10 март 2010

Патеката до целта

Зашто, ако праведникот падне и седумпати, тој станува (Пословици 24:16 – Душан Х. Константинов)

Во својата книга „Peak Performers (Врвни постигнувачи)“ д-р Џејмс Гарфилд објаснува како астронаутите ги одржувале вселенските летала на курсот.
„Велат дека на летовите од Земјата до Месечината, леталата „Аполо“ повеќе биле надвор од курсот отколку на него. Во секој таков миг кога леталото ќе скршнело од планираната патека, екипажот ќе го врател на курсот – скршнување и враќање, скршнување и враќање, одново и одново... А знаете ли што? Не било важно што мора да се прават корекции. Битни биле резултатите. Астронаутите стасувале до Месечината. Потоа се враќале дома. Тоа го правеле со дисциплина и знаењето да се вратат на курсот. Не следеле совршена патека, туку стресна, ама правилна патека“.
Без разлика дали сакаме да патуваме на Месечината, дали сакаме да постигнеме подобар личен или семеен живот, или пак се трудиме да го почитуваме и слушаме Бог, принципот е секогаш ист. Секогаш ќе има непредвидливи и неочекувани
настани коишто ќе изискуваат измени и прилагодувања. Иако астронаутите морале да бидат прецизни при своите пресметки, тие сепак претпоставувале дека ќе има грешки и корекции. Човекот којшто не е свесен за потребата за прилагодувања веројатно нема да ги постигне зацртаните цели.
Како што вели Гарфилд, стресната, ама правилна патека води до целта – која и да е таа!
За христијанинот, целта е почитување и послушување на Бог и чекорење кон зрелоста. На моменти ќе се сопнуваме, ќе правиме грешки, ќе паѓаме и ќе наидеме на многу дупки по патот. Но, кога ќе паднеме, важно е да станеме, да го корегираме курсот и да продолжиме кон зацртаната цел.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, секој ден Ти ги предавам мојот живот и моите намери и го посветувам животот на служење Тебе. Ти благодарам што секогаш си со мене за да ме водиш и да го насочуваш мојот живот, да ги корегираш моите погрешни или штетни свртувања коишто можеби ќе ги направам. Те молам одржувај ме насочен кон целта со целите и намерата коишто си ги зацртал за мене.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.