Зборувајќи си со псалми, химни и духовни песни, пеејќи Му на Господ и воспевајќи Го во своето срце! (Ефешаните 5:19 - Стандарден Превод)
Едно од најголемите подрачја на конфликт во денешните цркви е музиката. Постарата генерација христијани се понаклонети кон „старите“ песни, додека помладите повеќе ги сакаат црковните песни коишто јас си ги нарекувам „радост и разиграност“. Па, која музика е најдобра за славење на Бог?
Ќе одговорам малку одоколу. Пред неколку години имав прилика да проповедам на утринска неделна богослужба во Англиканската (Епископална) Црква во Перт, Австралија. Беше сред зима и ми беше толку студено во црквата што жената на еден доктор ми го даде својот капут. И така, чекајќи службата да почне, седев во првата клупа нагрнат со женски капут. Во мигот кога заедницата почна да пее, бев како погоден од гром. „Еј, тука сега Бог е навистина присутен“, си реков себеси.
Кога застанав да проповедам, како никогаш претходно во мојот живот, почувствував една неверојатна слобода со моќно чувство на Божјото присуство.
На службата присуствуваше и една професорка на Универзитетот на Западна Австралија. Таа госпоѓа неодамна беше емигрирала од Кина, каде што растела под режимот на Мао Це Тунг и под воспитување дека нема Бог. Тоа беше вторпат во нејзиниот живот да влезе во црква. Им кажала на едни мои пријатели коишто ме придружуваа дека додека сум проповедал, таа околу мене гледала аура од сите бои на спектарот. Рекла и дека знаела дека има Бог, оти силно го почувствувала Неговото присуство на таа служба.
Но каква врска има сето ова што ви го раскажувам со црковната музика? Секаква! Не е само обликот на музиката битен, туку и ставот на срцето на луѓето коишто пеат. Кога проповедам, со голема доза на сигурност уште на првиот стих на првата песна можам да кажам дали ќе биде лесно или тешко да се проповеда, оти човек лесно ќе почувствува дали Бог е во музиката или не е. Ако Бог не е во музиката, можете да бидете сигурни дека Неговиот Дух ќе го нема и во остатокот од богослужбата. Така што, прашањето е дали музиката е од срце, како што вели Павле во библискиот стих за денеска. Ако не е така, тогаш не се случува славење на Бог - па колку и да се талентирани пејачите.
Кажано поинаку, нашата музика е благопријатен мирис за Бог кога е плод на искрено славење, ама може да биде и реа, тешка смрдеа, кога станува збор за извештаченост и просто извршување на „ритуалот“, како во случајот на некои од жртвите во времето на Стариот Завет.
Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помагај ми постојано да Ти пеам, во моето срце постојано да свири музика за Тебе, без разлика дали сум дома, на работа, на училиште, или на богослужба.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.