01 декември 2009

Плачи со оние коишто плачат

Кога Исус ја виде расплакана, и како плачат Евреите, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе и рече: „Каде го положивте?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“Исус просолзи.Тогаш Евреите рекоа: „Гледај, колку го љубел!“ (Јован 11:33-36 - Стандарден Превод)

Чак Свиндол во неговата книга „Killing Giants, Pulling Thorns“ („Убивање џинови, вадење трнови“) раскажува за едно мало девојче чијашто другарка починала. Девојчето му кажало на своето семејство дека отишло да ја утеши разжалената мајка на покојната другарка.
„Што правеше?“, прашал татко ѝ.
„Ништо. Само ѝ седнав в скут и плачев со неа“, одговорило девојчето.
Што сторил Исус кога Неговиот пријател Лазар починал? Плачел...
Ретки се тие пријатели коишто знаат да плачат со оние коишто плачат.
Исто така, треба да знаеме и кога треба да молчиме... Во истата книга Чак Свиндол раскажува за Џо Бејлај, којшто загубил три деца. Свиндол цитира од книгата на Бејлај „The View From a Hearse“ („Поглед од катафалката“). Џо вели: „Седев раскинуван од жал и тага. Некој дојде и ми зборуваше за Божјите постапки, зошто се случило така, за животот после смртта. Постојано зборуваше. Кажуваше работи кои знаев дека се точни. Но не бев допрен и само сакав да си замине. На крајот и тоа се случи.
Потоа дојде друг и седна крај мене. Не зборуваше. Не ми поставуваше прашања кои би спотнале разговор. Само седеше крај мене, цел час и повеќе, слушаше кога имав нешто да кажам, кратко одговараше, се молеше на едноставен начин, и замина.
Бев допрен. Бев утешен. Со тага гледав како заминува.“
Вториот посетител и малото девојче биле како Исус за разжалените. Да ни дава Бог ум и сили и ние да постапуваме како нив.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам дај ми нежно и чувствително срце и помагај ми да бидам како Исус кон луѓето коишто жалат и оплакуваат. Помагај ми да молчам кога треба да молчам, да проговорам благо кога ќе биде потребен благ збор, но и да плачам со оние коишто плачат.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.