06 март 2010

Би го дал својот живот

Зашто, додека уште бевме беспомошни, во определено време, Христос умре, за безбожниците. За праведник одвај некој ќе умре, а за добар човек можеби некој и ќе се осмели да умре. Но Бог ја покажува Својата љубов спрема нас, со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници. (Римјаните 5:6-8 – Стандарден Превод)

Во 2000 година во октомврискиот број на списанието „Дисижен“ (Decision) излезе писмото на еден анонимен млад човек со приказната за неговото преобраќање. Неколку години претходно бил заглибен и тонел во мочуриштето на дрогите и на злоупотребата на алкохолот. Неговиот постар брат Тери извесно време пред тоа го споделувал истиот животен стил; но во периодот споменат погоре веќе бил преобратен христијанин, а тоа предизвикало моментална промена на неговиот стил на живот. Ентузијастички зборувал за својата вера со секој во неговата близина.
Неколку месеци после преобраќањето на Тери, супермаркетот во којшто тој работел бил ограбен. Еден од разбојниците му пукал на Тери во грбот, и додека Тери во болницата балансирал на границата меѓу животот и смртта, неговиот помлад брат конечно се обратил на Бог и почнал да се моли. На Тери својата одлука му ја соопштил неколку дена пред тој да почине.
Неколку месеци подоцна, братот на Тери се вработил во истиот супермаркет во којшто бил застрелан Тери. Почнал на колегите да им сведочи за својата вера. Еден колега му кажал дека неговиот постар брат го правел истото. Потоа додал: „Твојот брат рече дека би го дал својот живот за ти да го прифатиш Господ Исус Христос“.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Дарежлив Боже, како би можел воопшто да Ти заблагодарам за дарот, Твојот Син Исус, Којшто го даде Својот живот на крстот за сите гревови да ми бидат простени и во вечноста да бидам на Небесата со Тебе. Исусе, Ти благодарам што го даде Својот живот за мене и Те молам помогни ми мојот живот да го живеам во целост за Тебе и за Твоето кралство.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.