Кога Исус го виде (инвалидот) како лежи (беспомошен), а знаејќи дека веќе долго боледува (поточно 38 години), му рече: `Сакаш ли да оздравееш?`“ (Јован 5:6 - Стандарден Превод)
Имам една пријателка којашто прележала полио кога била малечка и сега има физички хендикеп. Многумина се молеле за нејзино исцелување, но до тоа не дошло. Добронамерни, но сепак нечувствителни христијани, ѝ велеле дека нема доволно вера за да биде исцелена или пак давале други недоветни објаснувања. Сето тоа ја направило несигурна во себе, состојба во којашто била многу години сѐ додека не сфатила дека Бог не ги исцелува сите.
Не знам зошто е така. Во овој живот сите, одвреме-навреме, страдаме од болести. Некои луѓе ќе се исцелат, а некои не.
Иако го велам тоа, верувам дека мнозина од нас би можеле да бидат многу поздрави, доколку живееме во хармонија со библиските принципи. Во старозаветно време (пред да се појави модерната медицина), Евреите биле поучени од Бог да не консумираат одредени видови храна. Причината за тоа е што тие групи храна се сврзани со многу болести.
Во Новиот Завет пак добиваме на тацна два клучни принципи за исцелување од, барем, некои заболувања.
Прво, Исус му рекол на инвалидот „Сакаш ли да оздравиш?“. Модерната медицина покажува дека тие коишто вистински сакаат да оздрават се оние на коишто тоа најверојатно ќе им се случи. Тие ја преземаат одговорноста за своето закрепнување, иако тоа може да значи драстична промена на животниот стил. Со други зборови, треба да посакуваме да оздравиме толку очајнички што ќе сториме сѐ што можеме за да го доживееме тоа.
Имав друг пријател којшто со години се обидуваше да ги остави цигарите. Многу го критикуваа и му држеа лекции. Ништо од сето тоа не беше од полза. Дојде кај мене надевајќи се дека ќе му помогнам. Откако ми раскажа за својата борба и мака, тивко го прашав: „Зошто имаш потреба да пушиш?“. Тој ме погледна бело... промрморе неколку неповрзани зборови, се сврте и си замина. Мислам дека Џим (тоа не е неговото вистинско име) бараше магичен, инстант начин за прекинување на зависноста и за спасување на животот. Не сакаше да размисли за можните причини... и умре од рак на белите дробови набргу.
Второ, многу здравствени проблеми - но секако не сите - и болести се предизвикани или сериозно засилени од неразрешени лични проблеми коишто предизвикуваат болести. На пример, првиот симптом на силна потисната нетрпеливост може да биде срцев удар. Познато е и дека стресот може да биде убиец. Него може да го предизвикаат низа притисоци, од коишто некои може да ги контролираме, но многу не. На пример, неразрешеното чувство на вина, нелегитимните сексуални односи, неверноста во бракот, нечесното бизнис работење, нарушените врски, итн., може да предизвикаат силен стрес, којшто може да создаде болести па дури и да доведе до прерана смрт.
Решението за исцелување од болестите предизвикани од ваквите стрес-фактори се наоѓа во Библијата. Едноставно е, но не и лесно: „И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите. Делотворната молитва на праведникот има голема сила“. (Јаков 5:16 - Стандарден Превод)
Говорејќи лично, како што впрочем сум правел и претходно, да кажам дека пораснав во дисфункционално семејство. Воо моите дваесетти години од животот страдав од многу болен бурситис во двете раменици, како и од многу силна поленска алергија. Кога ми се распадна бракот и почнав со терапија, открив дека имам премногу закопана болка и гнев од детството - емоциите коишто сум ги закопал и коишто ги негирав; но кога се соочив со нив, ги исповедав и ги изразив, а со тоа ги разрешив, се исцелив и од бурситисот и од поленската алергија.
Намерата на Божјите принципи не е да ни ја одземат слободата, туку да ни дадат слобода од многу заболувања и проблеми. Изборот е на нас што ќе правиме со тоа. Дали навистина сакаме да оздравиме или само посакуваме да се случи тоа?
Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што во Твојот Збор, во Библијата, си изнел динамички принципи за здрав живот. Дај ми жед да научам на што поучува Твоето Слово и здрав разум да живеам во хармонија со Твојата волја, за да може да оздравам.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.