21 декември 2009

Сам не бива

И Господ, Бог, рече: „Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему.” (Битие 2:18 - Душан Х. Константинов)

Би требало да се потсетиме дека Бог го создал човекот првенствено за врските, од коишто произлегуваат осумдесет проценти од задоволствата во животот. За да живееме исполнето и осмислено мора да бидеме во некоја врска којашто ни значи нешто, врска без којашто животот би ни бил празен, осамен, блуткав...
Доколку не знаеме како да одржуваме здрави врски, всушност и не можеме исполнето да го живееме животот; а како резултат на тоа можеме да ги нарушиме и менталното и физичкото здравје. Или кажано поинаку: За да живееме во потполност, во потполност мора и да сакаме!
Да се потсетиме - и самиот Бог е во врска, во Тројството (Бог Отецот, Бог Синот и Бог Светиот Дух). Исус Христос пак го почнал христијанското движење оформувајќи врски: „И определи дванаесетмина да бидат со Него“ (Марко 3:14 - Стандарден Превод). Исто така, речиси целата своја мисија Христос ја извршил заедно со дванаесетте апостоли.
Како христијани, најбитната работа е да одржуваме исправен однос со Бог, којшто почнува со прифаќање на Исус Христос за твој личен Спасител и Господ. Обидите да го живееме христијанскиот живот без овие елементи е налик на обидот да стасаме некаде на запад упатувајќи се во спротивната насока.
Понатаму, потребни ни се здрави блиски односи со луѓето. Само така можеме да исполниме некои од најдлабоките копнежи на срцето. Но тоа не значи дека треба да бидеме претерано зависни од другите, ниту целосно независни од нив - туку да бидеме „со-зависни“ со нив.
Степенот на нашето ментално здравје, емоционална зрелост и духовна благосостојба ќе се рефлектираат и врз здравоста на нашите блиски врски. Божјата заповед да се сакаме едни со други не е сентиментална сугестија. Таа е налог!

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми најпрвин да имам вистински однос со Тебе, а потоа да ги разрешам сите карактерни и останати проблеми коишто може да ми попречат да изградувам врски со другите. Помогни ми да Те сакам Тебе и да ги сакам другите многу пообилно отколку сега, како и да негувам зрела љубов кон себе.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.