06 јануари 2010

Пред да речеш „да“

Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки. (Пословици 3:5-6 - Душан Х. Константинов)

Читателка на „Daily Encounter“ ми го напиша следново: „Мојот син се забавува со една девојка којашто се обидува да го присили да се земат, иако одвај се познаваат. Што да го советувам?“
Бидејќи Вашиот син законски е возрасен, нема што многу да се стори, освен ако не побара Ваше мислење. Кога би бил мој син и би ми побарал совет, а би бил христијанин, јас би го сторил следново:
1. Би го поттикнал да се моли усрдно за Божјо водство, а посебно за тоа Бог да му ја открие вистината и за него и за неговата девојка и за нивната врска. Кога физичката привлечност и/или потреба е силна, двојките честопати се слепи за реалноста и стапуваат во брак пред вистински да се запознаат еден со друг, и, уви!, предоцна откриваат дека направиле огромна грешка. Но, ако вистината се увиди пред венчавката, барем тој којшто искрено сака да ја спознае вистината, ќе знае што треба да се стори.
2. Би го посоветувал да се обиде да ги добие најдобрите можни предбрачни советувања заедно со неговата потенцијална животна другарка, бидејќи тоа е одличен начин да се види вистината за другиот, за да може да оценат дали си одговараат или пак работите стојат поинаку.
3. Би го предупредил дека секој којшто навалува прерано да се стапи во брак и пред да се минат соодветните предбрачни советувања, или чувствува преголема потреба или е премногу зависен човек, и/или пак крие недостаток на карактерот - веројатно станува збор за некој сериозен недостаток - па сака да улови партнер пред да бидат откриени неговите/нејзините мани.
4. Ако мојот син е христијанин, а неговата пријателка не е втемелена во Божјото Слово, јасно и недвосмислено би му кажал НЕ! Та, Библијата јасно ни порачува: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверниците! Впрочем, што има заедничко праведноста со беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?“ (2 Коринќаните 6:14 - Стандарден Превод). За здрава и цврста врска, од непроценлива важност е обајцата да се емоционално созреани и духовно во хармонија еден со друг.
5. Над сѐ, би го охрабрил мојот син искрено да го бара Божјото водство за таа врска, како и да стори сѐ и тој и неговата потенцијална сопруга да се молат редовно и да го ставаат Бог на прво место и во нивниот личен живот и во врската и ако решат да се земат, но и ако решат поинаку. Ако тоа не го утврдат пред венчавката, тешко дека ќе се случи потоа.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми да бидам добар пример на христијанин за своите деца, за тие, гледајќи го мојот живот, да посакаат Ти да бидеш на првото место во нивните животи и секогаш да го бараат Твоето водство и да се трудат да живеат во хармонија со Твојата волја.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.