Нели ти заповедав: биди силен и биди храбар? „Не бој се и не плаши се, зашто каде и да тргнеш, со тебе е Господ, твојот Бог”. (Исус Навин 1:9 — Душан Х. Константинов)
Според Семјуел Џонсон, самодовербата е првиот предуслов за големи постигнувања. Оваа максима е точна и за нехристијаните и за христијаните; сепак, она коешто можеби им е попотребно на христијаните е Богодоверба.
Некој рекол: „На Мојсеј му недостигала самодоверба кога Бог го повикал. Ако имал Исус Навин голема самодоверба, дали Бог би му порачал да не се плаши? На Гидеон очигледно му недостигала самодоверба. Исусовите апостоли, сѐ додека не се исполниле со Светиот Дух, разбирливо, имале малку или никаква самодоверба. Кога Исуса Го уапсиле, тие се разбегале.
Да не се лажеме, и јас би го направил истото да сум бил во нивна кожа. Доколку Павле имал изобилна самодоверба во сите ситуации, зошто Бог би му праќал ангел додека бил в затвор за да му каже да не се плаши. Што се однесува пак до Давид, Бог одново и одново му порачува да не се плаши“.
Недостаточна самодоверба е одлика на најголемиот дел од нас, оти сите ние се бориме со сродни проблеми во различни степени. Па, како може да се извојува победа во таа битка?
Прво, треба да градиме врз својот успех, а не врз својот неуспех, и врз основа на она коешто можеме да го направиме, а не врз она коешто не можеме да го направиме! На пример, можеби сум катастрофален како ѕидар, но тоа не ме прави ужасна или лоша личност.
Второ, уште поважно, градењето на самодовербата треба да дојде од внатре... Тоа се случува најмногу ако сме отворени, искрени и транспарентни со најмалку еден или двајца блиски пријатели на коишто ќе им ги кажеме и сите болки и сите наши темни петна. Додека ја примаме нивната љубов и додека тие нѐ прифаќаат такви какви што сме, малку по малку ќе почнеме да се сакаме и прифаќаме себеси такви какви што сме. И додека во нас се создава зрела љубов за себе, ќе ни се зголемува и самодовербата.
Трето, како всушност да ја градиме Богодовербата? Тоа се прави така што свесно ќе одбираме да Му веруваме на Бог без разлика како се чувстуваме. Кога ми недостига самодоверба, јас постојано Му кажувам на Бог: „Исплашен сум, но одбирам да Ти верувам во оваа ситуација“. На крајот, моите чувства ќе фатат чекор со мојата свесна одлука да Го следам Бог.
Довербата во Бог ја градиме преку искуството – кога свесно ја практикуваме верата во Бог и го правиме она за коешто веруваме дека Тој го посакува. Додека гледаме како Тој нѐ користи, нашата Богодоверба расте.
Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што ме сакаш и ме прифаќаш каков/ва што сум. Те молам помогни ми да го правам и јас истото и да растам постојано, за да станам личноста којашто сакаш да бидам, за мојата Богодоверба и самодоверба да се зголемат немерено... но заради Твоја слава, не моја!
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.