измамат Јошуа да склучи спогодба со нив. Нивните магариња пренесувале испокинати вреќи и стари вински мешини коишто биле испукани и крпени. Носеле стара облека и износени и испокинати сандали, а лебот којшто го носеле со себе бил исушен и мувлосан.
    Нивната измама успеала. Јошуа потпишал спогодба со нив и дури потоа открил дека станува збор за едно соседно племе од земјите за коишто Бог му заповедал на Јошуа да ги уништи поради нивниот неморал. А потоа веќе морале да живеат со последиците.
    Грешката на Јошуа се состои во тоа што тој ја склучил спогодбата без да се моли и да бара водство од Бог! Тука лежи навистина кардинална лекција за сите нас.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што си ја вклучил оваа приказна во Твоето Слово, Библијата, како сликовит потсетник за мене да ги барам Твоето водство и насочување за секој аспект на мојот живот, за да може постојано да живеам во хармонија со Твојата совршена волја.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

01 мај 2010

Како до поплодотворна молитва?

    Исус рече: „Допуштете им на децата да дојдат кај мене и немојте да ги спречувате, оти Царството Небесно им припаѓа на таквите како нив“. (Матеј 19:14)

    Читателка на „Daily Encounter“ ми пишува: „Како да му објаснам на моето дете како Бог одговара на молитвите? Мојот најстар син, којшто има 6 години, се моли да нема кошмари цела ноќ, како и за помош околу неговото постигање на училиште. Како да му ја зацврснам верата во Бог, кога не смета дека молитвите му се одговорени?“
    Драга Сузан (не е вистинското име – заб. авт.): Ова всушност е идеална можност да го научите својот син да се моли на начин којшто донесува одговор од Бог на молитвите. Објаснете му дека обајцата треба да Го прашате Бог зошто има кошмари, зошто се плаши навечер и зошто има проблеми на училиште. Објаснете му дека сите тие работи се предизвикани од други стравови во неговиот живот коишто мора да се испитаат и да се сфатат, за да може да ја добие помошта неопходна да ги надмине. Можете да го научите дека ако сакаме Бог да ни ги одговори молитвите, мора да се научиме да се молиме со вистинските молитви.
    Неговите кошмари и проблеми на училиште се несомнено симптоми на нешто во неговото секојдневие коешто силно го вознемирува. Токму затоа е важно да се побара од Бог да ги покаже причината или причините на неговите кошмари и проблеми и да ве поведе до помошта којашто е неопходна за да се надминат стравовите.
    Доколку постои некаков конфликт во домот, ако неговиот татко ве напуштил, ако има конфликт со брат или сестра или пак некој на училиште го малтретира - сите тие нешта може да му создадат кошмари. Постојаните кошмари се обично симптом на некој познат или непознат страв. Би Ви сугерирал и веднаш да побарате некој компетентен христијански детски советник за да му помогне да ги надмине своите стравови. Доколку не се преземат мерки веднаш, обично станува полошо.
    Доколку имате потреба од советници за одредени проблеми, од голема помош може да Ви бидат ресурсите посочени тука.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми во сите мои лични проблеми и во проблемите на моите деца и на моето семејство првин да ја видам причината на тие проблеми, а потоа, за да ги надминам/надминеме, помогни ми да ја пронајдам помошта за себе/за своите блиски.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.