18 февруари 2010

Простување наспроти помирување

Никому не враќајте зло за зло; стремете се кон она што е добро пред сите луѓе. Ако е можно, доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. (Римјаните 12:17-18 - Стандарден Превод)

Неколку читатели на „Дејли Инкаунтер“ ме прашаа дали простувањето некому значи дека треба да заборавиме што се случило; или дали да го сакаме и да останеме со човекот дури и ако ни предизвикува сериозни непријатности или нѐ малтретира. Читателите ги интересираше и дали треба да му веруваат на таков човек?
Одговорот е: не, не, не!
Дозволете да објаснам. Кога ќе сториме грев, треба да се помириме со Бог (2 Коринќаните 5:20); додека пак помирувањето со други, иако е идеалното посакувано решение, не е секогаш можно - а некогаш и е работа којашто воопшто не би ја посакале.
Некои христијански учители тврдат дека простувањето е неможно ако тој којшто повредил или навредил не признае што сторил и не побара прошка од човекот кому што му згрешил. Но ако навистина беше така, мнозина цел живот би морале да живеат со фактот дека голем број луѓе нема да сакаат да им признаат дека сториле нешто лошо, а камоли да се извинат.
Простувањето зависи само од човекот којшто бил повреден и навреден. Помирувањето пак зависи и од прекршителот и од повредениот.
Една читателка, чијшто сопруг е алкохоличар и физички ја малтретира кога е пијан, сакаше да знае дали простувањето значи дека ќе мора да го сака и да му верува.
Уф леле, да не си ѝ во кожата!!!
Во нејзината ситуација најљубовната работа којашто може и се очекува да ја направи е да му се спротивстави и да му стави на знаење дека повеќе нема да го толерира неговото однесување. Потоа, освен ако тој не отиде на лекување и не ги победи алкохолизмот и насилното однесување, таа ќе мора да го напушти и да си ги земе и децата и да не се враќа сѐ додека неговиот советник не ја увери дека нејзе и на децата ќе им биде безбедно да се вратат кај сопругот.
Но, ако продолжи да го толерира неговото насилничко и деструктивно однесување, таа станува дел од неговата болест.
Во вакви непријатни случаи, првата работа којашто треба да ја направи жртвата е да побара професионален советник и професионална помош, бидејќи некои од сопрузите коишто ја сочинуваат оваа група може да бидат многу опасни. Исто така, освен ако агресивните, зависните, опасните луѓе не се покајат и не се сменат, мудро е да се избегнува дружење со нив секогаш кога е тоа можно. Оти, како што вели и Библијата, не е можно да се живее во мир со сите.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, помогни ми да им простувам на сите оние коишто ќе ме повредат, да барам простување кога некому ќе му згрешам и давај ми мудрост да проценам кога е можно помирување, а кога не. Дај ми и храброст да го правам тоа што треба, без разлика колку ќе ми биде срам или страв.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.