Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост. (Пословици 28:12 - Душан Х. Константинов)
Проблеми колку сакаш во човечкиот живот! Сепак, честопати проблемите коишто ги гледаме не се оние вистинските проблеми! Односно, проблемот, без разлика дали е емоционален, духовен или физички, честопати е симптом на друг подлабок проблем, односно, сликовито, е дрво со длабок корен. Длабоко закопаната причина може да биде неразрешен емоционален, духовен или морален проблем којшто може да се искаже на еден или на повеќе начини, односно преку проблеми во врските, загриженост, стрес, вознемиреност, несоница, депресија, зависности, духовна опустошеност, физички заболувања, малтретирање други луѓе, итн.
Многу физички симптоми коишто некој човек ќе ги почувствува може да бидат сигнали од одредеден вид... На пример, чиревите може да бидат создадени не толку од она што го јадеме, колку од она што нѐ јаде. Расцепувачките главоболки може да бидат предизвикани од „набивањето“ гнев во главата и мислите. Болките во рамениците може да бидат предизвикани од нашето чувство на оптовареност, чувството дека сме јавнати од големо бреме.
Исповедта ја отвора портата за исцелението: не само исцеление од симптомите, туку и од причините. Откако Давид го исповедал својот грев, рекол: „Блажен е оној, чие беззаконие е простено, и чии гревови се покриени. Блазе на човекот кому Господ не му го припишува гревот и во чиј дух нема измама! Кога молчев, моите коски се исушија од моето офкање преку целиот ден. Дење и ноќе, Твојата рака тежеше врз мене, мојата животна влага се претвори во летен припек. Тогаш го признав својот грев пред Тебе и својата вина веќе не ја криев. Реков: „Ќе му го признам на Господа својот престап,” и Ти ми ја прости вината на мојот грев“. (Псалм 32:1-5 - Душан Х. Константинов)
Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти ги исповедам сега симптомите (наведи ги сите поединечно...) присутни во мојот живот. Те молам дај ми храброст да се соочам со нивните причини и доведи ме до помошта којашто ми е потребна за да се справам со нив.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.