13 март 2010

Што и да правиш, не почивај на ловорики

Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што нѐ задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да нѐ заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи. Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. (Евреите 12:1-2 - Динамичен Превод)

Во напис во магазинот „Leadership“ Џ. Дејвид Бјанчин, користејќи аналогија на кошаркарски меч, го раскажува следново: „Во регионалните финални натпревари на НКАА (Националната атлетска асоцијација на високото образование во САД) во 1987 година, тимот на Државниот универзитет на Луизијана само неколку минути пред крајот водеше пред Индијана со осум поени. Како што често е случај со тимовите коишто се во водство, Луизијанците почнаа да играат по друга тактика. Телевизискиот коментатор забележа дека тие почнуваат да гледаат на часовникот, наместо со цело срце да играат. Како резултат на тоа поместување на фокусот, Индијана многу бргу го поништи водството и на крајот победи со еден поен. Потоа продолжи понатаму и стана шампион на НКАА“.
Во секојдневието, не се осмелуваме да заспиеме на ловорики, да ја засноваме нашата безбедност на минатите победи, оти постојано со жива слика сме потсетувани на терористичките напади и на неодамнешните насилства насекаде низ светот. „Постојаната будност е [сѐ уште] цената којашто мора да се плати за слободата“.
Колку пак поголема е потребата за постојана будност во работењето за Божјото царство! Божјото Слово ни вели: „Бидете трезвени и постојано на штрек! Внимавајте! Вашиот непријател, Ѓаволот, како разјарен лав обиколува и си бара жртва за растргнување. Спротивете му се, без да се колебате во верата“. (1 Петр. 5:8-9 - Динамичен Превод). Оти „Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори“. (Ефешаните 6:12 - Динамичен Превод).
Да даде Бог и ние, како апостол Павле, да може да кажеме: „Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа, но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од сѐ срце да се стремам кон она што е пред мене. Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, нѐ повика“. (Филипјаните 3:13-14 - Динамичен Превод).
Тоа со Божја благодат можеме да го направиме, како што напишал и псалмистот Давид: „Господ е мојата светлина и моето спасение - од кого тогаш да се бојам? Господ е утврдението на мојот живот - од кого тогаш да се плашам? (Псалм 27:1).

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Милостив Боже, Ти благодарам за Твоето велико Спасение, постигнато преку дарувањето на Твојот Син Исус, како и за сите неискажливи благослови коишто си ги обезбедил за Твоите деца и за тука на Земјата и за Вечноста. Сега Те молам да ми помогнеш да не заспивам на ловорики, туку постојано погледот да ми биде вперен во целта и да Ти служам верно во сите денови на мојот живот.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.