10 јануари 2010

Да се биде ОК или не-ОК?

Среќен е оној, на којшто престапот му е простен, чиј грев е покриен! Среќен е човекот, кого ГОСПОД за грев не го обвинува и во чиј дух нема измама!
Додека настојував да премолчам, коските ми се сушеа од секојдневните воздишки. Дење и ноќе, Твојата тешка рака ме притискаше, како на летна жега, снагата ми премалуваше.
Тогаш, гревот мој пред Тебе го признав и својата вина повеќе не ја криев. Реков: ,Ќе го признаам пред ГОСПОДА својот престап’ - и Ти ми ја прости вината за гревот. (Псалм 32:1-5 - Д-р Иван Грозданов)


„Јас сум ОК - Ти си ОК“ на Томас Харис е многу популарна книга од областа на популарната психологија издадена кон крајот на 1960-тите. Некои луѓе сугерираат други наслови за неа, како: „Јас не сум ОК и Ти не си ОК, ама Тоа е ОК“, или пак, што не е изненадувачко во нашата култура, многу посаркастичниот „Јас сум ОК - Ти си идиот“.
Во својата книга „Свесност“ Антони де Мело вели: „Луѓето велат ,Мислам дека си многу шармантен’, па јас се чувствувам ОК. Добивам позитивен поттик (а тоа го поткрепува моето его и јас се чувстувам прекрасно, барем накратко). Но, еден ден ќе напишам книга чиј наслов ќе биде „Јас сум магаре, Ти си магаре“. Тоа е најослободувачката, најпрекрасната работа на светот - кога отворено ќе признаеш дека си магаре. Тоа е прекрасно. Кога луѓето ми велат: ,Грешиш’, јас велам: ,Што можеш да очекуваш од магаре?’ (Anthony De Mello, Awareness) (Внимавајте, Де Мело всушност користи друг збор на местото каде што јас пишувам „магаре“)
И сега, пред да ме откачите како будалетинка којашто истресува теории од популарната психологија, да видиме што отец Де Мело всушност вели; односно да се вразумиме и да признаеме кои сме навистина. Тоа пак воопшто не е понижување, оти само ако се видиме онака како што нѐ гледа Бог, ќе бидеме слободни да се смениме и да станеме сето она што Бог го предвидел за нас. Всушност, сѐ додека не признаеме кои сме навистина и не се прифатиме себеси какви што сме - со сите чиреви (т.е. дефекти и слабости) - не сме слободни да се смениме и да растеме, бидејќи се сокриваме зад маска и живееме во одрекување - што пак е состојба којашто дефинитивно ќе нѐ порази и е, во крајна мерка, смртоносна.
Како што вели кралот Давид во библискиот текст за денеска, тој се исполнил со радост кога излегол од одрекувањето, почнал да живее во потполна искреност и ги исповедал своите гревови и ја примил Божјата прошка. Сета негова вина исчезнала! Тоа е навистина прекрасен и радосен начин на живот.
Не заборавајте дека иако Бог ме сака онаков каков што сум, Тој ме сака премногу за да ме остави во состојбата во којашто се наоѓам. Тој сака да израснам во целокупноста на моето спасение и да станам сето она коешто Тој го замислил за мене.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам избави ме од гревот на одрекувањето и дај ми храброст да се видам себеси онака како што ме гледаш Ти - и да се прифатам како што ме прифаќаш Ти - па да бидам ослободен, со Твоја помош, да станам сето она коешто Ти си го замислил.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.