Исус им дал вечен принцип на сите луѓе со изрекувањето на следниве зборови: „Ако продолжите да го следите Моето слово, навистина сте Мои ученици, и ќе ја знаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31-32 - Стандарден Превод)
Иако Исус пред сѐ споделил теолошки принцип, тој принцип всушност се однесува на секоја област од животот - не само за општодадената (фактичката) вистина, туку и на личната вистина.
Личната вистина значи дека треба да бидеме во допир со внатрешната вистина, односно да бидеме свесни и искрени за нашите вистински чувства и мотиви. Божјото Слово вели: „Ти љубиш искрено срце, ме учиш на мудрост во длабочината на душата“ (Псалм 51:6 - Душан Х. Константинов).
Во стварноста, колку понеискрени (самопотиснати и во негирање) за нашата внатрешна вистина сме, толку повеќе ќе ја искривоколчуваме сета вистина, вклучувајќи ја тука и Божјата вистина, за да ја измесиме и прилагодиме на нашето исчанчено поимање на реалноста. Точно е и спротивното, колку сме поискрени во поглед на внатрешната вистина, толку појасно ќе ја согледуваме сета вистина.
Со други зборови, работите ги гледаме не какви што се, туку онакви какви што сме ние самите. На пример, ако сум негативна личност, ќе ги гледам работите низ негативен фокус - и ќе бидам критичен кон нив. Ако сум преосетлива личност, ќе барам многу мотиви во тоа што луѓето го кажуваат и ќе реагирам претерано - не толку на основа на она што тие го кажале или го направиле, туку на основа на она што сум или на основа на тоа кој всушност сум. Од друга страна, како што вели Томас Дрејер: „Светот е големо огледало. Ти го рефлектира она што си. Ако си исполнет со љубов, ако си пријателски настроен, ако сакаш да помагаш, светот ќе биде полн со љубов и пријателство за тебе и ќе ти помага. Светот е она што си ти“.
Со оправдана причина Божјото Слово нѐ поучува: „Оставајќи ги настрана секоја злоба и секаква измама, лицемерство, завист и сите клевети, како новороденчиња копнејте по духовното, вистинско млеко на словото, па со него да пораснете за спасението“. (1 Петр. 2:1-3 - Стандарден Превод)
Ако сакаме да ја откриеме вистината, треба да се почне со вистинољубивост и искреност во поглед на себе. Сѐ додека во нашиот живот има некоја област за којашто не сме пронашле ослободување, можеме да бидеме сигурни дека има некоја вистина за којашто не сме свесни или за која сме во состојба на негирање. Исус рекол: „Ќе ја знаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31-32 - Стандарден Превод)
Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми да ја видам секоја област во мојот живот за којашто сум во негирање и повторно да се поврзам со неа, за да може тие проблеми да ги изнесам на светлина за да може да бидат разрешени. Помогни ми секогаш да бидам искрен кон себе, кон другите и кон Тебе, за да ја најдам вистинската слобода и на ниту еден начин да не ја искривоколчувам вистината.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.