30 октомври 2010

Духовен еко-систем

    Вчера попладнето, откако завршив со работа, ја искористив приликата во еден од првите навистина убави денови на пролетта да излезам во дворот и малку да го зачистам после долгата зима. Топло сонце, расцветани нарциси и лалиња, расцветани овошки и песнопојни птици... времето беше навистина создадено за уживање и сѐ беше толку мирно!
    Зошто кога човек ќе мине дури и многу кусо време в природа, тоа како да прави чуда за неговата ментална и емоционална состоба? Зошто нешто толку едноставно како прошетка во тивка шума или уживање во сонцето крај мирно езеро, или пак расадување цвекиња, има такво лекувачко дејство на душата?
    Верувам дека одговорот на овие прашања лежи во теоријата којашто ја чув еднаш од устата на еден човек: „Кога си в природа, ти си во „праведна“ средина, а праведните средини се мирни средини. Односно, се наоѓаш во прегратките на природата створена според Божјата замисла, каде што животот се одвива според физичките закони коишто Бог ги создал. А еден од најголемите благослови на атмосферата на почитувањето на законите, дури и во материјалниот свет, е спокојството“.
    Ах, кога би можеле сите луѓе да живееме заеднички во таква праведна средина! Ах кога би можеле да чекориме по улиците на нашите градови во мир, да се сложуваме во мир со соседните земји и култури, да живееме во нашите бракови и во нашите семејства во мир! Само кога би можеле да „собереме два и два“, да сфатиме дека мирот доаѓа од создавањето праведна средина и живеење во неа – односно, еден вид духовен еко-систем којшто произлегува од Божјите закони.
    Бог ги создал сите нешта – ангелскиот свет, природниот физички свет, и посебно, според Својот Лик, човештвото. Сите аспекти на Неговото создание функционираат во склад со восхитувачките природни и духовни закони. Природните закони лесно ги разбираме, но затоа многу се напрегаме и се мачиме да ги сфатиме духовните закони коишто управуваат со животот...
    Попладнево држев предавања, главно на адолесценти, наречени „Практично христијанство“. Овој курс ги разглобува многуте аспекти на секојдневното живеење коишто се управувани од принципите сместени во Божјото Слово, во Светото Писмо. Се обидував да им ги пренесам базичните вистини дека нашите животи се управувани од законите на причината и последицата. Кога во потполност ќе научиме дека исходите во животот се одредени од лесно предвидливи причинители, ќе станеме подобро подготвени да ги правиме вистинските избори.
    Се надевам дека и вие ќе увидите дека Божјиот закон и од Бога одредениот начин на живот се всушност многу практични. Нашите односи со Него и еден со друг се одредени од духовните закони коишто се вкаменети, неменливи, уште од мигот на создавањето, и исто толку реални колку и законите на физиката. Ако ги почитуваме, благословени сме; ако ги кршиме, проколнати сме. Бог ги дефинирал законите на животот при самото создавање и низ Библијата Тој јасно ни опишува како почитувањето на Неговиот закон ќе ни донесе многу различни благослови во нашите живот.
    Еден од впечатливите заклучоци на оваа тема се наоѓа во Псалм 119:165: „Голем мир уживаат оние коишто го љубат Твојот закон и ништо нема да ги сопне“.
    Божјите закони се позитивни, практични и ја изразуваат Божјата љубов. Тие ги зацврстуваат браковите и семејствата, ги унапредуваат животот и вистината, го поттикнуваат дарувањето како и прославувањето на Бог и ги разбиструваат нашите размислувања и приоритети.
    Да даде Бог да бидете благословени со мирот којшто доаѓа со разбирањето и почитувањето на прекрасните Божји закони!

    Клајд Килох,
    Претседател
    Обединета Божја црква (United Church of God)

01 октомври 2010

Недостаточна комуникација

    Туку, говорејќи ја вистината во љубов, ние треба да растеме во сѐ - кон Оној Кој е главата, Христос. Од Него, целото тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секоја врска дава поткрепа според соодветно дејствување на секој одделен дел; тоа прави телото да расте за својата сопствена надградба во љубов. (Ефешаните 4:15-16 – Стандарден Превод)

    Бидејќи еден извесен период бев ангажиран на планот на врските и односите меѓу луѓето, открив дека еден од најголемите проблеми (и предизвици) коишто им се случуваат на луѓето е неспособноста на двојките да комуницираат правилно и да ги разрешуваат конфликтите ефикасно. Всушност, според различни духовни советници, ова е една од најголемите причини за распад на врските.
    Меѓучовечките врски се повеќе од сѐ засновани на комуникацијата. Мажите веројатно нема да се согласат со мене, но верувам дека читателките ќе се согласат. Гледано од моето искуство, најбројната поплака којашто сум ја слушал од сопруги (од двете страни на Пацификот) се варијациите на следново: „Мојот сопруг не ги споделува со мене своите чувства и не ги слуша и не ги разбира моите!“ Не си многу изненаден/а, нели?
    Токму така, ние мажите умееме да испратиме луѓе на Месечината и да зборуваме со нив додека се таму, но некои од нас не знаат како вистински да комуницираат со своите сопруги или деца - кои се во истата соба со нив!
    Но не се секогаш виновни мажите. Повторно зборувајќи од свое искуство, речиси исто толку мажи колку и жени жалат поради фактот дека нивниот сопружник се повлекува кога чувствата му се повредени.
    Повлекувањето е многу илеџиски начин на борба. Тоа може да заземе форма на пасивно непријателство, самосожалување или на самооправдување. Може да биде предизвикано од страв од конфликт, страв од станување подвластен на партнерот, како и поради цела низа други причини. Како и да е, кога едната страна ќе се повлече, нема шанси за разрешување на спорот. Уште полошо е пак кога и двете страни ќе се повлечат.
    Она што е навистина неопходно за сите нас е да научиме да се „бориме“ како христијани.
 
    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми да бидам ефикасен соговорник, да бидам отворен во поглед на своите чувства, никогаш да не се повлекувам во конфликт, како и секогаш да ја зборувам вистината во љубов.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

Безопасно куче

    Ленивиот вели: „Ѕвер има на патот и лав има по улиците“. Како што вратата се врти на своите стожери, така и мрзливиот на својата постела. Мрзливиот ја натопува раката во чинијата, ама не може да ја принесе до устата. (Пословици 26:13-15 – Душан Х. Константинов)

    Некој човек влегувајќи во селска продавничка забележал на стаклото на влезната врата натпис „Внимавај, куче!“ Кога влегол внатре, забележал еден стар безопасен загар како спие на патосот веднаш до касата.
    Го прашал сопственикот на продавницата: „Ова ли е тоа куче од коешто треба да се плашат муштериите?“ „Да, тоа е“, одговорил продавачот.  Купувачот бил вчудовиден. „Мене ова куче воопшто не ми изгледа опасно. Зошто си го ставил предупредувањето?!“
    „Бидејќи пред да го ставам, луѓето постојано се сопнуваа на него!“, одговорил сопственикот.
    Сигурен сум дека најголемиот број од вас коишто го читате ова не сте мрзливи во секојдневието, но понекогаш, кога станува збор за црквата, речиси секогаш има по некој проблемџија, некој човек којшто сака да воспостави контрола врз сѐ, или пак некој којшто секогаш излетува со критика, а не се труди во ниту еден миг да помогне, и, како и кучето од погоре наведената сторија, само се метка таму-ваму и пречи...
    Ајде да не забораваме дека ако критикуваме, а не преземаме ништо за да помогнеме, немаме право да критикуваме. Тој што може и дејствува, правилно постапува; оној пак што може, а не дејствува, многу често е и човек којшто постојано критикува!

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми да бидам човек којшто дејствува и добар помошник во делото коешто сакаш да се изврши во средината во којашто живеам, но и пошироко.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

03 август 2010

Барај мудар совет

    Наведни го увото и чуј го моето слово и земи го при срце моето знаење, зашто е пријатно ако ги пазиш во твојата внатрешност и ако ти бидат на твоите усни. За да биде твојата надеж во Господа, денес те поучувам и тебе. (Пословици 22:17-19 – Душан Х. Константинов)

    „Жена ми ме напушта“, ми вели еден човек, „што да правам?“. Мојот инстинктивен одговор (што сепак си го задржав за себе) беше „Зошто не дојде кај мене пет години порано?“.
    Се обидов да го убедам овој човек дека иако тој и неговата сопруга можеби искрено сакаат да го спасат бракот, нема гаранции дека тоа ќе се случи – но и дека со мудар совет, со лична искреност, посветеност, напорна работа и Божја помош, би можеле да дојдат до тоа што го посакуваат.
    Еден начин да се зачува бракот здрав е да се препознаваат и да се третираат проблемите веднаш штом ќе се појават. Ако тие симптоми се резултат на подлабоки проблеми, како што е честопати случај, невозможно е да исчезнат сами од себе...
    Доколку во твојот брак или можеби во другите области во животот има работи коишто те секираат, мудро би било да побараш компетентно водство од квалификуван пастор или советник. Не одлагај! Закажи го уште денеска состанокот за којшто знаеш дека мора да се случи!

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам подари ми храброст да ги признаам моите проблеми; храброст да побарам мудар совет; како и верата, помошта, храброста и одлучноста што ми се потребни за да ги надминам.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

02 август 2010

Христијанскиот светоглед

    Во почеток Бог... (Битие 1:1 - Душан Х. Константинов)

    Се навикнавме во последно време честопати да слушаме за светогледите на различни луѓе. Светоглед е нашиот начин на гледање на светот во којшто живееме. Составен е од личните уверувања на човекот за сѐ што го опкружува. Тој е и еден вид мапа за животот - водич за начинот на којшто живееме и го организираме својот живот.
    Христијанскиот светоглед е заснован на реалноста - на вистината - онака како што е објавена во Божјото Слово, Библијата, којашто е единствениот извор на вистината, погоден да даде вистински одговор на четирите прашања коишто чиј било светоглед ги смета за битни. Тие прашања гласат вака:
  • Од каде доаѓам?
  • Зошто е светот во ваква „каша“?
  • Има ли начин да се подобрат нештата?
  • Има ли мојот живот цел? (Chuck Colson)
    Прво, од каде доаѓам? Христијаните веруваат дека произлегуваме од Бог; дека на почетокот Тој создал сѐ - вклучувајќи ме и мене и тебе. Поради сето тоа, ние сме Му одговорни Нему и сносиме морална одговорност за сите наши постапки.
    Второ, зошто е светот во ваква „каша“? Веруваме дека тоа е последица на гревот и на злото, коишто се внесени во овој свет од Сатана, Ѓаволот, односно паднат ангел којшто посакал да Го симне Бог од Неговиот трон и самиот да стане Бог. „Ќе станам како Севишниот“, рекол Луцифер, а потоа бил изгонет од Божјите Небеса (Види Исаија 14:12).
    За жал, бидејќи човештвото избрало да не се покорува на Божјите заповеди и да го следи Сатана, гревот навлегол во целото човештво. Бидејќи гревот не може да опстои и грешниците не можат да живеат во присуството на светиот и праведен Бог, исто како што молецот не може да преживее во пламен, нашиот грев нѐ осудил на вечна раздвоеност од светиот и праведен Бог и на припадност во местото коешто Библијата го нарекува пекол - место подготвено за Ѓаволот и за другите паднати ангели, коишто сега се наречени демони.
    Трето, има ли одговор на дилемата на човештвото - постои ли начин да се реши нашиот проблем? За наша среќа, тоа е можно. Како што вели Библијата: „Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.“ (Јован 3:16 - Стандарден Превод)
    Со други зборови, токму поради фактот што Божјата правда изискува последната казна за гревот да е смртта; односно, вечна одвоеност од Бог, авторот на сета љубов и на целокупниот живот, Бог, Го дал својот Син Исус Христос да умре наместо нас за да ја плати праведно изречената казна за сиот наш грев. Поради Христовата жртва, Бог сега ја нуди на сите коишто ќе ја прифатат безусловната, бесплатната прошка на вечниот живот со Бог во Небесата - засекогаш. Според Божјото Слово, Исус Христос е единствената отплата за гревовите на човештвото, како и единствениот пристап до Божјите Небеса. (Види Јован 14:6)
    Четврто, има ли мојот живот цел: Според „Краткиот Вестминстерски катехизам“: „Главната цел на човекот е да се прославува Бог и да се ужива во Него засекогаш“. Ние Го прославуваме Бог со живеење морално исправен живот, со љубење на Бог и со Негово величење, со љубење на своите блиски како себе и служејќи Му на Бог. А тоа, служење на Бог, го вршиме преку користење на Богодадените природни и духовни дарби за служење на другите.
    Најбитниот прашалник пред којшто секој од нас се наоѓа всушност е: Знам ли која е посебната цел за мојот живот којашто ми ја одредил Бог?

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што Твоето Слово, Библијата, ни ја дава единствената безбедна мапа за животното патување од лулката до гробот - но и потоа. Те молам помогни ми да се уверам со цврста сигурност дека мојот светоглед е наштиман според Твоето Слово за да живеам во хармонија со Твојата волја тука на Земјата, како и да ја минам вечноста со Тебе на Небесата.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

11 јули 2010

Здравата доктрина без љубов е промашување

    ...кој се држи цврсто за веродостојното слово, кое е сходно со учењето, за да може и да поттикнува во здравото учење и да ги изобличува оние кои се противат. (Апостол Павле; Тит 1:9 - Стандарден Превод)

    Во раните дни на христијанската црква, Павле му дал инструкции на Тит за тоа какви квалитети треба да имаат црковните водачи. Еден предуслов бил водачите да бидат вкоренети во здравата доктрина, односно правилното разбирање на Божјото Слово.
    За жал, има водачи и цркви чијашто доктрина е можеби здрава, но, како што рекол некој, сега цврсто се заспани! Здравата доктрина е од клучна важност за секој христијанин, бидејќи ако не сме добро вкоренети во Божјата вистина, лесно би можеле да бидеме заведени од убедливи и фасцинантни лажни учители.
    Но здравата доктрина, колку и да е важна, не е доволна! Таа треба да биде жива и избалансирана со љубов. Без љубов, доктрината може да стане мртовечки легализам, своевидно фарисејство на денешницата.
    Од друга страна, љубовта без здрава доктрина би можела, во најдобар случај да стане претолерантна фасцинација, а во најлошиот – празен хуманизам! Вистинската црква и вистинското христијанство се базираат на Божјата здрава (правилна) доктрина и на вистинската љубов. Обете се подеднакво важни!

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми да ја спознаам и да ја разберам Твојата вистина, но Те молам дај ми и срце полно со љубов за да живеам правилно во неа.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

03 јуни 2010

Песната на срцето

    Јов прашал: „Каде е Бог, мојот Творец, Кој ја исполнува ноќта со весела песна“. (Јов 35:10 – Душан Х. Константинов)

    Лудвиг ван Бетовен, несомнено еден од најголемите музичари во човековата историја, бил роден во музичко семејство во Германија. На возраст од 11 години веќе компонирал музика и диригирал со оркестар. Кога наближувал до дваесетата година, заминал за Виена заради понатамошно образование. Таму стекнал слава, но не и богатство...
    Велат дека една вечер отишол во посета на некој виенски чевлар, во чијшто дом го дочекала слепа млада девојка седната на пијаното. Се понудил да ѝ отсвири една композиција. Свирел цел час; паднал мрак, а единствената свеќа во собата изгаснала. Надвор месечината сјаела на ноќното небо и ги испраќала блескавите зраци низ прозорецот во собата. Бетовен бил толку инспириран од благодарноста на младата дама и од убавината на атмосферата во собата што веднаш потоа ја напишал „Месечевата соната“.
    Дали често чувствуваш дека соништата ти се скршени и дека си сам/а во мракот на очајот? Да бидам искрен, тоа важи за мене. Но, доколку своите животи ги посветиме на Христос, во тие „мрачни ноќи на душата“ Бог ќе работи во нас за да ни создаде поголемо разбирање на животот и сочувство за другите, и, со текот на времето, ќе ја врати прекрасната „музика“ во нашите животи.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам стави песна во моето срце, песна на благодарност и љубов кон Тебе за сето она што си ми го подарил.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

02 јуни 2010

Преброј ги своите благослови

    Добро е да се слави Господ и да се пее на Твоето Име, Сèвишен; да се навестува Твојата љубов наутро и Твојата верност ноќе. (Псалм 92:1-2 - Душан Х. Константинов)

    Мајкл Шенон ја дава следнава интересна илустрација: „Во Рид во Северна Каролина е рудникот на злато Рид. Првпат таму почнало да се копа во 1799 година, кога Конрад Рид открил чуден камен на својата фарма. Во 1802 година еден јувелир од Фајетвил на Рид му понудил 3,5 долари за каменот. Но тој камен бил всушност грутка злато и вредел 3.600 долари. А што правел Рид со него во текот на трите години? Го користел како сопирач за влезната врата. Колку пати и ние сме несвесни за вистинската вредност на нештата!?“
    Не знам за вас, ама мене честопати ми се случува да бидам слеп за безбројните благослови коишто секојдневно пристигнуваат на мојот праг и ги земам здраво за готово. За жал, изгледа дека ова е точно и за најголемиот дел од слободниот свет, каде што најголемиот дел од нас никогаш не доживеале вистинско прогонување и малтретирање, не се сведоци на тероризмот, не се гладни, не се без покрив над главата, и, помалку-повеќе, сите потреби им се идеално задоволени; како и голем дел од желбите, коишто честопати се екстравагантни...
    А, што е пак премногу трагично, тука на Западот голем дел од луѓето си мислат дека некој е должен да им овозможи таков живот. Пречесто забораваме дека слободите коишто ги уживаме биле скапо платени од претходните генерации - а мнозина нивни припадници ги дале своите животи за нашата слобода. Сепак, се трудам секојдневно да Му благодарам на Бог за сите неверојатни благослови коишто ги добивам секојдневно.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам отвори ги очите на моето разбирање за да не бидам повеќе слеп за безбројните благослови што ми ги даваш секој ден. Пред сѐ Ти благодарам за неизречливиот благослов Којшто си го дал на сето човештво - Твојот Син Исус Христос, Којшто умре на крстот за да ја плати казната за сите наши гревови; како и за Твојата прошка, дар сроден со вечниот живот, којшто исто така ни го подаруваш.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

01 јуни 2010

Каква цел имаш за животот?

    Извојував добра борба, го завршив патот, ја запазив верата. А сега натаму ми е подготвен венецот на праведноста, што ќе ми го даде во оној Ден Господ, Праведниот Судија, и не само мене, туку и на сите кои го засакаа Неговото јавување. (2 Тим. 4:7-8 - Стандарден Превод)

    Џош Мекдауел раскажува за еден „ловец на глави“ (човек којшто регрутира раководители за големите фирми). Тој на Мекдауел во една пригода му рекол дека кога интервјуира менаџер, сака да го разоружа. „Го понудувам со пијалак, го симнувам палтото, ја разврзувам краватата, ги ставам нозете на биро и почнувам да зборувам за бејсбол, фудбал, за семејството, за што било, сѐ додека не се опушти. Тогаш, кога сметам дека е релаксиран, се наведнувам нанапред, го погледнувам директно в очи и го прашувам: ,Која е твојата цел во животот?` Вчудовидувачки е колку врвни менаџери просто се распаѓаат при ова прашање“, објаснува ловецот на глави.
    Потоа тој раскажал за едно такво интервју. Го разоружал кандидатот, ги ставил нозете на бирото и зборувал за фудбал. Потоа се наведнал и го прашал: „Каква цел имаш за животот, Боб?“. Овој, без да трепне, му одговорил: „Да отидам на Небесата и да поведам со себе колку што можам повеќе луѓе!“
    „Првпат во мојот живот останав без зборови“, вели регрутерот.
    Јас истото тоа прашање сум го поставил на десетици луѓе на семинарите коишто ги водев. Речиси секој од нив верува дека Бог за нив има одредено животна цел, но кога ќе ги прашам која е таа, гледам дека малкумина размислиле длабоко за неа и ја запишале.
    Ако сакаме добра смрт, треба да живееме добро, а ако сакаме да живееме добро, основно е да ја знаеме која е целта којашто ни ја дал Бог - и со Негова помош да се трудиме да ја оствариме најдобро што може.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми да ја откријам целта за мојот живот којашто Ти си ја поставил. Помогни ми и да ја исполнам таа цел, за кога ќе ми заврши животот да слушнам дека не сум живеел попусто.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

31 мај 2010

Скриен под Неговата сенка

    Тој ме засолнува во Својот шатор, во зол ден; ме крие во скрилница на Својот шатор, Тој ме издига на карпа. (Псалм 27:5 - Душан Х. Константинов)

    „Во филмот „Мечката“, мече чијашто мајка починала се придружува на мечок-самотник и обајцата почнуваат заедно да патуваат. Еден од омилените делови од филмот ми е кога се разделуваат, а мечето наидува на пума. Додека таа му се приближува, тоа застанува на задните нозе обидувајќи се да ја преплаши. Пумата во тој момент почнува да оди назадечки. Мечето си помислува дека тоа ја исплашило, но она што всушност се случува е дека мечокот стои зад него и пумата всушност отстапува пред мечокот.
    Ние можеби не му изгледаме многу страшни на нашиот непријател (Ѓаволот), ама сепак имаме Татко Којшто е семоќен и стои зад нас за да нѐ одбрани секогаш кога тоа е неопходно. (Sharon Stonestreet на „Sermon Central“)

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што кога ќе Ти го посветам својот живот и целосно ќе се доверам на Тебе, секој миг Ти си крај мене за да ми бидеш водич и помагач – без разлика дали го чувствувам Твоето присуство или не.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

За да не заборавиме

    Потоа го зеде лебот, се заблагодари, го раскрши и им го раздаде, велејќи: „Ова е Моето тело кое се дава за вас; правете го ова за спомен на Мене!“ (Лука 22:19 – Стандарден Превод)

    Денеска во САД се одбележува Меморијалниот ден – државен празник „којшто почнал да се празнува во чест и сеќавање на војниците коишто загинале во Американската граѓанска војна (1868 година). Неговото значење потоа се проширува на сите граѓани на САД коишто загинале во војна. Националното одбележување се состои во полагање венец на Гробот на незнајните на Националните гробишта во Арлингтон“. (Енциклопедија Британика)
    Треба секој ден да се сеќаваме на сите оние коишто ги дале своите животи за нашата слобода, како и со посебна благодарност да го одбележуваме нивниот ден. Но, денеска исто така треба во молитва да се сетиме на сите наши христијански браќа и сестри коишто не ги вкусиле слободите во коишто ние уживаме.
    Бидејќи во текот на Втората светска војна бев дете во Австралија, многу јасно се сеќавам на она коешто Американците го направија за мојата татковина. Да не беа американските војници, со поддршка од американскиот Конгрес и народот, Австралија никогаш не би ја имала слободата во којашто ужива денеска – впрочем, исто како и најголемиот дел од Западниот свет.
    И покрај многуте слабости, Американците денес уживаат многу слободи за коишто би морале да бидат крајно благодарни! Сепак, ако САД не се одврати од плимата којашто ги одвлекува од нивното христијанско морално наследство и корени, мали се шансите и нашите деца, или децата на нашите деца, да бидат благословени со големите слободи коишто сѐ уште ги ужива Америка.
    Нека ни помага Бог нам во Западниот свет никогаш да не заборавиме каква слобода ни е дадена, оти „Правдата го возвишува народот, а гревот е срам на народите“. (Пословици 14:34 – Душан  Х. Константинов).
    Исус ни рекол да се сеќаваме на неговата крсна смрт. Покрај тоа, треба да се сеќаваме и на сите оние коишто ги положиле своите животи за овие прекрасни слободи коишто ги имаме, оти слободата се купува и се одржува по многу висока цена.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам денеска за оние коишто ги положиле своите животи за мојата земја и за мојата слобода. Помогни ни на сите во слободниот свет да бидеме постојано будни во морална крепост, праведен живот, со доверба во Тебе. Се молам и за сите оние коишто живеат под некаков јарем, онаму каде што е забрането да се проповеда Евангелието и да се живее христијански живот.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

30 мај 2010

Огледалце, огледалце мое...

    И бидете извршители на Словото, а не само слушатели кои се мамат себеси. Зашто, кој го слуша Словото, а не го исполнува, прилега на човек, кој го гледа своето сопствено лице во огледало, па откако ќе се погледне и замине, веднаш заборава каков бил. (Јаков 1:22-24 - Стандарден Превод)

    „Огледалце, огледалце мое... излажи ме!“ Нели сите ние понекогаш го посакуваме тоа?
    Дали за среќа или за несреќа, огледалата не лажат, освен ако не се искривени. А таквите огледала даваат и искривен одраз.
    Ако не си го држам зборот и не го сторам тоа коешто сум го ветил, и во мене има нешто искривено! Одржувањето на зборот и исполнувањето на ветувањата се карактерна одлика којашто би требало високо да се цени. Таквото поведение означува вистински и постојан интегритет на личноста.
    За жал, изгледа дека одржувањето на зборот денес не е работа околу којашто луѓето многу се потресуваат. Налик на еден човек со кого што соработував пред извесно време, а тврдеше дека е член на „Promise Keepers“. Тоа беше фарса. Тој ретко си го одржуваше зборот, ретко ги исполнуваше ветувањата.
    Човекот којшто не си го одржува зборот и ветувањата не е човек на кого што можете да се потпрете. Не можете да му верувате. Аналогно на тоа, не можете да се потпрете на човекот којшто тврди дека е христијанин, а не се труди искрено и постојано да го слуша и да го почитува и спроведува Божјиот Збор. Веројатно и не можете да му верувате... Апостолот Јаков тоа го заклучил пред 2.000 години.
    Ако сме созреани, така и ќе се однесуваме. Ако сме одговорни, одговорно и ќе се однесуваме. Ако сме искрени и си го држиме зборот, таков и ќе биде нашиот живот, па ќе важиме за мажи и жени чијшто збор за нив е закон.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми да бидам маж/жена од збор, и, со Твоја помош, да бидам човек којшто ќе се труди да го запознава и да го почитува Твојот збор. Секогаш и во секоја ситуација!
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

Гонет од загари

    Кралот Давид, Псалмистот, напишал: „Смилувај ми се о, Боже, имај милост за мене, оти во Тебе душата моја прибежиште наоѓа! Прибежиште ќе си пронајдам во сенката на твоите крилја додека не мине катастрофата“. (Псалм 57:1)

    А.К.Диксон пишува: „Еден мој драг пријател, голем љубител на ловечките хајки, ми ја раскажа следнава приказна: ,Кога едно утро станав многу рано, веднаш го чув бесното лаење и `ржење на загарите коишто го гонеа својот плен. Погледнувајќи во широката отворена ливада пред мене, видов како едно еленче трча преку полето, давајќи јасни знаци дека неговиот бег е при крајот и дека нема да издржи долго. Кога стаса до дрвената ограда, ја прескокна и застана на три метри од мене.
    Само еден миг подоцна, прескокнаа и два загари, па малиот елен ми се втрча и ја стави меѓу моите нозе. Го кренав малото суштество в прегратка, и вртејќи се лево-десно, ги разбркував загарите. Токму тогаш, токму таму, помислив дека сите кучиња на Западот не би смееле и не би можеле да го дофатат еленчето, бидејќи неговата слабост ја предизвика мојата сила`.
    На идентичен начин и човековата немоќност допира до Семоќниот Бог. Добро се сеќавам дека загарите на гревот трчаа по мојата душа сѐ додека не влетав во прегратката на Семоќниот Бог“. (А.К.Диксон цитиран од И.М. Баундс во „The Necessity of Prayer“. Извор:  Today's Wit & Wisdom Devotional.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што кога сум исплашен дека ќе потклекнам и ќе бидам проголтан од искушението - но сепак ќе се сетам да Те повикам на помош - секогаш доаѓаш да ме спасиш.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

15 мај 2010

Чувај се од препредените

    Санавалат и Гисем ми порачаа: „Дојди да се состанеме во Кефир, во Ононската Долина.” Но тие ми мислеа зло. (Неемија 6:2 – Душан Х. Константинов)

    Кога Неемија и Израелците речиси завршиле со обновата на ѕидините на Ерусалим, неколку векови пред Христос, на нивните непријатели многу тешко им паѓал нивниот напредок и се обиделе преку итроштина да го измамат Неемија и да се ослободат од него. Се обиделе да го одвлечкаат од работата и го канеле да се сретне со нив во Ононската Долина.
    Но одговорот на Неемија бил: „А, не!“. Тој знаел дека нивните приказни се неосновани, дека лажат. Постапил правилно, оти во спротивно ќе бил убиен, а Божјото дело попречено. Неемија останал верен на задолжението коешто му го дал Бог сѐ до мигот кога работата била завршена и ѕидините обновени. Не дозволил да биде завлечкан.
    Кога и да се вклучиме во Божјото дело, се појавува отпорот. Непријателот напаѓа во секоја прилика и вообичаено на најранливите места. Сатана е мајстор на измамата; затоа ние, исто како Неемија, мора да бидеме постојано свесни за неговите сплетки.
    Многу често доаѓа како ангел на светлината – навидум учител и промотор на вистината. Мнозина искрени христијани биле измамени и заблудени од авторитетни оратори со златна дарба, но кои истовремено биле измамнички лидери коишто тврдат дека доаѓаат во името Господово. „Бидете внимателни“, им рекол Исус на Своите ученици. „А Исус им рече: “Внимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот [верските водачи во времето на Исус] квас [погрешно учење]!“ (Матеј 16:6 – Стандарден Превод)
    Веројатно се повторувам, ама да нагласам уште еднаш – кога си во дилема, секогаш моли се Бог да ти ја разоткрие вистината. А колку сме потесно сврзани со нашата внатрешна вистина – односно, колку поискрени сме со самите себе – толку полесно и побргу ќе го „намирисаме“ (почувствуваме и препознаеме) лажното учење на оние коишто не се вистински Божји слуги.
    Затоа, секогаш биди на штрек и внимавај на лажните водачи со погрешни решенија.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помагај ми да бидам маж/жена на вистината, за секогаш да имам мудрост да ги препознаам сите лажни учења и никогаш да не бидам одвлечкан/а од вистинската наука на Твоето Слово, без разлика колку елоквентни и убедливи ќе бидат учителите.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

02 мај 2010

Не заборавај да се молиш

    Израелците ги проверија своите залихи, но не се обратија пред Господа. (Исус Навин 9:14)

    После ерата на Мојсеј, кога израелските војки предводени од Јошуа (Исус Навин) ја освојувале Ветената Земја којашто им ја опишал Бог, околните кралеви и народи биле преплашени – и со добра причина! Та Бог бил со Израелците и им давал величествени победи каде и да тргнат.
    Но луѓето од Гибеон, соседна земја, прибегнале кон измами и го надмудриле Јошуа. Тие му испратиле делегација под перфидна измама дека доаѓаат од далечна земја, за да може да го измамат Јошуа да склучи спогодба со нив. Нивните магариња пренесувале испокинати вреќи и стари вински мешини коишто биле испукани и крпени. Носеле стара облека и износени и испокинати сандали, а лебот којшто го носеле со себе бил исушен и мувлосан.
    Нивната измама успеала. Јошуа потпишал спогодба со нив и дури потоа открил дека станува збор за едно соседно племе од земјите за коишто Бог му заповедал на Јошуа да ги уништи поради нивниот неморал. А потоа веќе морале да живеат со последиците.
    Грешката на Јошуа се состои во тоа што тој ја склучил спогодбата без да се моли и да бара водство од Бог! Тука лежи навистина кардинална лекција за сите нас.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што си ја вклучил оваа приказна во Твоето Слово, Библијата, како сликовит потсетник за мене да ги барам Твоето водство и насочување за секој аспект на мојот живот, за да може постојано да живеам во хармонија со Твојата совршена волја.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

01 мај 2010

Како до поплодотворна молитва?

    Исус рече: „Допуштете им на децата да дојдат кај мене и немојте да ги спречувате, оти Царството Небесно им припаѓа на таквите како нив“. (Матеј 19:14)

    Читателка на „Daily Encounter“ ми пишува: „Како да му објаснам на моето дете како Бог одговара на молитвите? Мојот најстар син, којшто има 6 години, се моли да нема кошмари цела ноќ, како и за помош околу неговото постигање на училиште. Како да му ја зацврснам верата во Бог, кога не смета дека молитвите му се одговорени?“
    Драга Сузан (не е вистинското име – заб. авт.): Ова всушност е идеална можност да го научите својот син да се моли на начин којшто донесува одговор од Бог на молитвите. Објаснете му дека обајцата треба да Го прашате Бог зошто има кошмари, зошто се плаши навечер и зошто има проблеми на училиште. Објаснете му дека сите тие работи се предизвикани од други стравови во неговиот живот коишто мора да се испитаат и да се сфатат, за да може да ја добие помошта неопходна да ги надмине. Можете да го научите дека ако сакаме Бог да ни ги одговори молитвите, мора да се научиме да се молиме со вистинските молитви.
    Неговите кошмари и проблеми на училиште се несомнено симптоми на нешто во неговото секојдневие коешто силно го вознемирува. Токму затоа е важно да се побара од Бог да ги покаже причината или причините на неговите кошмари и проблеми и да ве поведе до помошта којашто е неопходна за да се надминат стравовите.
    Доколку постои некаков конфликт во домот, ако неговиот татко ве напуштил, ако има конфликт со брат или сестра или пак некој на училиште го малтретира - сите тие нешта може да му создадат кошмари. Постојаните кошмари се обично симптом на некој познат или непознат страв. Би Ви сугерирал и веднаш да побарате некој компетентен христијански детски советник за да му помогне да ги надмине своите стравови. Доколку не се преземат мерки веднаш, обично станува полошо.
    Доколку имате потреба од советници за одредени проблеми, од голема помош може да Ви бидат ресурсите посочени тука.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми во сите мои лични проблеми и во проблемите на моите деца и на моето семејство првин да ја видам причината на тие проблеми, а потоа, за да ги надминам/надминеме, помогни ми да ја пронајдам помошта за себе/за своите блиски.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

30 април 2010

Излези од зоната на комфорот

    А Петар Му одговори и рече: „Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водава.“ Овој му рече: „Дојди!“ Петар слезе од коработ и тргна по водата кон Исус. (Матеј 14:28-29 – Стандарден Превод)

    Една од најдобрите одлуки коишто сум ги донел во животот истовремено беше и една од најзастрашувачките. Со неа се борев речиси три години. Како млад човек почувствував длабоко во себе Божји повик за целовремена христијанска служба, но знаев дека за да бидам на тој план успешен ќе мора да добијам соодветна обука. Тогаш воопшто не бев образуван за христијанска работа. Дури немав завршено ниту средно училиште. Имав само 13 години кога татко ми ме примора да го напуштам училиштето и да почнам да работам. Како тинејџер одев во вечерно техничко училиште и се образував за столар - изработувач на прозорци и врати. Умеев да градам куќи, но да застанам пред луѓе и да зборувам – чувај боже!
    Арно ама, Бог не ме оставаше. „Боже, Ти мора да се шегуваш“, велев, „зарем сакаш да кажеш дека сакаш да ги напуштам домот, семејството, пријателите и мојата сигурност за да отпатувам преку океанот заради образованието за христијанска работа?! Зарем не знаеш колку сум несигурен? Јас сум само столар, а што сакаш Ти – да излезам од мојот сигурен чамец и да одам по вода?!“
    „Да, токму така“, ми одговори Бог со не толку тивок и смирен глас. „Зарем заборави дека Петар беше обичен рибар? Ах, да, патем, и Мојот Син Исус беше столар!“
    „В ред Боже“, реков на крајот. „Ти победи. Знам што треба да правам“. Тоа го кажав додека лежев грбечки во болнички кревет после една незгода на градилиште. Некои од нас треба да добијат неколку „жешки“ за да сопреме и да чуеме што има Бог да ни каже – за вистински да Го послушаме!
    Најбрзо што можев се вратив на работа за да соберам доволно пари за мојот билет во еден правец за САД и за првиот семестар на колеџ (под услов да најдам работа со скратено време). Исто така, мораше да минам диференцијални испити, оти немав средно училиште. За сето време додека бев во библиско училиште, на колеџ и на факултет работев со скратено работно време за да си го финансирам образованието. Тоа вклучуваше три работи во текот на летата, кога возев градски автобус во Чикаго во текот на утринските и попладневните сообраќајни шпици, бојадисував куќи во средината на денот и работев како чистач во една голема црква во вечерите и во текот на викендите.
    Дали беше тешко? Не премногу. Со распламтена убеденост дека тоа е нешто што е предвидено за мене, никогаш не останав без мотивација да се трудам. Плус, никогаш не останав без потребната работа, можев да си ги платам сите сметки - и ги положив сите испити.
    Сега, по милоста Божја, еве ме - после четириесет и кусур години - со прекрасната привилегија секојдневно да можам да допирам со спасителната Евангелска порака на Исус Христос луѓе по сите краишта на светот. Мојот живот никогаш претходно не бил толку благословен и толку исполнет.
    Како воопшто би можел да Му се заблагодарам на Бог за тоа што непрекинато ме поттикнуваше да одговорам на Неговиот повик и да Му кажам „да“. Тоа што Го прифатив Исус Христос за мој Господ и Спасител, тоа што излегов од зоната на комфорот и отидов на колеџ за да се образувам за делото коешто го работам денес, е најголемата (истовремено и најзастрашувачката) одлука во мојот живот.
    Ако почувствуваш дека Бог те повикува да излезеш од зоната на комфорот и да Го прифатиш Исус Христос за свој Господ и Спасител и/или во некаква служба за него, те повикувам и те охрабрувам да Му речеш „да“ на Бог уште сега. Тоа е одлука за којашто никогаш нема да се покаеш и за којашто ќе бидеш среќен цела вечност.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што нѐ повикуваш сите нас да Го прифатиме Исус Христос како свој Господ и Спасител, та така сите да ја примиме Твојата прошка за нашите гревови, како и Твојот подарок, вечниот живот - и да Ти служиме според даровите и талентите коишто си ни ги дал на сите нас.
    Те молам помогни ми да го чујам Твојот повик и дај ми храброст да истапам од мојата зона на комфор и уште сега да Ти речам „да“.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

Златното правило носи златна среќа

Следствено, сѐ што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие; зашто тоа е Законот и пророците. (Матеј 7:12 - Стандарден Превод)

    Фасцинантна студија на принципот зад погоре наведеното „Златно правило“ извршил Бернард Римланд, директор на Институтот за однесувањето на децата. Римланд открил дека ,најсреќни луѓе се оние коишто им помагаат на другите`.
    „Секој од луѓето вклучени во студијата беше замолен да наведе десет луѓе коишто најдобро ги познава и да ги окарактеризира како среќни или како несреќни. Потоа требаше одново да го помине списокот и секого да го означи како себичен или како несебичен, користејќи ја следнава дефиниција за себичност: стабилизирана тенденција да се посветат своето време и ресурси на своите интереси и благосостојба - неволност да се ставиш себеси во неудобна положба во интерес на другите“. (Rimland, "The Altruism Paradox," Psychological Reports 51 [1982]: стр. 521.)
    „Категоризирајќи ги резултатите, Римланд открил дека сите луѓе коишто биле оквалификувани како среќни, биле исто така означени и како несебични. Тој пишува дека оние ,чиишто активности се посветени на создавање среќа за себеси... имаат многу помали шанси да бидат среќни од оние чиишто напори се посветени на усреќување на другите`.
    Римланд заклучува: ,Постапувајте со луѓето онака како што сакате тие да постапуваат со Вас`. (Rimland, "The Altruism Paradox," Psychological Reports 51 [1982]: стр. 522, цитирано во: Martin & Diedre Bobgan, How to Counsel from Scripture, Moody Press, 1985, стр. 123. (Извор)

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што и модерните истражувања покажуваат дека поуките на Исус, како што се наведени во Твоето Слово, Библијата, се релевантни и важечки и денес како и пред 2.000 години.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

24 април 2010

Христијанството им подарило слобода и достоинство на жените

    Каков би бил статусот на жените во Западниот свет денес да не влегол Бог во светот во човечко тело, преку Својот Син Исус Христос? Еден одговор на тоа прашање би бил да се погледне нискиот статус што жените сѐ уште го имаат во исламските држави. Во Саудиска Арабија, на пример, на жените дури не им се дозволува да возат автомобили; а пак во Куранот му се заповеда на мажот да ја тепа својата жена ако му е непокорна - „Мажите се појаки од жените според она што Аллах ги одликува едни на други и според имотот свој кој го трошат. Па, добри жени се оние кои се побожни и кои се чувари, во скришноста, на она што треба да се чува, и во што Аллах ги чува. А за оние за кои се плашите дека нема да бидат послушни - посоветувајте ги, одвојте ги во постелата и удрете ги! А ако, пак, ви се послушни не барајте начин зло да им нанесите. Аллах, навистина, е Возвишен и Голем!“ (Сура 4:34 - Македонски превод на Куранот - од Хасан Џило)
    Кога човек ќе погледне во историјата пред и во времето на Христос, ќе види дека жените, слично како во исламските земји денес, имале многу малку слобода и достоинство. Тие биле сметани за зли, инфериорни, нечисти, нееднакви, а нивниот глас бил замолчуван. Бројни записи во древната литература сведочат за ова тесноградо културно гледиште. Ќе наведам само неколку примери.

    Жените како зли
    Рефлектирајќи ја грчката култура на тоа време, Хомер (8. век пр. Хр.) пишува: „На жените не може да им се верува“. (Одисеја). Грчкиот драмописец Еврипид (починал во 406 година пр. Хр.) вели: „Жените беа најдобрите осмислувачи на злото“. (Медеја). Тацитус, Римјанин од првиот век, ги отсликува жените како доминирачки и сурови. (Анали). Што се однесува до Хебреите, Исус синот Сирахов (2. век пр. Хр.) вели: „Во жената гревот го има својот почеток и поради неа сите умираме“(Мудрост Сирахова 25:27).

    Жените како инфериорни
    Грчкиот лекар Хипократ (умрел во 377 година пр. Хр.) тврди: „Жената е помалку совршена од мажот“. Филозофот Аристотел (умрел во 322 година пр. Хр.) вели: „Жената е како деформиран маж“ (Животинските родови). Бидејќи жената била сметана за инфериорна, Римската култура ја ставила под законите patria potestas и manus, коишто на мажот му давале целосна контрола врз неговите ќерки и неговата сопруга.
    Во текот на рабинската, односно ерата на усното законодавство (од цирка 400 година пр. Хр до цирка 200 година по Хр.), еврејската жена била обврзана да му ги мие лицето, рацете и нозете на мажот (Кетхубот). Една еврејска молитва вели: „Благословен [си Ти], кој не ме направи жена“. (Менахот).

    Жените како нечисти
    Верувањето дека жените се нечисти било присутно во речиси сите култури, на пример меѓу хиндусите во Индија, меѓу Карибите во Британска Гвајана, во голем број северноамерикански индијански племиња, меѓу Ескимите (Инуитите, заб.прев.), и во многу други. Таквиот став бил нормално поимање на нештата и меѓу Грко-Римјаните и меѓу Хебреите.
    Претпоставената нечистота на жената била резултат на месечните менструации, коишто доведувале до лишување на жената од многу слободи и привилегии. Еврејскиот Талмуд, на пример, има цела книга, наречена Нидах, којашто опсежно се занимава со менструалната нечистота на жената.

    Жените како нееднакви
    Во споредба со мажите, древните култури ги третирале жените крајно нерамноправно. За женетите мажи вообичаено се сметало дека имаат право на вонбрачни сексуални односи, додека мажените жени немале такви права. Тој двоен стандард го критикува една Гркинка во една од драмите на Еврипид. Таа вели: „Ако мажот се умори од друштвото дома, може да излезе и да најде лек за монотонијата. Ние сопругите пак сме присилени да се насочиме само кон еден маж“. (Медеја).
    Римскиот закон Lex Julia издаден од Цезар Август (умрел во 14 година по Хр.) вели дека жената нема право да го тужи својот сопруг ако тој извршил прељуба. Но жената којашто извршила прељуба подлежела на казна според patria potestas, што често значело нејзино погубување. Слично било и кај Евреите – прељубата се утврдувала според брачната состојба на жената, а не брачната состојба на мажот.
    Нееднаквиот третман на жените се гледа и по тоа што немале право да зборуваат во јавност. Рабинската усна традиција вели дека е „срамотно“ да се чуе гласот на жената на јавно место (Беракотх). Кај Хомер, Телемах ја прекорува мајка си Пенелопа оти зборува на јавно место. Тој ѝ вели: „говорот е само за мажите“ (Одисеја). Грчкиот драматург Софокле (умрел во 406 година пред Хр.) пишува: „О жено, молкот е украс на жените“ (Ајакс). Во 215 година пред Хр. римските мажи се вознемириле кога жените се собрале во римскиот Форум за да побараат поништување на Опианскиот закон. Одговарајќи им, Като вели: „Не можевте ли истата работа да ја побарате од своите мажи дома?“ (Ливиј, „Основањето на градот“).

    Исус им подарил достоинство и слобода на жените
    Човек може да цитира уште многу примери на негирање на слободата и на достоинството на жените во древноста. Тоа бил светот во којшто влегол Исус. А како Тој се поставил? Неговата интеракција со жените покажува дека Исус ги отфрлил древните верувања за жените положени врз предрасуди.
    Кога жената со крвотечение се допрела до неговата облека, Тој не бил шокиран; ниту пак помислил дека се онечистил. Наместо тоа, ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те избави!“ (Марко 5:34). Тој им оддавал почест на жените кога им ги објаснувал теолошките вистини. На Марта ѝ рекол: „Јас сум воскресението и животот, оној којшто верува во мене нема да умре никогаш“. (Јован 11:25-26). Тој ја поучува Марија во сторијата за Марија и Марта (Лука 10), а на теологија ја поучува и Самарјанката (Јован 4:9-29). Како резултат на овој инцидент, неговите ученици „се чудеа дека разговара со жена“. Тие знаеле дека Исус очигледно го прекршува рабинскиот орален закон, којшто вели: „Зборовите на Законот подобро да изгорат отколку да се пренесат на жена....“ (Сотах). Мажите Евреи во времето на Исус биле поучувани на следново „Маж да не се повела дотаму да поздравува жена“ (Беракотх).
    Сите три Синоптички Евангелија споменуваат дека Исуса Го следеле и жени. Таквото однесување било спротивставено на древните правила за жените; сепак Исус не ги прекорувал поради таквото однесување. А откако Исус воскреснал од мртвите, им рекол на жените коишто дошле пред неговата празна гробница да одат и да им раскажат на апостолите дека воскреснал од мртвите (Матеј 28:10). Евангелието по Јован ни раскажува дека Петар и Јован дошле пред празната гробница. Па зошто тогаш Исус не им рекол ним да одат и да им раскажат на другите апостоли? Зошто ги избрал жените за носители на веста за Неговите машки следбеници?
    Одговорот не е тешко да се предвиди, посебно ако се потсетиме дека Тој честопати застанувал во одбрана на потиснатите и малтретираните. Одбирајќи жени да им ја пренесат веста на апостолите, Тој всушност ги материјализирал своите зборови кажани во друга пригода: „Мнозина коишто се први ќе бидат последни, а последните први“ (Матеј 19:30).
    Исус исто така ја отфрлил древната идеја дека прељубата се определува според брачната состојба на жената во мигот кога рекол дека секој којшто ќе погледне на жена со похота, веќе извршил прељуба (Матеј 5:28). Брачната состојба на жената била неважна. Сексот надвор од брак е престап против Божјата волја, е не против сопственоста на мажот - неговата сопруга.

    Христијанството ги спроведува Исусовите гледишта за жените
    Како што се ширело, Апостолското христијанство им давало на жените слобода и достоинство невидени во античкиот свет. Тоа се одвивало не само преку крштевање и вклучување на жените во Господовата вечера - како рамноправни со мажите - туку жените исто така добивале водачки улоги. Свети Павле споменува дека Апфија „нашата сестра“ била водач во домашната црква во Колос (Филимон 2). Во Лаодикеја пак живеела Нимфана која имала „црква во нејзиниот дом“ (Колошаните 4:15), а во Ефес пак била Прискила, една од соработничките на апостол Павле (Римјаните 16:3). Фиба била влијателна водачка во црквата во Кенхреа, каде што била ѓакон (внимавајте, не ѓаконка) и главен водач (Римјаните 16:1-2). Павле исто така вели дека Еводија и Синтихија „со него се труделе за Евангелието, заедно со другите негови соработници“. (Филипјаните 4:2-3)
    Христовото влијание имало и други бројни ефекти врз добробитта на жените. За разлика од паганските Грци и Римјани, раните христијани ги ценеле женските бебиња подеднакво колку момчињата. Свети Павле им заповедал на мажите да ги сакаат своите сопруги исто како што Христос ја засакал Црквата (Ефешаните 5:25). Жените добиле и брачна слобода со правото да може да прифатат или да одбијат додворувачи. Во 374 г. по Хр. императорот Валентијан Први (кој христијанин) го укинал стариот закон patria potestas којшто на мажите им дал право врз животот и смртта на неговата сопруга и на неговото семејство. А со време дури исчезнала и праксата жените да носат вел. Во Индија во 1829 година, Британците, повлијаени од христијанските вредности, го прогласиле за незаконско сутито (sutee – спалување на живата вдовица на кладата за мртвото тело на нејзиниот сопруг); додека во Кина, благодарение на трудот и напрегањето на христијанските мисионери, во 1912 година воз закон била ставена суровата пракса да се врзуваат и стегаат стапалата на девојчињата за да останат малечки.
    При сите тие револуционерни промени во полза на жените, да се потсетиме на длабоките зборови на еден христијански учен: „Раѓањето на Исус било пресвртница во женската историја“. Друг пак вели: „А од сѐ друго што сторил нашиот Господ, најважно е што немерено го воздигнал женскиот пол“. Сепак, ниту Христос ниту Раните христијани не проповедале политичка револуција. Неговите следбеници всушност го копирале Христовиот пример во своите релации со жените, закрепостувајќи ги нивното достоинство, слобода и права, искачувајќи ги до височини никогаш претходно не видени во ниту една култура.
    Рака на срце, земајќи ја предвид грешната природа на човештвото, имало и времиња кога некои христијани правеле гревови и ги игнорирале или дури и ги прекршувале стандардите што Христос и Неговите апостоли им ги подариле на жените. Но, со расплетот на историјата, слободата и достоинството со коишто Христос ги обдарил жените продолжила да созрева во Западниот свет. Така, човек може недвосмислено да каже дека жените најмногу слобода и најголемо достоинство жените стекнале онаму каде што било најголемо влијанието на христијанството, а најмалку слобода и најмалку достоинство стекнале онаму каде што христијанството имало најмало влијание или воопшто не било присутно.
Soli Deo Gloria. (Само на Бога слава!)

д-р Алвин Џ. Шмит (Alvin J. Schmidt, Ph.D ) (2 август 2007 за Movieguide)

Алчноста ќе ти донесе штета, а не корист

Затоа, умртвете ги земните органи на вашето тело за: блуд, нечистота, страст, зла желба и алчност која е идолопоклонство. (Колошаните 3:5 - Стандарден Превод)

    Според една стара басна, којашто му ја припишуваат на Езоп, некое куче со коска во муцката минувало мост. Погледнало во водата и го видело својот одраз. Помислило дека гледа друго куче и друга коска. Толку очајнички ја посакало другата коска што ја испуштило својата за да го преплаши „другото куче“. Се разбира, на другата страна на водата немало друго куче. Неразумното куче ја испуштило коската во вода!
    Таква е природата на човековата алчност. Во обид да добиеме нешто коешто посакуваме, го губиме она коешто веќе го имаме“.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам избави ме од гревот на алчноста - постојаната потреба да сакам повеќе од она што го имам. Наместо тоа, те молам помогни ми да бидам давач, а не само земач.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

18 април 2010

Моето нарушување на хранењето ме изедува

Затоа и ние, кои имаме околу себе толкав облак сведоци, да ги отфрлиме настрана секое бреме и грев кој лесно нѐ сплеткува, и да ја трчаме со трпение трката што ни претстои (Евреите 12:1 - Стандарден Превод)

    Читателка на „Daily Encounter“ ми напиша: „Потребна ми е помош. Моето нарушување на хранењето ме изедува. Се обидов да го предадам на Бог, но не сум сигурна дека тоа сум го направила од срце. Сакам да престанам, ама навлечена сум на идејата за слабо тело“.
    Кога јадењето премногу или премалку станува зависност, проблемот е сериозен. Согледувањето што е причината на овој проблем може да биде најтешката работа што ќе треба да се направи; огромен напор ни е нужен за да го постигнеме тоа... Кај сите зависности, проблемот којшто го гледаме - очевидниот проблем - обично е само симптом на вистинскиот проблем, „врв на сантата мраз“.
    Иако треба да се третираат и симптомите, од клучна важност е да се справиме со коренот на проблемите и да го елиминираме. Ако се третираат само симптомите, коренот набргу ќе избие во некоја друга област. Знам еден човек којшто тврдеше дека е излекуван од алкохолизмот во мигот кога станал христијанин. Но реално, сѐ што се случило кај него е промена од алкохоличар во гневохоличар!
    Заедничкиот именител на многу, ако не и на најголемиот број зависности, е дека некогаш во минатото, а главно во раното детство, имало одредено нарушување со недостиг во сферата на љубовта. Зависничкото однесување се применува за да се залекува и спречи болката од внатрешната повреда на човекот поради почувствувана несоодветна и недоволна љубов.
    Сепак, покрај барањето помош од Бог и молитва за избавување, има и работи коишто се наша одговорност. Исто како што добиваме повреди во повредувачки однос, така добиваме и исцелување во исцелувачки однос. Токму затоа групите за поддршка, како што е програмата „12 Чекори“ може да бидат од голема полза, а пак третманите со умешен советник или со терапевт се неопходни, често дури од животна важност...
    Како што алкохоличарите мора да бидат во група за поддршка „Анонимни алкохоличари“, така и храно-холичарите мора да се придружат на група на „анонимните прејадувачи“ или која и да било група којашто е насочена кон пружање помош за нив. Таму тие ќе може да бидат сакани и прифатени такви какви што се. Бидејќи нарушувањата во љубовта ги гонат луѓето во зависности, безусловната љубов е едно од најдобрите палијативни и исцелувачки средства за избавување од зависноста. Кога луѓето се чувствуваат искрено љубени и прифатени, потребата да се „изразуваат“ преку автодеструктивни зависнички поведенија се намалува во голема мерка.
    Групата за поддршка, исто така, им помага на зависниците да се чувствуваат одговорни за своето поведение, оти има некој комушто му се полага сметка. Само кога зависникот ќе сопре со своето зависничко однесување и ќе се соочи со вистинската болка од неговата повреденост или од отфрлањето, ќе може да се соочи со коренот на својот проблем и да се ослободи од него.
    Првично повеќе информации за донесување одлука да ѝ ставите крај на својата зависност може да побарате и тука.

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам што ме сакаш и ме прифаќаш каков што сум... дури и со мојата зависност... (тука сега можеш на Бог да му ја признаеш по име). Ти благодарам и што ме сакаш премногу за да не ме оставиш каков што сум. Го признавам мојот проблем и те молам дај ми храброст да се справам со коренот на мојот проблем. Те молам дај ми ја помошта којашто ми е неопходна за да го поразам проблемот.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

28 март 2010

Вистинската религија

Ова е чиста и неизвалкана религија пред Бога и Таткото: да се посетуваат сираците и вдовиците кога се во нивната невола, и да се биде неосквернет од светот. (Јаков 1:27 - Стандарден Превод)

    Покојната Карен Карпентер тажникаво пееше: „Loneliness, it's such a sad affair.“ („Самотија, колку тажно звучи тоа“). Тоа е животна вистина за мнозина во денешниот дигитален свет.
    Празниците, како што се Божик, Нова година, Велигден, родендените, па дури и викендите, се радосни мигови за мнозина. За други пак, тоа се најосамените периоди во годината; тоа посебно се однесува на оние коишто се и онака осамени, оние коишто загубиле сопружник или дете, возрасните-самци... Сите тие паметат посреќни времиња и посебно во вакви мигови страдаат од длабока осаменост.
    Мнозина читатели на „Daily Encounter“ знаат што значи ова. Некои од нив сега се во таква состојба. Знам каква е таа болка. Токму затоа, сите ние мора да бидеме осетливи за потребите на сите во нашите кругови на врски, роднински или пријателски, споменувајќи си дека многу насмеани лица сокриваат раскрвавени срца...
    Треба да посегнеме кон оние коишто се осамени и страдаат - поканете ја/го, или пак нив, на ручек. Јавете им се или испратете им електронско писмо за да им кажете дека мислите на нив. Прашајте дали би можеле нешто да сторите за нив. Посетете постар пријател или роднина. Купете подароци за деца од некое семејство коешто е сиромашно. Обезбедете храна за сиромашните.
    Имав еден драг пријател којшто го запознав уште во градинка. Заедно бевме и во основно и во средно училиште. Заедно служевме војска и, иако живеевме илјадници милји далеку еден од друг, никогаш не загубивме контакт. Пред извесно време мојот пријател влезе во неприлики, се обескуражи, се повлече во себе и си го одзеде животот. Трагична загуба!
    За жал, никогаш не ме извести за својот проблем. Тажно е тоа што во миговите на нужда ние возрасните забораваме да побараме пријателска рака и да побараме помош и поддршка кога ни се потребни, за, како што поучува Исус „да си ги носиме бремињата еден на друг и така да го исполниме Христовиот закон“. Така, впрочем, ќе спроведуваме чиста и вистинска религија!

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Ти благодарам за сите бесконечни благослови со коишто ме опсипуваш. Помагај ми секогаш да бидам одговорен, исполнет со љубов, љубезен, човек којшто ќе излезе в пресрет на другите... А пред сѐ да бидам Христолик во сѐ што кажувам и правам. Кога пак ќе ми биде потребна помош, дај ми храброст да се отворам и да признаам дека имам проблем и да побарам помош.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

27 март 2010

Каде е алката којашто недостига?

Во почеток Бог ги создаде небото и земјата. Бог рече: „Да направиме човек во Нашиот лик, според Нашата сличност, и нека владеат над морските риби, над небесните птици и над добитокот - над сета земја - и над сите лазачи што ползат по земјата!” Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско. (Битие 1:1,26-27 - Душан Х. Константинов)

„Еволуционистите силно се опираат на идејата дека човекот произлегол од човеколиките мајмуни. Тие инсистираат дека обата вида произлегуваат од хипотетски предок сроден на човеколиките мајмуни, односно од алка којашто недостига. Во нивната приказна, човекот и приматите се разделиле од имагинарниот предок пред околу 7 милиони години. Но нема докази дека овој „предок“, тн. „алката којашто недостига“ навистина некогаш постоел.
Ако било така, секако некои припадници на видот би биле фосилизирани. Но досега не се најдени такви остатоци.
Бидејќи фосилни докази нема, ајде да го разгледаме проблемов од гледна точка на генетиката. Колку генетски мутации се потребни за еден човеколик предок да премине во човек? Единствениот начин за којшто знаеме да се создадат нови гени е да се изменат постоечките гени преку случајни мутации. Најдобрите усовршувања коишто досега ги забележала науката донеле само прекомбинирања на гените.
Најголемиот број мутации ја деградираат генетската информација и така му нанесуваат штета на потомството. Голем број мутации може да бидат фатални. На еволуцијата би ѝ биле потребни трилиони иновативни мутации за да произведе човек од пониските животни форми. А досега такви не се забележани“. (Извор; адаптирано од „If Apes Evolved into Humans, Why Do We Still Have Apes?“ на Dr. John D. Morris; Institute for Creation Research, November 2006)
Јас не сум научник, ниту сум пак син на научник, но сум научил доволно за да знам дека насекаде и во голема мерка луѓето веруваат во она во коешто сакаат да веруваат, она коешто ќе го одберат како најсоодветно за нив.
Јошуа (Исус Навин) им рекол на древните Израелци: „Одберете сами овој ден кому сакате да му служите... Што се однесува до мене и до моето семејство, ние ќе Му служиме на Господ“. (Исус Навин 24:15)
Ако досега не си одбрал кому ќе му служиш, те повикувам да му се посветиш на Единствениот, на Вистинитиот - на Господ Исус Христос.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам за нас. Ти благодарам што си Големиот Создател и што светот и сѐ во него е создадено од Тебе и е во Твоите дланки. Ти благодарам и што, откако сум одбрал да верувам во Тебе и да Ти го доверам мојот живот, мојата судбина и мојата вечна иднина се сигурни во Твоите раце.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

14 март 2010

Денот што го смени светот

Јас сум Живиот; бев мртов, и еве, Жив Сум во сите векови и ги имам клучевите на Адот и смртта. (Откровение 1:18 – Стандарден Превод)

Се сеќавам на една приказна за татко којшто бил фатен од снежна бура заедно со своите две малечки ќерки и го загубил патот. Кога паднала ноќта, ги завиткал ќерките во своето палто и легнал врз нив за да спречи тие да смрзнат до смрт. Следниот ден потрагата ги пронашла. Девојчињата биле живи и здрави, но нивниот татко бил  смрзнат. Го дал својот живот за да ги спаси оние коишто ги сакал.
Тоа за тебе и за мене го направил и Исус. Го дал својот живот на Римскиот крст пред околу 2.000 години за да ги отплати и избрише последиците на нашите гревови – коишто пак ја претставувааат смртта, односно духовната и вечна смрт; којашто не е едноставно престанок на животот, туку е вечна одвоеност од Бог, авторот и создателот на сета љубов и на сиот живот.
Но кога воскреснал од гробот, Исус засекогаш ја премавнал силата на смртта и гревот. Со тоа, Тој дава гаранции за воскресение и вечен живот на сите оние коишто ќе го прифатат како свој личен Спасител и Господ.
Риви Закаријас ги изразува Христовите смрт и воскресение во овие едноставни, но истовремено и многу продлабочени зборови: „Учениците биле оние коишто биле бележани за смрт. Тие коишто Го надживеале Исус, биле вистинските мртви. А Тој, Исус, мртвиот, биле всушност оној живиот“.
Бидејќи Исус е Живиот, денот кога Тој воскреснал од мртвите бил денот кога светот бил засекогаш сменет. А денот кога ти и јас ќе ги предадеме своите животи Нему и ќе ја примиме бесплатната Негова прошка е денот којшто ќе ги смени нашите животи. Довека! Засекогаш!

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:

Драг Боже, како и би можел доволно да Ти заблагодарам за големата жртва којашто си ја направил давајќи го Твојот Син Исус да умре на крстот наместо мене и така да ја плати цената на сиот мој грев! Драг Исусе, поради Твојата смрт, помогни ми да Те сакам онака како што би требало и да ги посветам сите мои денови до крајот на земниот живот на Тебе.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

13 март 2010

Што и да правиш, не почивај на ловорики

Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што нѐ задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да нѐ заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи. Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. (Евреите 12:1-2 - Динамичен Превод)

Во напис во магазинот „Leadership“ Џ. Дејвид Бјанчин, користејќи аналогија на кошаркарски меч, го раскажува следново: „Во регионалните финални натпревари на НКАА (Националната атлетска асоцијација на високото образование во САД) во 1987 година, тимот на Државниот универзитет на Луизијана само неколку минути пред крајот водеше пред Индијана со осум поени. Како што често е случај со тимовите коишто се во водство, Луизијанците почнаа да играат по друга тактика. Телевизискиот коментатор забележа дека тие почнуваат да гледаат на часовникот, наместо со цело срце да играат. Како резултат на тоа поместување на фокусот, Индијана многу бргу го поништи водството и на крајот победи со еден поен. Потоа продолжи понатаму и стана шампион на НКАА“.
Во секојдневието, не се осмелуваме да заспиеме на ловорики, да ја засноваме нашата безбедност на минатите победи, оти постојано со жива слика сме потсетувани на терористичките напади и на неодамнешните насилства насекаде низ светот. „Постојаната будност е [сѐ уште] цената којашто мора да се плати за слободата“.
Колку пак поголема е потребата за постојана будност во работењето за Божјото царство! Божјото Слово ни вели: „Бидете трезвени и постојано на штрек! Внимавајте! Вашиот непријател, Ѓаволот, како разјарен лав обиколува и си бара жртва за растргнување. Спротивете му се, без да се колебате во верата“. (1 Петр. 5:8-9 - Динамичен Превод). Оти „Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори“. (Ефешаните 6:12 - Динамичен Превод).
Да даде Бог и ние, како апостол Павле, да може да кажеме: „Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа, но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од сѐ срце да се стремам кон она што е пред мене. Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, нѐ повика“. (Филипјаните 3:13-14 - Динамичен Превод).
Тоа со Божја благодат можеме да го направиме, како што напишал и псалмистот Давид: „Господ е мојата светлина и моето спасение - од кого тогаш да се бојам? Господ е утврдението на мојот живот - од кого тогаш да се плашам? (Псалм 27:1).

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Милостив Боже, Ти благодарам за Твоето велико Спасение, постигнато преку дарувањето на Твојот Син Исус, како и за сите неискажливи благослови коишто си ги обезбедил за Твоите деца и за тука на Земјата и за Вечноста. Сега Те молам да ми помогнеш да не заспивам на ловорики, туку постојано погледот да ми биде вперен во целта и да Ти служам верно во сите денови на мојот живот.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

10 март 2010

Патеката до целта

Зашто, ако праведникот падне и седумпати, тој станува (Пословици 24:16 – Душан Х. Константинов)

Во својата книга „Peak Performers (Врвни постигнувачи)“ д-р Џејмс Гарфилд објаснува како астронаутите ги одржувале вселенските летала на курсот.
„Велат дека на летовите од Земјата до Месечината, леталата „Аполо“ повеќе биле надвор од курсот отколку на него. Во секој таков миг кога леталото ќе скршнело од планираната патека, екипажот ќе го врател на курсот – скршнување и враќање, скршнување и враќање, одново и одново... А знаете ли што? Не било важно што мора да се прават корекции. Битни биле резултатите. Астронаутите стасувале до Месечината. Потоа се враќале дома. Тоа го правеле со дисциплина и знаењето да се вратат на курсот. Не следеле совршена патека, туку стресна, ама правилна патека“.
Без разлика дали сакаме да патуваме на Месечината, дали сакаме да постигнеме подобар личен или семеен живот, или пак се трудиме да го почитуваме и слушаме Бог, принципот е секогаш ист. Секогаш ќе има непредвидливи и неочекувани
настани коишто ќе изискуваат измени и прилагодувања. Иако астронаутите морале да бидат прецизни при своите пресметки, тие сепак претпоставувале дека ќе има грешки и корекции. Човекот којшто не е свесен за потребата за прилагодувања веројатно нема да ги постигне зацртаните цели.
Како што вели Гарфилд, стресната, ама правилна патека води до целта – која и да е таа!
За христијанинот, целта е почитување и послушување на Бог и чекорење кон зрелоста. На моменти ќе се сопнуваме, ќе правиме грешки, ќе паѓаме и ќе наидеме на многу дупки по патот. Но, кога ќе паднеме, важно е да станеме, да го корегираме курсот и да продолжиме кон зацртаната цел.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, секој ден Ти ги предавам мојот живот и моите намери и го посветувам животот на служење Тебе. Ти благодарам што секогаш си со мене за да ме водиш и да го насочуваш мојот живот, да ги корегираш моите погрешни или штетни свртувања коишто можеби ќе ги направам. Те молам одржувај ме насочен кон целта со целите и намерата коишто си ги зацртал за мене.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

09 март 2010

Според твојата вера

Исус рече: „Ако можеш?! Сѐ е можно за оној што верува!“ Веднаш потоа таткото на момчето извика: „Верувам, помогни ми да го надминам моето неверие!“ (Марко 9:23-24)

Ерл Најтингејл раскажува за тест на силата во којшто луѓето требало да стиснат динамометар (направа којашто ја мери силата на стисокот на раката) најсилно што можат. Откако еднаш им го измериле стисокот, луѓето биле хипнотизирани, при што им било кажано дека се многу силни. Кога ги замолиле пак да ја стиснат направата, резултатите биле подобри во просек за 40 отсто.
Нивната физичка сила не се зголемила додека биле под хипноза, зголемена била само нивната способност да ја користат таа сила. Подобрувањето не се должело на хипнозата, туку на нивната верба во себе.
Кога поради нешто ќе поверуваме дека сме посилни, реагираме соодветно на уверувањето. Се вели понекогаш дека сите ние одиме низ животот „само-хипнотизирани“, во смисла дека голем дел од тоа коешто сме е одредено од она коешто ни го кажале другите - но и од она коешто сме го кажале самите - и сме поверувале во сето тоа!
Она коешто треба да го правиме е да слушаме што Божјото Слово, Библијата, вели за нас, да веруваме во тоа и да постапуваме соодветно на таквото верување. Како што вели апостолот Павле: „Можам да сторам сѐ преку Христос, Којшто ми дава за тоа сила“ [односно, оние нешта коишто се во хармонија со Божјата волја] (Филипјаните 4:13)
Една работа научив со текот на времето - Бог никогаш не нѐ повикува да направиме нешто за коешто не нѐ оспособил. А нѐ повикува сите да бидеме верни слуги на Неговото дело на Земјата и да бидеме верни управители на сето она коешто ни го подарил: нашето време, талентите, парите и сите други наши ресурси.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, доаѓам пред Тебе и Ти се ставам на располагање. Те молам искористи ме како дел од Твоите планови и од Твоето дело во светот денес. Како таткото којшто се сомневал, наведен во погоре цитираниот дел од Новиот Завет, и јас верувам: помогни ми да го надминам целото мое неверие.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

07 март 2010

Проклетството на теолошката крутост

Пасете го Божјото стадо, кое е меѓу вас и надгледувајте го, не со принуда, туку доброволно, како што Бог сака; не со желба за нечесна печалба, туку со искрено срце; и не како да господарите над такви кои ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. (1 Петр. 5:2-3 – Стандарден Превод)

Луѓето коишто се теолошки крути се сушта спротивност на она кон што Божјото Слово ги поттикнува. Тие себеси се гледаат како многу духовни луѓе и како добри христијани. Но и Фарисеите во времето на Исус се гледале себеси така!
Факт е дека луѓето коишто се теолошки крути воопшто не се духовни. Тие се теолошки крути оти се емоционално крути. А такви – емоционално крути – се оти живеат во негирање. Ги негираат своите несигурности и внатрешните неразрешени болни места. Некои од нив се многу гневни. Други се опседнати со контролирањето – на себеси и на другите. Некои пак се обележани од обеве состојби.
Теолошки крутите луѓе коишто ќе станат водачи во црква (или пак во политичкиот живот или во која било друга сфера) им нанесуваат голема штета на луѓето - и психолошка и духовна. Тие ги одржуваат луѓето во состојба на несозреаност, на претерана зависност, но и на негирање – односно, состојбата во којашто се наоѓаат и крутите водачи. Таквите водачи, како и фарисеите, ги сакаат своите правила повеќе од луѓето. Тие ги користат луѓето за да ги исполнат своите манипулаторски цели. Тие се легалисти коишто бараат другите да се вклопат во нивните нереални очекувања, а ако одбијат да постапуваат така, ќе бидат соочени со отфрлање. Во некои религиозни и политички средини луѓето коишто ќе ги одбијат таквите замисли може да доживеат целосен бојкот и/или дури да бидат убиени.
Божјото Слово ги опишува луѓето коишто ќе се вратат во легализам како маѓепсани (Галатите 3:1).
Но не заборавајте дека крутите луѓе може да нѐ контролираат само ако ние им го дозволиме тоа. Во некои екстремни културни средини, човек може да биде присилен на надворешна контрола или да биде убиен, но битниот момент е што, со Божја помош, човек, секако, може да ја задржи контролата врз својот ум и врз своите верувања.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:

Драг Боже, Те молам избави ме од стапицата и проклетството на теолошката крутост и легализмот и дај ми ум да ги препознаам секогаш кога ќе се појават.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

06 март 2010

Би го дал својот живот

Зашто, додека уште бевме беспомошни, во определено време, Христос умре, за безбожниците. За праведник одвај некој ќе умре, а за добар човек можеби некој и ќе се осмели да умре. Но Бог ја покажува Својата љубов спрема нас, со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници. (Римјаните 5:6-8 – Стандарден Превод)

Во 2000 година во октомврискиот број на списанието „Дисижен“ (Decision) излезе писмото на еден анонимен млад човек со приказната за неговото преобраќање. Неколку години претходно бил заглибен и тонел во мочуриштето на дрогите и на злоупотребата на алкохолот. Неговиот постар брат Тери извесно време пред тоа го споделувал истиот животен стил; но во периодот споменат погоре веќе бил преобратен христијанин, а тоа предизвикало моментална промена на неговиот стил на живот. Ентузијастички зборувал за својата вера со секој во неговата близина.
Неколку месеци после преобраќањето на Тери, супермаркетот во којшто тој работел бил ограбен. Еден од разбојниците му пукал на Тери во грбот, и додека Тери во болницата балансирал на границата меѓу животот и смртта, неговиот помлад брат конечно се обратил на Бог и почнал да се моли. На Тери својата одлука му ја соопштил неколку дена пред тој да почине.
Неколку месеци подоцна, братот на Тери се вработил во истиот супермаркет во којшто бил застрелан Тери. Почнал на колегите да им сведочи за својата вера. Еден колега му кажал дека неговиот постар брат го правел истото. Потоа додал: „Твојот брат рече дека би го дал својот живот за ти да го прифатиш Господ Исус Христос“.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Дарежлив Боже, како би можел воопшто да Ти заблагодарам за дарот, Твојот Син Исус, Којшто го даде Својот живот на крстот за сите гревови да ми бидат простени и во вечноста да бидам на Небесата со Тебе. Исусе, Ти благодарам што го даде Својот живот за мене и Те молам помогни ми мојот живот да го живеам во целост за Тебе и за Твоето кралство.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

05 март 2010

Компулсивната потреба да се спасува другиот

Секој треба да го носи својот товар. (Галатите 6:5 – Стандарден Превод)

Една читателка на „Daily Encounter“ ми пишува:
„Мојата пријателка Џејн (не е вистинското име – заб.авт.) е скршена. Момчето со когошто беше четири години во врска ѝ раскина, а сепак постојано ѝ се јавува. Таа сѐ уште многу го сака. Многу ѝ е тешко, посебно сега откако тој ѝ кажа дека ја забременил сегашната девојка.
Мојата пријателка се чувствува одговорна за него и се обвинува себеси што дозволила тој да застрани и што не била доволно цврста со него. Како можам да ѝ помогнам да излезе од таа состојба?“
Ова е уште еден пример за повратна зависност (co-dependency), ситуација некој да ја презема одговорноста за некого. Тоа, се разбира, не е љубов. Тоа е потреба. Поточно, човек чувствува потреба да биде неопходен некому (да спасува некој друг) за да може да се чувствува добро и за да биде задоволен од себеси. Некој би можел да се запраша: „Како па таа би можела да биде одговорна за маж којшто забременил друга жена?!“
И навистина тоа е избезумувачки став. Но не гледа така на работите човекот којшто зависи од грижата за другите. Тој не гледа на неговата состојба како психолошки комплекс на Месија. Проблемот на ваквиот човек е исто толку реален колку и проблемот на човекот комушто сака да му помогне. Сѐ додека го прави тоа, ваквиот повратно-зависен човек не мора да се соочува со сопствените проблеми.
Помеѓу другите работи, повратно-зависниот човек секогаш се обидува да ги спречи природните последици на нечие негативно однесување. Но само ако тој реши да се тргне настрана и дозволи проблематичниот човек да се соочи со последиците на своето деструктивно однесување, ќе може овој вториов да ја увиди реалноста и да ја добие помошта којашто му е неопходна за да се подобри. Нема гаранција, се разбира, дека до тоа навистина ќе дојде, но сѐ додека ги спасуваме проблематичните луѓе, всушност сме цврста гаранција дека никогаш нема да се подобрат.
Затоа се обраќам на сите вакви „спасители“, од коишто јас веројатно сум најлошиот: Треба да се соочиме со нашиот проблем и да го прифатиме, за потоа да ја добиеме помошта којашто ни е неопходна за подобрување. Повратната зависност може да ни изгледа како многу христијанска, но не е така. Таа исто така ги спречува луѓето да станат зависни од Бог со тоа што ги одржува во постојана зависност од нас.
Оваа состојба е болест за којашто ни треба лек и избавување.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми мојата повратна зависност да ја увидам, да ја исповедам и да ја напуштам, како и да ја добијам помошта за да ја направам таквата зависност минато во мојот живот и да се подобрам.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

27 февруари 2010

Извршувач

Вистина, еден ден во Твоите дворови подобар е од илјада други. Повеќе сакам да стојам на прагот на Домот на мојот Бог, отколку да живеам во шаторите на грешниците. Господ, Бог, е сонце и штит: Тој дава благодат и слава. Не им ускратува Господ добра на оние што одат во невиност. (Псалм 84:10-11 — Душан Х. Константинов)

Др. Џ. Б. Гамбрел раскажува една хумористична приказна од познатата „Воена кампања во долината“ на генералот Стоунвол Џексон. Армијата на Џексон се нашла на едниот брег на реката во време кога всушност требала да биде на спротивниот брег. Откако им заповедал на своите инженерци да проектираат и да изградат мост за неговите војници да може да ја преминат реката, тој го повикал раководителот на коњските коли за да му каже дека е неопходно колите да ја преминат реката што порано можат. Раководителот на конвојот почнал да ги собира сите трупци, камења и прачки коишто можел да ги најде и направил мост. Многу пред да се раздени, раководителот му кажал на генералот Џексон дека сите коли и артилеријата ја преминале реката.
Генералот прашал каде се инженерците и што прават. Раководителот му кажал дека се во своите шатори и цртаат проект.
Се вели дека има три типа луѓе: тие коишто работат за нештата да се случат; тие коишто гледаат како нештата се случуваат, и тие коишто не знаат дека нешто се случува.
Сакам, со Божја помош, да бидам извршувач и еден од тие коишто прават нештата да се случат. Во факултетските денови, бев во една студентска група во црквата. Групата се соочуваше со проблеми и водачите ме прашаа што според мене е згрешено. Реков оти не чувствувам дека имам право да критикувам доколку немам желба да сторам нешто околу проблемите. И знаете што? Се ангажирав и станав извршувач. Тоа беа меѓу моите најубави денови на факултет.
Ајде да не критикуваме ако не сме подготвени да се ангажираме. За да бидеш извршувач, почни да правиш нешто со вечно значење, сфаќајќи дека на Бог Му служиме служејќи им на луѓето.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми да го инвестирам својот живот активно вклучувајќи се како извршител во работата за Твоето кралство – без разлика колку мали и мачни ќе ми изгледаат задачите. Помагај ми и секој ден да бидам налик на Христос за секого когошто ќе го сретнам.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

Архива на блогот