27 февруари 2010

Извршувач

Вистина, еден ден во Твоите дворови подобар е од илјада други. Повеќе сакам да стојам на прагот на Домот на мојот Бог, отколку да живеам во шаторите на грешниците. Господ, Бог, е сонце и штит: Тој дава благодат и слава. Не им ускратува Господ добра на оние што одат во невиност. (Псалм 84:10-11 — Душан Х. Константинов)

Др. Џ. Б. Гамбрел раскажува една хумористична приказна од познатата „Воена кампања во долината“ на генералот Стоунвол Џексон. Армијата на Џексон се нашла на едниот брег на реката во време кога всушност требала да биде на спротивниот брег. Откако им заповедал на своите инженерци да проектираат и да изградат мост за неговите војници да може да ја преминат реката, тој го повикал раководителот на коњските коли за да му каже дека е неопходно колите да ја преминат реката што порано можат. Раководителот на конвојот почнал да ги собира сите трупци, камења и прачки коишто можел да ги најде и направил мост. Многу пред да се раздени, раководителот му кажал на генералот Џексон дека сите коли и артилеријата ја преминале реката.
Генералот прашал каде се инженерците и што прават. Раководителот му кажал дека се во своите шатори и цртаат проект.
Се вели дека има три типа луѓе: тие коишто работат за нештата да се случат; тие коишто гледаат како нештата се случуваат, и тие коишто не знаат дека нешто се случува.
Сакам, со Божја помош, да бидам извршувач и еден од тие коишто прават нештата да се случат. Во факултетските денови, бев во една студентска група во црквата. Групата се соочуваше со проблеми и водачите ме прашаа што според мене е згрешено. Реков оти не чувствувам дека имам право да критикувам доколку немам желба да сторам нешто околу проблемите. И знаете што? Се ангажирав и станав извршувач. Тоа беа меѓу моите најубави денови на факултет.
Ајде да не критикуваме ако не сме подготвени да се ангажираме. За да бидеш извршувач, почни да правиш нешто со вечно значење, сфаќајќи дека на Бог Му служиме служејќи им на луѓето.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми да го инвестирам својот живот активно вклучувајќи се како извршител во работата за Твоето кралство – без разлика колку мали и мачни ќе ми изгледаат задачите. Помагај ми и секој ден да бидам налик на Христос за секого когошто ќе го сретнам.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

25 февруари 2010

Сексот и самецот

Затоа, умртвете ги земните органи на вашето тело за: блуд, нечистота, страст, зла желба и алчност која е идолопоклонство. (Апостол Павле; Колошаните 3:15 - Стандарден Превод)

Бидејќи подолго време работев со самци, посебно со разведени и оние коишто доживеале друга крупна загуба, знам дека за голем дел од нив една тема е „дежурна“ – онаа за сексуалниот живот. Еднаш добив вакво прашање: „Колку далеку може двојка којашто не е во брак да оди во поглед на сексуалната интимност без да го компромитираат својот интегритет како христијани?“
Слушнав еднаш еден советник како вели дека сексот не е проблем за возрасните самци, оти ако немаш сексуални односи, ја губиш желбата за секс. Но тоа има исто толку смисла како да кажеме дека ако ништо не јадеш, тогаш губиш апетит, желба за храна!!! Слушнав и еден друг истакнат духовен учител како вели дека одговорот на сексуалната желба кај возрасниот самец е дисциплината.
Ама и двајцата учители беа женети!
Вистина е дека е неопходна дисциплина, но таа не е одговор за сѐ. Бидејќи повеќе години и јас бев самец, можам да ја разберам борбата и маката на самците.
Но зошто Библијата поучува дека сексот е резервиран само за луѓето во брак? Па, има повеќе причини. Прво, за да не доаѓаат голем број несакани деца на овој свет – или пак деца коишто нема да имаат ниту мајка ниту татко коишто би се грижеле за нив. Потоа, за да има помалку болести – вклучувајќи ја и смртоносната сида. Исто така, ако некоја двојка прерано влезе во сексуални односи, ќе станат физички сврзани уште пред да се сврзат со здрава емоционална и духовна врска.
Исто така, сексуалната интимност може да ја заслепи двојката за реалноста, па партнерите да превидат сериозни карактерни дефекти кај другиот. Таа исто така може да ги сопре во растежот и созревањето во зрели личности и лесно може да стане зависност. Може и кај двојките во сериозна врска да создаде силно чувство на вина и да уништи нешто коешто можело да биде прекрасна врска.
Но како двојката којашто решила да живее во хармонија со Божјата волја и да го остави сексот за бракот, треба да се справува со маките коишто ги носи либидото, со силниот сексуален нагон?
Прво, се препорачува да одбереш некој пријател од твојот пол во кого имаш доверба за да му полагаш сметка за твоето однесување со партнерот/ката.
Второ, мудро е да избереш некои преокупации, за голем дел од твојата сексуална енергија да ја насочиш во креативни и исполнувачки ангажмани, како некое хоби, на пример, или активности во коишто целосно ќе ги внесеш срцето и душата, како што е давање некаква помош и грижа за другите.
Трето, погрижи се легитимните потреби да бидат задоволени на легитимни начини. На пример, ние луѓето имаме потреба од односи во неколку сфери (покрај сексуалните односи):
- Социјални односи – минување време со пријатели, односно социјализирање (дружење).
- Емоционални односи – чесно споделување на чувства со пријатели од доверба и развивање здрави не-романтични врски.
- Духовни односи – воспоставување на врската со Бог и нејзино одржување, како и живеење во хармонија со Неговата волја.
Сите тие потреби може да се задоволат надвор од брак и може да бидат голема помош при чекањето до мигот на склучување на бракот, кога ќе може да се добие летитимно задоволување на сексуалните потреби. Но ако тие потреби не ги задоволиме на здрави и правилни начини, се отвораме себеси за искушението; во празен обид да ги задоволиме нашите потреби на нездрави начини, вклучувајќи го тука и сексуалниот однос. А тоа ќе биде голема грешка!
Четврто, и секако најважно, е да се увериме дека нашиот партнер е посветен на Господа и на Неговата волја. А дел од таа волја е посветеноста на целибат сѐ до стапување во брак. Често молете се заедно, а над сѐ, секој ден предавајте ги своите животи и својата врска на Господ.
Петто, не дозволувајте да се најдете на места и во ситуации во коишто знаете дека би се олабавиле и би потклекнале на искушението.
Шесто, ако веќе сте се предале на сексуалното искушение, побарајте прошка од Бог и почнете одново, решени со Божја помош и внимателно планирање да не му попуштате на сексуалното искушение.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што си нѐ создал машко и женско, Ти благодарам за дарот на сексуалноста. Одлучувам, со Твоја помош, да живеам во хармонија со Твојата волја. Ти ја предавам својата сексуалност. Те молам помогни ми легитимните потреби да ги задоволувам на легитимни начини и да не се отворам за искушенијата и да не паднам во сексуален неморал.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

20 февруари 2010

Правилата наспроти врските

Тогаш со срдба ги погледна, и натажен заради закоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: „Испружи ја раката!“ И тој ја испружи и таа беше здрава како другата. (Марко 3:5 - Стандарден Превод)

Бог не е по правилата. Тој е по врските. На пример, кога Исус го исцелил човекот со исушена рака во еврејскиот свет ден сабота, верските водачи почнале да кројат завера да Го убијат. Исус бил гневен на овие фарисеи, оти тие, меѓу другото, повеќе ги сакале своите ригидни правила од луѓето. Можеби биле религиозни, но сигурно не го имале Христос, христијанството и Бог, пред сѐ, во срцата!
Она што е дури и поапсурдно е дека истите верски водачи коишто Го убиле Исус инсистирале Тој да биде симнат од крстот пред зајдисонце (почнувањето на саботата) дента кога Го убиле, оти не било „според Законот“ да виси мртов на крстот во сабота. Ако го оставеле на крстот, би прекршиле еден од своите закони и би се чувствувале церемонијално нечисти. Види, види!?!
На многумина ќе им изгледа чудно, но религијата всушност може да испрати повеќе луѓе во пеколот отколку кое било друго нешто! Односно, онаа религија којашто зависи од „добрите дела“ на верникот или пак од човечките закони, правила и традиции. Но тие нешта никогаш не однеле некого на Небесата. Божјото Слово, Библијата, јасно потенцира дека: „Зашто по благодат сте спасени, преку вера, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! Не е од делата, за да не се фали некој. (Ефешаните 2:8-9 – Стандарден Превод).
Да  нагласам повторно – Бог не е по религијата или по правилата. Тој е по врските. Исус умрел за ние да можеме повторно да се поврземе со Бога и да одржуваме правилна врска со Него. Тој исто така сака да нѐ исцели за да може да имаме здрави врски со другите и да живееме во хармонија со Божјите закони – за да може да живееме здрави животи.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што си Го жртвувал Својот син Исус да умре на крстот за моите гревови за да може јас да уживам во вистинска врска со Тебе, со другите и со себе. Те молам помогни ми да живеам според Твоите закони коишто даваат живот и да не се товарам со религија оформена од човекот, со легалистички закони или пак традиции коишто не се базираат на Твоето Слово, Библијата.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

19 февруари 2010

Шест моќни зборови

А даночникот стоеше далеку и не сакаше ниту очите да ги поткрене кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешникот!` (Лука 18:13 – Стандарден Превод)

Некој шеф за набавка во малечка продавница за електроника нарачал дел со каталошки број 669 од производителот. Но кога нарачката стасала, забележал дека по грешка му го испратиле делот со број 699. Бесен поради грешката, тој го вратил делот со писмо во коешто многу гневно се нафрлил на производителите. За помалку од недела му стасал истиот дел, но со писменце од само два збора: „Преврти го!“.
За жал, мнозина од нас се премногу брзи во критикувањето на другите за нашите „грешки“, но премногу бавни за да се извинат за нив.
Кога станува збор за врските од кој било тип, обвинувањето на другите за нашите проблеми може да биде катастрофично. Сум водел многу групи за поддршка на разведени луѓе, па можам да кажам дека околу 90 отсто од луѓето со коишто сум работел го обвинуваат сопружникот за разделбата – без да размислат дека секој од нас со нешто придонесува за распаѓање на бракот.
Да, сите правиме грешки, но оној којшто на долг рок ќе излезе победник не е човекот којшто ги обвинува другите, туку човекот којшто ќе каже, искрено мислејќи го тоа: „Згрешив. Те молам прости ми!“
Уште повеќе, единствениот комушто Бог може да му помогне е оној којшто од срце ќе каже: „Боже, биди милостив кон мене грешниот!“.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам за Твојата милост и љубов, што постојано ми простуваш кога искрено ќе си ги исповедам гревовите и ќе ја побарам Твојата прошка.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

18 февруари 2010

Простување наспроти помирување

Никому не враќајте зло за зло; стремете се кон она што е добро пред сите луѓе. Ако е можно, доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. (Римјаните 12:17-18 - Стандарден Превод)

Неколку читатели на „Дејли Инкаунтер“ ме прашаа дали простувањето некому значи дека треба да заборавиме што се случило; или дали да го сакаме и да останеме со човекот дури и ако ни предизвикува сериозни непријатности или нѐ малтретира. Читателите ги интересираше и дали треба да му веруваат на таков човек?
Одговорот е: не, не, не!
Дозволете да објаснам. Кога ќе сториме грев, треба да се помириме со Бог (2 Коринќаните 5:20); додека пак помирувањето со други, иако е идеалното посакувано решение, не е секогаш можно - а некогаш и е работа којашто воопшто не би ја посакале.
Некои христијански учители тврдат дека простувањето е неможно ако тој којшто повредил или навредил не признае што сторил и не побара прошка од човекот кому што му згрешил. Но ако навистина беше така, мнозина цел живот би морале да живеат со фактот дека голем број луѓе нема да сакаат да им признаат дека сториле нешто лошо, а камоли да се извинат.
Простувањето зависи само од човекот којшто бил повреден и навреден. Помирувањето пак зависи и од прекршителот и од повредениот.
Една читателка, чијшто сопруг е алкохоличар и физички ја малтретира кога е пијан, сакаше да знае дали простувањето значи дека ќе мора да го сака и да му верува.
Уф леле, да не си ѝ во кожата!!!
Во нејзината ситуација најљубовната работа којашто може и се очекува да ја направи е да му се спротивстави и да му стави на знаење дека повеќе нема да го толерира неговото однесување. Потоа, освен ако тој не отиде на лекување и не ги победи алкохолизмот и насилното однесување, таа ќе мора да го напушти и да си ги земе и децата и да не се враќа сѐ додека неговиот советник не ја увери дека нејзе и на децата ќе им биде безбедно да се вратат кај сопругот.
Но, ако продолжи да го толерира неговото насилничко и деструктивно однесување, таа станува дел од неговата болест.
Во вакви непријатни случаи, првата работа којашто треба да ја направи жртвата е да побара професионален советник и професионална помош, бидејќи некои од сопрузите коишто ја сочинуваат оваа група може да бидат многу опасни. Исто така, освен ако агресивните, зависните, опасните луѓе не се покајат и не се сменат, мудро е да се избегнува дружење со нив секогаш кога е тоа можно. Оти, како што вели и Библијата, не е можно да се живее во мир со сите.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, помогни ми да им простувам на сите оние коишто ќе ме повредат, да барам простување кога некому ќе му згрешам и давај ми мудрост да проценам кога е можно помирување, а кога не. Дај ми и храброст да го правам тоа што треба, без разлика колку ќе ми биде срам или страв.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

Зајакнување на самодовербата

Нели ти заповедав: биди силен и биди храбар? „Не бој се и не плаши се, зашто каде и да тргнеш, со тебе е Господ, твојот Бог”. (Исус Навин 1:9 — Душан Х. Константинов)

Според Семјуел Џонсон, самодовербата е првиот предуслов за големи постигнувања. Оваа максима е точна и за нехристијаните и за христијаните; сепак, она коешто можеби им е попотребно на христијаните е Богодоверба.
Некој рекол: „На Мојсеј му недостигала самодоверба кога Бог го повикал. Ако имал Исус Навин голема самодоверба, дали Бог би му порачал да не се плаши? На Гидеон очигледно му недостигала самодоверба. Исусовите апостоли, сѐ додека не се исполниле со Светиот Дух, разбирливо, имале малку или никаква самодоверба. Кога Исуса Го уапсиле, тие се разбегале.
Да не се лажеме, и јас би го направил истото да сум бил во нивна кожа. Доколку Павле имал изобилна самодоверба во сите ситуации, зошто Бог би му праќал ангел додека бил в затвор за да му каже да не се плаши. Што се однесува пак до Давид, Бог одново и одново му порачува да не се плаши“.
Недостаточна самодоверба е одлика на најголемиот дел од нас, оти сите ние се бориме со сродни проблеми во различни степени. Па, како може да се извојува победа во таа битка?
Прво, треба да градиме врз својот успех, а не врз својот неуспех, и врз основа на она коешто можеме да го направиме, а не врз она коешто не можеме да го направиме! На пример, можеби сум катастрофален како ѕидар, но тоа не ме прави ужасна или лоша личност.
Второ, уште поважно, градењето на самодовербата треба да дојде од внатре... Тоа се случува најмногу ако сме отворени, искрени и транспарентни со најмалку еден или двајца блиски пријатели на коишто ќе им ги кажеме и сите болки и сите наши темни петна. Додека ја примаме нивната љубов и додека тие нѐ прифаќаат такви какви што сме, малку по малку ќе почнеме да се сакаме и прифаќаме себеси такви какви што сме. И додека во нас се создава зрела љубов за себе, ќе ни се зголемува и самодовербата.
Трето, како всушност да ја градиме Богодовербата? Тоа се прави така што свесно ќе одбираме да Му веруваме на Бог без разлика како се чувстуваме. Кога ми недостига самодоверба, јас постојано Му кажувам на Бог: „Исплашен сум, но одбирам да Ти верувам во оваа ситуација“. На крајот, моите чувства ќе фатат чекор со мојата свесна одлука да Го следам Бог.
Довербата во Бог ја градиме преку искуството – кога свесно ја практикуваме верата во Бог и го правиме она за коешто веруваме дека Тој го посакува. Додека гледаме како Тој нѐ користи, нашата Богодоверба расте.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што ме сакаш и ме прифаќаш каков/ва што сум. Те молам помогни ми да го правам и јас истото и да растам постојано, за да станам личноста којашто сакаш да бидам, за мојата Богодоверба и самодоверба да се зголемат немерено... но заради Твоја слава, не моја!
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.