31 јануари 2010

Соништа: Божјиот заборавен јазик (1 дел)

Примив сѐ и имам изобилно. Целосно сум подмирен. (Филипјаните 4:18 – Стандарден Превод)

Соништа... Имаат ли смисла и цел? Дали Бог сѐ уште им говори на луѓето преку нив?
Технички кажано, соништата се комуникација на десната, креативната хемисфера (половина) на мозокот со левата, логичната хемисфера. Тие се често визуелни симболи на она коешто го чувствуваме длабоко во себе. Клиничките испитувања покажуваат дека сонуваме цела ноќ, дури и ако не се сеќаваме што сме сонувале.
Сонувањето е еден од начините на природата да ни ја намали тензијата. Во едно испитување, луѓе коишто спиеле биле набљудувани со електронска опрема за да се утврди кога ќе почнат да сонуваат. Само што им почнувал сонот, биле разбудувани и сонувањето се прекинувало. Испитувањето морало да сопре после неколку ноќи, бидејќи луѓето вклучени во испитувањето станале премногу емоционално растроени.
Некои соништа може да бидат предизвикани од емоционален удар, други од стрес или физичка болка. Неколку дена после операцијата на Ахиловата тетива, којашто ја скинав двапати за три месеци, постојано сонував дека паѓам и ја кинам тетивата. Е, тоа беа кошмари!
Во други мигови, пак, сонишатата може да дадат интересни увиди. На пример, некои соништа јасно ми ги покажуваа конфликтите од детството коишто требаше да ги разрешам.
Повторените соништа на иста тема – на пример, кога постојано се обидуваме да избегаме од нешто, но не можеме да се помрднеме; или кога нѐ брка некој, а ние не можеме да му избегаме; или пак кога паѓаме, но не можеме да се фатиме за нешто – може да се сигнал за неразрешен страв или конфликт од минатото. Тие се начин на којшто природата нѐ предупредува дека треба да разрешиме некоја работа којашто одамна сме ја заборавиле.
Но, дали Бог и денес ни зборува преку соништата, онака како што правел во библиско време?
Мислам дека е така. Во една пригода, кога мојата организација „ACTS International“ се соочуваше со сериозна финансиска криза, се чувствував многу исплашен и обесхрабрен. Така, заспав во терминот за утринска побожност и имав фасцинантен сон. Во сонот слушнав глас којшто јасно ми вели: „Филипјаните 4:18 за мене има смисла“. Веднаш се разбудив, ја отворив Библијата и го побарав тој текст (види го на почетокот на овој пост – заб.прир.). Никогаш претходно не сум го учел напамет, па нема шанси да се измолкнал некаде од меморијата! Тој настан ме охрабри, а ние ја преживеавме таа криза.
Некои соништа можат да бидат од Бог. Најголемиот дел не се. Сепак, способноста за сонување е од Бог. Таа ни е дадена со одредена цел – во најмала рака да ни го намали стресот и да ни подари увиди корисни за личен и духовен растеж. Потешкотијата лежи во нивната правилна интерпретација. Но, преку молитва и искуства можеме да научиме да го извршуваме нивното толкување правилно и да го користиме креативно.
(Продолжува)

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам за способноста за сонување. Помогни ми да разберам кога моите соништа ми посочуваат дека има проблем којшто морам да го разрешам или пак дека имам некоја обврска којашто морам да ја извршам, а потоа доведи ме до помошта којашто ми е неопходна да го направам тоа.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.