27 февруари 2010

Извршувач

Вистина, еден ден во Твоите дворови подобар е од илјада други. Повеќе сакам да стојам на прагот на Домот на мојот Бог, отколку да живеам во шаторите на грешниците. Господ, Бог, е сонце и штит: Тој дава благодат и слава. Не им ускратува Господ добра на оние што одат во невиност. (Псалм 84:10-11 — Душан Х. Константинов)

Др. Џ. Б. Гамбрел раскажува една хумористична приказна од познатата „Воена кампања во долината“ на генералот Стоунвол Џексон. Армијата на Џексон се нашла на едниот брег на реката во време кога всушност требала да биде на спротивниот брег. Откако им заповедал на своите инженерци да проектираат и да изградат мост за неговите војници да може да ја преминат реката, тој го повикал раководителот на коњските коли за да му каже дека е неопходно колите да ја преминат реката што порано можат. Раководителот на конвојот почнал да ги собира сите трупци, камења и прачки коишто можел да ги најде и направил мост. Многу пред да се раздени, раководителот му кажал на генералот Џексон дека сите коли и артилеријата ја преминале реката.
Генералот прашал каде се инженерците и што прават. Раководителот му кажал дека се во своите шатори и цртаат проект.
Се вели дека има три типа луѓе: тие коишто работат за нештата да се случат; тие коишто гледаат како нештата се случуваат, и тие коишто не знаат дека нешто се случува.
Сакам, со Божја помош, да бидам извршувач и еден од тие коишто прават нештата да се случат. Во факултетските денови, бев во една студентска група во црквата. Групата се соочуваше со проблеми и водачите ме прашаа што според мене е згрешено. Реков оти не чувствувам дека имам право да критикувам доколку немам желба да сторам нешто околу проблемите. И знаете што? Се ангажирав и станав извршувач. Тоа беа меѓу моите најубави денови на факултет.
Ајде да не критикуваме ако не сме подготвени да се ангажираме. За да бидеш извршувач, почни да правиш нешто со вечно значење, сфаќајќи дека на Бог Му служиме служејќи им на луѓето.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми да го инвестирам својот живот активно вклучувајќи се како извршител во работата за Твоето кралство – без разлика колку мали и мачни ќе ми изгледаат задачите. Помагај ми и секој ден да бидам налик на Христос за секого когошто ќе го сретнам.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.