09 март 2010

Според твојата вера

Исус рече: „Ако можеш?! Сѐ е можно за оној што верува!“ Веднаш потоа таткото на момчето извика: „Верувам, помогни ми да го надминам моето неверие!“ (Марко 9:23-24)

Ерл Најтингејл раскажува за тест на силата во којшто луѓето требало да стиснат динамометар (направа којашто ја мери силата на стисокот на раката) најсилно што можат. Откако еднаш им го измериле стисокот, луѓето биле хипнотизирани, при што им било кажано дека се многу силни. Кога ги замолиле пак да ја стиснат направата, резултатите биле подобри во просек за 40 отсто.
Нивната физичка сила не се зголемила додека биле под хипноза, зголемена била само нивната способност да ја користат таа сила. Подобрувањето не се должело на хипнозата, туку на нивната верба во себе.
Кога поради нешто ќе поверуваме дека сме посилни, реагираме соодветно на уверувањето. Се вели понекогаш дека сите ние одиме низ животот „само-хипнотизирани“, во смисла дека голем дел од тоа коешто сме е одредено од она коешто ни го кажале другите - но и од она коешто сме го кажале самите - и сме поверувале во сето тоа!
Она коешто треба да го правиме е да слушаме што Божјото Слово, Библијата, вели за нас, да веруваме во тоа и да постапуваме соодветно на таквото верување. Како што вели апостолот Павле: „Можам да сторам сѐ преку Христос, Којшто ми дава за тоа сила“ [односно, оние нешта коишто се во хармонија со Божјата волја] (Филипјаните 4:13)
Една работа научив со текот на времето - Бог никогаш не нѐ повикува да направиме нешто за коешто не нѐ оспособил. А нѐ повикува сите да бидеме верни слуги на Неговото дело на Земјата и да бидеме верни управители на сето она коешто ни го подарил: нашето време, талентите, парите и сите други наши ресурси.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, доаѓам пред Тебе и Ти се ставам на располагање. Те молам искористи ме како дел од Твоите планови и од Твоето дело во светот денес. Како таткото којшто се сомневал, наведен во погоре цитираниот дел од Новиот Завет, и јас верувам: помогни ми да го надминам целото мое неверие.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.