18 април 2010

Моето нарушување на хранењето ме изедува

Затоа и ние, кои имаме околу себе толкав облак сведоци, да ги отфрлиме настрана секое бреме и грев кој лесно нѐ сплеткува, и да ја трчаме со трпение трката што ни претстои (Евреите 12:1 - Стандарден Превод)

    Читателка на „Daily Encounter“ ми напиша: „Потребна ми е помош. Моето нарушување на хранењето ме изедува. Се обидов да го предадам на Бог, но не сум сигурна дека тоа сум го направила од срце. Сакам да престанам, ама навлечена сум на идејата за слабо тело“.
    Кога јадењето премногу или премалку станува зависност, проблемот е сериозен. Согледувањето што е причината на овој проблем може да биде најтешката работа што ќе треба да се направи; огромен напор ни е нужен за да го постигнеме тоа... Кај сите зависности, проблемот којшто го гледаме - очевидниот проблем - обично е само симптом на вистинскиот проблем, „врв на сантата мраз“.
    Иако треба да се третираат и симптомите, од клучна важност е да се справиме со коренот на проблемите и да го елиминираме. Ако се третираат само симптомите, коренот набргу ќе избие во некоја друга област. Знам еден човек којшто тврдеше дека е излекуван од алкохолизмот во мигот кога станал христијанин. Но реално, сѐ што се случило кај него е промена од алкохоличар во гневохоличар!
    Заедничкиот именител на многу, ако не и на најголемиот број зависности, е дека некогаш во минатото, а главно во раното детство, имало одредено нарушување со недостиг во сферата на љубовта. Зависничкото однесување се применува за да се залекува и спречи болката од внатрешната повреда на човекот поради почувствувана несоодветна и недоволна љубов.
    Сепак, покрај барањето помош од Бог и молитва за избавување, има и работи коишто се наша одговорност. Исто како што добиваме повреди во повредувачки однос, така добиваме и исцелување во исцелувачки однос. Токму затоа групите за поддршка, како што е програмата „12 Чекори“ може да бидат од голема полза, а пак третманите со умешен советник или со терапевт се неопходни, често дури од животна важност...
    Како што алкохоличарите мора да бидат во група за поддршка „Анонимни алкохоличари“, така и храно-холичарите мора да се придружат на група на „анонимните прејадувачи“ или која и да било група којашто е насочена кон пружање помош за нив. Таму тие ќе може да бидат сакани и прифатени такви какви што се. Бидејќи нарушувањата во љубовта ги гонат луѓето во зависности, безусловната љубов е едно од најдобрите палијативни и исцелувачки средства за избавување од зависноста. Кога луѓето се чувствуваат искрено љубени и прифатени, потребата да се „изразуваат“ преку автодеструктивни зависнички поведенија се намалува во голема мерка.
    Групата за поддршка, исто така, им помага на зависниците да се чувствуваат одговорни за своето поведение, оти има некој комушто му се полага сметка. Само кога зависникот ќе сопре со своето зависничко однесување и ќе се соочи со вистинската болка од неговата повреденост или од отфрлањето, ќе може да се соочи со коренот на својот проблем и да се ослободи од него.
    Првично повеќе информации за донесување одлука да ѝ ставите крај на својата зависност може да побарате и тука.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што ме сакаш и ме прифаќаш каков што сум... дури и со мојата зависност... (тука сега можеш на Бог да му ја признаеш по име). Ти благодарам и што ме сакаш премногу за да не ме оставиш каков што сум. Го признавам мојот проблем и те молам дај ми храброст да се справам со коренот на мојот проблем. Те молам дај ми ја помошта којашто ми е неопходна за да го поразам проблемот.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.