28 март 2010

Вистинската религија

Ова е чиста и неизвалкана религија пред Бога и Таткото: да се посетуваат сираците и вдовиците кога се во нивната невола, и да се биде неосквернет од светот. (Јаков 1:27 - Стандарден Превод)

    Покојната Карен Карпентер тажникаво пееше: „Loneliness, it's such a sad affair.“ („Самотија, колку тажно звучи тоа“). Тоа е животна вистина за мнозина во денешниот дигитален свет.
    Празниците, како што се Божик, Нова година, Велигден, родендените, па дури и викендите, се радосни мигови за мнозина. За други пак, тоа се најосамените периоди во годината; тоа посебно се однесува на оние коишто се и онака осамени, оние коишто загубиле сопружник или дете, возрасните-самци... Сите тие паметат посреќни времиња и посебно во вакви мигови страдаат од длабока осаменост.
    Мнозина читатели на „Daily Encounter“ знаат што значи ова. Некои од нив сега се во таква состојба. Знам каква е таа болка. Токму затоа, сите ние мора да бидеме осетливи за потребите на сите во нашите кругови на врски, роднински или пријателски, споменувајќи си дека многу насмеани лица сокриваат раскрвавени срца...
    Треба да посегнеме кон оние коишто се осамени и страдаат - поканете ја/го, или пак нив, на ручек. Јавете им се или испратете им електронско писмо за да им кажете дека мислите на нив. Прашајте дали би можеле нешто да сторите за нив. Посетете постар пријател или роднина. Купете подароци за деца од некое семејство коешто е сиромашно. Обезбедете храна за сиромашните.
    Имав еден драг пријател којшто го запознав уште во градинка. Заедно бевме и во основно и во средно училиште. Заедно служевме војска и, иако живеевме илјадници милји далеку еден од друг, никогаш не загубивме контакт. Пред извесно време мојот пријател влезе во неприлики, се обескуражи, се повлече во себе и си го одзеде животот. Трагична загуба!
    За жал, никогаш не ме извести за својот проблем. Тажно е тоа што во миговите на нужда ние возрасните забораваме да побараме пријателска рака и да побараме помош и поддршка кога ни се потребни, за, како што поучува Исус „да си ги носиме бремињата еден на друг и така да го исполниме Христовиот закон“. Така, впрочем, ќе спроведуваме чиста и вистинска религија!

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам за сите бесконечни благослови со коишто ме опсипуваш. Помагај ми секогаш да бидам одговорен, исполнет со љубов, љубезен, човек којшто ќе излезе в пресрет на другите... А пред сѐ да бидам Христолик во сѐ што кажувам и правам. Кога пак ќе ми биде потребна помош, дај ми храброст да се отворам и да признаам дека имам проблем и да побарам помош.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

27 март 2010

Каде е алката којашто недостига?

Во почеток Бог ги создаде небото и земјата. Бог рече: „Да направиме човек во Нашиот лик, според Нашата сличност, и нека владеат над морските риби, над небесните птици и над добитокот - над сета земја - и над сите лазачи што ползат по земјата!” Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско. (Битие 1:1,26-27 - Душан Х. Константинов)

„Еволуционистите силно се опираат на идејата дека човекот произлегол од човеколиките мајмуни. Тие инсистираат дека обата вида произлегуваат од хипотетски предок сроден на човеколиките мајмуни, односно од алка којашто недостига. Во нивната приказна, човекот и приматите се разделиле од имагинарниот предок пред околу 7 милиони години. Но нема докази дека овој „предок“, тн. „алката којашто недостига“ навистина некогаш постоел.
Ако било така, секако некои припадници на видот би биле фосилизирани. Но досега не се најдени такви остатоци.
Бидејќи фосилни докази нема, ајде да го разгледаме проблемов од гледна точка на генетиката. Колку генетски мутации се потребни за еден човеколик предок да премине во човек? Единствениот начин за којшто знаеме да се создадат нови гени е да се изменат постоечките гени преку случајни мутации. Најдобрите усовршувања коишто досега ги забележала науката донеле само прекомбинирања на гените.
Најголемиот број мутации ја деградираат генетската информација и така му нанесуваат штета на потомството. Голем број мутации може да бидат фатални. На еволуцијата би ѝ биле потребни трилиони иновативни мутации за да произведе човек од пониските животни форми. А досега такви не се забележани“. (Извор; адаптирано од „If Apes Evolved into Humans, Why Do We Still Have Apes?“ на Dr. John D. Morris; Institute for Creation Research, November 2006)
Јас не сум научник, ниту сум пак син на научник, но сум научил доволно за да знам дека насекаде и во голема мерка луѓето веруваат во она во коешто сакаат да веруваат, она коешто ќе го одберат како најсоодветно за нив.
Јошуа (Исус Навин) им рекол на древните Израелци: „Одберете сами овој ден кому сакате да му служите... Што се однесува до мене и до моето семејство, ние ќе Му служиме на Господ“. (Исус Навин 24:15)
Ако досега не си одбрал кому ќе му служиш, те повикувам да му се посветиш на Единствениот, на Вистинитиот - на Господ Исус Христос.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам за нас. Ти благодарам што си Големиот Создател и што светот и сѐ во него е создадено од Тебе и е во Твоите дланки. Ти благодарам и што, откако сум одбрал да верувам во Тебе и да Ти го доверам мојот живот, мојата судбина и мојата вечна иднина се сигурни во Твоите раце.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

14 март 2010

Денот што го смени светот

Јас сум Живиот; бев мртов, и еве, Жив Сум во сите векови и ги имам клучевите на Адот и смртта. (Откровение 1:18 – Стандарден Превод)

Се сеќавам на една приказна за татко којшто бил фатен од снежна бура заедно со своите две малечки ќерки и го загубил патот. Кога паднала ноќта, ги завиткал ќерките во своето палто и легнал врз нив за да спречи тие да смрзнат до смрт. Следниот ден потрагата ги пронашла. Девојчињата биле живи и здрави, но нивниот татко бил  смрзнат. Го дал својот живот за да ги спаси оние коишто ги сакал.
Тоа за тебе и за мене го направил и Исус. Го дал својот живот на Римскиот крст пред околу 2.000 години за да ги отплати и избрише последиците на нашите гревови – коишто пак ја претставувааат смртта, односно духовната и вечна смрт; којашто не е едноставно престанок на животот, туку е вечна одвоеност од Бог, авторот и создателот на сета љубов и на сиот живот.
Но кога воскреснал од гробот, Исус засекогаш ја премавнал силата на смртта и гревот. Со тоа, Тој дава гаранции за воскресение и вечен живот на сите оние коишто ќе го прифатат како свој личен Спасител и Господ.
Риви Закаријас ги изразува Христовите смрт и воскресение во овие едноставни, но истовремено и многу продлабочени зборови: „Учениците биле оние коишто биле бележани за смрт. Тие коишто Го надживеале Исус, биле вистинските мртви. А Тој, Исус, мртвиот, биле всушност оној живиот“.
Бидејќи Исус е Живиот, денот кога Тој воскреснал од мртвите бил денот кога светот бил засекогаш сменет. А денот кога ти и јас ќе ги предадеме своите животи Нему и ќе ја примиме бесплатната Негова прошка е денот којшто ќе ги смени нашите животи. Довека! Засекогаш!

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:

Драг Боже, како и би можел доволно да Ти заблагодарам за големата жртва којашто си ја направил давајќи го Твојот Син Исус да умре на крстот наместо мене и така да ја плати цената на сиот мој грев! Драг Исусе, поради Твојата смрт, помогни ми да Те сакам онака како што би требало и да ги посветам сите мои денови до крајот на земниот живот на Тебе.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

13 март 2010

Што и да правиш, не почивај на ловорики

Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што нѐ задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да нѐ заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи. Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. (Евреите 12:1-2 - Динамичен Превод)

Во напис во магазинот „Leadership“ Џ. Дејвид Бјанчин, користејќи аналогија на кошаркарски меч, го раскажува следново: „Во регионалните финални натпревари на НКАА (Националната атлетска асоцијација на високото образование во САД) во 1987 година, тимот на Државниот универзитет на Луизијана само неколку минути пред крајот водеше пред Индијана со осум поени. Како што често е случај со тимовите коишто се во водство, Луизијанците почнаа да играат по друга тактика. Телевизискиот коментатор забележа дека тие почнуваат да гледаат на часовникот, наместо со цело срце да играат. Како резултат на тоа поместување на фокусот, Индијана многу бргу го поништи водството и на крајот победи со еден поен. Потоа продолжи понатаму и стана шампион на НКАА“.
Во секојдневието, не се осмелуваме да заспиеме на ловорики, да ја засноваме нашата безбедност на минатите победи, оти постојано со жива слика сме потсетувани на терористичките напади и на неодамнешните насилства насекаде низ светот. „Постојаната будност е [сѐ уште] цената којашто мора да се плати за слободата“.
Колку пак поголема е потребата за постојана будност во работењето за Божјото царство! Божјото Слово ни вели: „Бидете трезвени и постојано на штрек! Внимавајте! Вашиот непријател, Ѓаволот, како разјарен лав обиколува и си бара жртва за растргнување. Спротивете му се, без да се колебате во верата“. (1 Петр. 5:8-9 - Динамичен Превод). Оти „Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори“. (Ефешаните 6:12 - Динамичен Превод).
Да даде Бог и ние, како апостол Павле, да може да кажеме: „Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа, но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од сѐ срце да се стремам кон она што е пред мене. Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, нѐ повика“. (Филипјаните 3:13-14 - Динамичен Превод).
Тоа со Божја благодат можеме да го направиме, како што напишал и псалмистот Давид: „Господ е мојата светлина и моето спасение - од кого тогаш да се бојам? Господ е утврдението на мојот живот - од кого тогаш да се плашам? (Псалм 27:1).

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Милостив Боже, Ти благодарам за Твоето велико Спасение, постигнато преку дарувањето на Твојот Син Исус, како и за сите неискажливи благослови коишто си ги обезбедил за Твоите деца и за тука на Земјата и за Вечноста. Сега Те молам да ми помогнеш да не заспивам на ловорики, туку постојано погледот да ми биде вперен во целта и да Ти служам верно во сите денови на мојот живот.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

10 март 2010

Патеката до целта

Зашто, ако праведникот падне и седумпати, тој станува (Пословици 24:16 – Душан Х. Константинов)

Во својата книга „Peak Performers (Врвни постигнувачи)“ д-р Џејмс Гарфилд објаснува како астронаутите ги одржувале вселенските летала на курсот.
„Велат дека на летовите од Земјата до Месечината, леталата „Аполо“ повеќе биле надвор од курсот отколку на него. Во секој таков миг кога леталото ќе скршнело од планираната патека, екипажот ќе го врател на курсот – скршнување и враќање, скршнување и враќање, одново и одново... А знаете ли што? Не било важно што мора да се прават корекции. Битни биле резултатите. Астронаутите стасувале до Месечината. Потоа се враќале дома. Тоа го правеле со дисциплина и знаењето да се вратат на курсот. Не следеле совршена патека, туку стресна, ама правилна патека“.
Без разлика дали сакаме да патуваме на Месечината, дали сакаме да постигнеме подобар личен или семеен живот, или пак се трудиме да го почитуваме и слушаме Бог, принципот е секогаш ист. Секогаш ќе има непредвидливи и неочекувани
настани коишто ќе изискуваат измени и прилагодувања. Иако астронаутите морале да бидат прецизни при своите пресметки, тие сепак претпоставувале дека ќе има грешки и корекции. Човекот којшто не е свесен за потребата за прилагодувања веројатно нема да ги постигне зацртаните цели.
Како што вели Гарфилд, стресната, ама правилна патека води до целта – која и да е таа!
За христијанинот, целта е почитување и послушување на Бог и чекорење кон зрелоста. На моменти ќе се сопнуваме, ќе правиме грешки, ќе паѓаме и ќе наидеме на многу дупки по патот. Но, кога ќе паднеме, важно е да станеме, да го корегираме курсот и да продолжиме кон зацртаната цел.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, секој ден Ти ги предавам мојот живот и моите намери и го посветувам животот на служење Тебе. Ти благодарам што секогаш си со мене за да ме водиш и да го насочуваш мојот живот, да ги корегираш моите погрешни или штетни свртувања коишто можеби ќе ги направам. Те молам одржувај ме насочен кон целта со целите и намерата коишто си ги зацртал за мене.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

09 март 2010

Според твојата вера

Исус рече: „Ако можеш?! Сѐ е можно за оној што верува!“ Веднаш потоа таткото на момчето извика: „Верувам, помогни ми да го надминам моето неверие!“ (Марко 9:23-24)

Ерл Најтингејл раскажува за тест на силата во којшто луѓето требало да стиснат динамометар (направа којашто ја мери силата на стисокот на раката) најсилно што можат. Откако еднаш им го измериле стисокот, луѓето биле хипнотизирани, при што им било кажано дека се многу силни. Кога ги замолиле пак да ја стиснат направата, резултатите биле подобри во просек за 40 отсто.
Нивната физичка сила не се зголемила додека биле под хипноза, зголемена била само нивната способност да ја користат таа сила. Подобрувањето не се должело на хипнозата, туку на нивната верба во себе.
Кога поради нешто ќе поверуваме дека сме посилни, реагираме соодветно на уверувањето. Се вели понекогаш дека сите ние одиме низ животот „само-хипнотизирани“, во смисла дека голем дел од тоа коешто сме е одредено од она коешто ни го кажале другите - но и од она коешто сме го кажале самите - и сме поверувале во сето тоа!
Она коешто треба да го правиме е да слушаме што Божјото Слово, Библијата, вели за нас, да веруваме во тоа и да постапуваме соодветно на таквото верување. Како што вели апостолот Павле: „Можам да сторам сѐ преку Христос, Којшто ми дава за тоа сила“ [односно, оние нешта коишто се во хармонија со Божјата волја] (Филипјаните 4:13)
Една работа научив со текот на времето - Бог никогаш не нѐ повикува да направиме нешто за коешто не нѐ оспособил. А нѐ повикува сите да бидеме верни слуги на Неговото дело на Земјата и да бидеме верни управители на сето она коешто ни го подарил: нашето време, талентите, парите и сите други наши ресурси.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, доаѓам пред Тебе и Ти се ставам на располагање. Те молам искористи ме како дел од Твоите планови и од Твоето дело во светот денес. Како таткото којшто се сомневал, наведен во погоре цитираниот дел од Новиот Завет, и јас верувам: помогни ми да го надминам целото мое неверие.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

07 март 2010

Проклетството на теолошката крутост

Пасете го Божјото стадо, кое е меѓу вас и надгледувајте го, не со принуда, туку доброволно, како што Бог сака; не со желба за нечесна печалба, туку со искрено срце; и не како да господарите над такви кои ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. (1 Петр. 5:2-3 – Стандарден Превод)

Луѓето коишто се теолошки крути се сушта спротивност на она кон што Божјото Слово ги поттикнува. Тие себеси се гледаат како многу духовни луѓе и како добри христијани. Но и Фарисеите во времето на Исус се гледале себеси така!
Факт е дека луѓето коишто се теолошки крути воопшто не се духовни. Тие се теолошки крути оти се емоционално крути. А такви – емоционално крути – се оти живеат во негирање. Ги негираат своите несигурности и внатрешните неразрешени болни места. Некои од нив се многу гневни. Други се опседнати со контролирањето – на себеси и на другите. Некои пак се обележани од обеве состојби.
Теолошки крутите луѓе коишто ќе станат водачи во црква (или пак во политичкиот живот или во која било друга сфера) им нанесуваат голема штета на луѓето - и психолошка и духовна. Тие ги одржуваат луѓето во состојба на несозреаност, на претерана зависност, но и на негирање – односно, состојбата во којашто се наоѓаат и крутите водачи. Таквите водачи, како и фарисеите, ги сакаат своите правила повеќе од луѓето. Тие ги користат луѓето за да ги исполнат своите манипулаторски цели. Тие се легалисти коишто бараат другите да се вклопат во нивните нереални очекувања, а ако одбијат да постапуваат така, ќе бидат соочени со отфрлање. Во некои религиозни и политички средини луѓето коишто ќе ги одбијат таквите замисли може да доживеат целосен бојкот и/или дури да бидат убиени.
Божјото Слово ги опишува луѓето коишто ќе се вратат во легализам како маѓепсани (Галатите 3:1).
Но не заборавајте дека крутите луѓе може да нѐ контролираат само ако ние им го дозволиме тоа. Во некои екстремни културни средини, човек може да биде присилен на надворешна контрола или да биде убиен, но битниот момент е што, со Божја помош, човек, секако, може да ја задржи контролата врз својот ум и врз своите верувања.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:

Драг Боже, Те молам избави ме од стапицата и проклетството на теолошката крутост и легализмот и дај ми ум да ги препознаам секогаш кога ќе се појават.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

06 март 2010

Би го дал својот живот

Зашто, додека уште бевме беспомошни, во определено време, Христос умре, за безбожниците. За праведник одвај некој ќе умре, а за добар човек можеби некој и ќе се осмели да умре. Но Бог ја покажува Својата љубов спрема нас, со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници. (Римјаните 5:6-8 – Стандарден Превод)

Во 2000 година во октомврискиот број на списанието „Дисижен“ (Decision) излезе писмото на еден анонимен млад човек со приказната за неговото преобраќање. Неколку години претходно бил заглибен и тонел во мочуриштето на дрогите и на злоупотребата на алкохолот. Неговиот постар брат Тери извесно време пред тоа го споделувал истиот животен стил; но во периодот споменат погоре веќе бил преобратен христијанин, а тоа предизвикало моментална промена на неговиот стил на живот. Ентузијастички зборувал за својата вера со секој во неговата близина.
Неколку месеци после преобраќањето на Тери, супермаркетот во којшто тој работел бил ограбен. Еден од разбојниците му пукал на Тери во грбот, и додека Тери во болницата балансирал на границата меѓу животот и смртта, неговиот помлад брат конечно се обратил на Бог и почнал да се моли. На Тери својата одлука му ја соопштил неколку дена пред тој да почине.
Неколку месеци подоцна, братот на Тери се вработил во истиот супермаркет во којшто бил застрелан Тери. Почнал на колегите да им сведочи за својата вера. Еден колега му кажал дека неговиот постар брат го правел истото. Потоа додал: „Твојот брат рече дека би го дал својот живот за ти да го прифатиш Господ Исус Христос“.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Дарежлив Боже, како би можел воопшто да Ти заблагодарам за дарот, Твојот Син Исус, Којшто го даде Својот живот на крстот за сите гревови да ми бидат простени и во вечноста да бидам на Небесата со Тебе. Исусе, Ти благодарам што го даде Својот живот за мене и Те молам помогни ми мојот живот да го живеам во целост за Тебе и за Твоето кралство.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

05 март 2010

Компулсивната потреба да се спасува другиот

Секој треба да го носи својот товар. (Галатите 6:5 – Стандарден Превод)

Една читателка на „Daily Encounter“ ми пишува:
„Мојата пријателка Џејн (не е вистинското име – заб.авт.) е скршена. Момчето со когошто беше четири години во врска ѝ раскина, а сепак постојано ѝ се јавува. Таа сѐ уште многу го сака. Многу ѝ е тешко, посебно сега откако тој ѝ кажа дека ја забременил сегашната девојка.
Мојата пријателка се чувствува одговорна за него и се обвинува себеси што дозволила тој да застрани и што не била доволно цврста со него. Како можам да ѝ помогнам да излезе од таа состојба?“
Ова е уште еден пример за повратна зависност (co-dependency), ситуација некој да ја презема одговорноста за некого. Тоа, се разбира, не е љубов. Тоа е потреба. Поточно, човек чувствува потреба да биде неопходен некому (да спасува некој друг) за да може да се чувствува добро и за да биде задоволен од себеси. Некој би можел да се запраша: „Како па таа би можела да биде одговорна за маж којшто забременил друга жена?!“
И навистина тоа е избезумувачки став. Но не гледа така на работите човекот којшто зависи од грижата за другите. Тој не гледа на неговата состојба како психолошки комплекс на Месија. Проблемот на ваквиот човек е исто толку реален колку и проблемот на човекот комушто сака да му помогне. Сѐ додека го прави тоа, ваквиот повратно-зависен човек не мора да се соочува со сопствените проблеми.
Помеѓу другите работи, повратно-зависниот човек секогаш се обидува да ги спречи природните последици на нечие негативно однесување. Но само ако тој реши да се тргне настрана и дозволи проблематичниот човек да се соочи со последиците на своето деструктивно однесување, ќе може овој вториов да ја увиди реалноста и да ја добие помошта којашто му е неопходна за да се подобри. Нема гаранција, се разбира, дека до тоа навистина ќе дојде, но сѐ додека ги спасуваме проблематичните луѓе, всушност сме цврста гаранција дека никогаш нема да се подобрат.
Затоа се обраќам на сите вакви „спасители“, од коишто јас веројатно сум најлошиот: Треба да се соочиме со нашиот проблем и да го прифатиме, за потоа да ја добиеме помошта којашто ни е неопходна за подобрување. Повратната зависност може да ни изгледа како многу христијанска, но не е така. Таа исто така ги спречува луѓето да станат зависни од Бог со тоа што ги одржува во постојана зависност од нас.
Оваа состојба е болест за којашто ни треба лек и избавување.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми мојата повратна зависност да ја увидам, да ја исповедам и да ја напуштам, како и да ја добијам помошта за да ја направам таквата зависност минато во мојот живот и да се подобрам.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.