И така, оставајќи ги настрана секоја злоба и секаква измама, лицемерство, зависти и сите клевети, како новороденчиња, копнејте по духовното, вистинско млеко на Словото, па со него да пораснете за спасението. (1 Петр. 2:1 - Стандарден Превод).
Гневете се, но не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, и не давајте му место на ѓаволот. (Ефешаните 4:26-27 - Стандарден Превод)
Еден читател на „Daily Encounter“ прашува: „Како се наоѓа ослободување од огорченоста?“.
Прво, треба да признаеме како навистина се чувствуваме. Потоа треба да сфатиме дека тие чувства се аморални - сами по себе не се ниту добри ниту пак лоши, едноставно се тука! Разликата е во тоа што ќе направиме со нив (и со нивните причини); тука почнува доброто или лошото, креативното или деструктивното.
Второ, исто така мора да сфатиме дека огорченоста честопати е резултат на завист и на гнев. На пример, човекот исполнет со завист честопати е гневен или на човекот којшто добил унапредување или некој дар, признание или придобивка за којашто тој или таа смета дека повеќе ги заслужувал/а, и е лут/а на тој којшто го дал дарот или унапредувањето.
Трето, треба да прифатиме дека зависта честопати е нуспроизвод на личната несигурност и лошата слика за себе.
Четврто, за да се надмине огорченоста, битно е да се надмине и порази гневот.
На крајот, треба целосно да им простиме на оние за коишто чувствуваме дека нѐ повредиле - без разлика дали повреденоста е оправдана или не е (честопати не е). Како и да е, без разрешување на повреденоста и на гневот, речиси е невозможно да му се прости на оној за којшто чувствуваме дека нѐ повредил.
Откако повреденоста и гневот ќе се надминат, прошката станува лесен избор - или ќе решиме да простиме или пак ќе решиме да останеме со повреденоста, гневот и огорченоста.
Лорен Фишер мудро вели: „Разликата помеѓу задржувањето на гневот (огорченоста) или ослободувањето од него преку проштевање е еднаква на разликата меѓу ставањето глава навечер на перница наполнета со трње или на перница наполнета со розини листови“. Или, како што рекол некој друг: „Непростувањето е како да се напиеш отров и да чекаш другиот да умре“.
Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помагај ми секогаш кога се чувствувам огорчен да ја видам причината за мојата огорченост, без разлика дали е несигурност, завист, повреденост и/или гнев. Помогни ми потоа да ја најдам помошта којашто ми е потребна за да се справам со тој проблем, за да може лесно да им простам на сите коишто ме повредиле, исто како што Ти си ми го простил мојот грев.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.