16 ноември 2009

Потрага по вистината (1)

Потрагата по вистината, ама и одбегнувањето на вистината, се стари колку и човештвото. На почетокот на човечката историја Сатана (ѓаволот) ја извртел Божјата вистина кажувајќи полу-лага - што пак е една од најизмамните форми на лагата. Тоа довело до падот на човештвото во грев и до навлегување на злото во светот. (Види Битие 3:1-6).
А кога му се судело на Исус Христос, Пилат прашал: „Што е вистина?“ (Јован 18:38 - Стандарден Превод)
Но денес, во нашето таканаречено постмодерно секуларно општество, со сета лудост на политичката коректност „Толеранцијата - а не вистината, е апсолутна“, ни укажуваат Кенет Д. Боа и Роберт М. Боуман Помладиот во нивната книга „20 убедливи докази дека Бог постои“ (Kenneth D. Boa and Robert M. Bowman Jr., 20 Compelling Evidences That God Exists, страница 18).
Но тоа е крајно опасен начин на живеење и темел за изградба на општество којшто всушност е вкопан во жив песок - посебно ако сѐ повеќе и повеќе се одвојуваме од Бог, Авторот и Суштината на сета вистина и на сиот живот.
Во коренот на најголемиот дел на злото (вклучувајќи го и тероризмот) денес е фактот дека луѓето ја размениле Божјата вистина за лага. Говорејќи за пораните генерации, Божјото Слово вели: „Зашто, иако Го познаа Бога, не Му оддадоа почит како на Бог, ниту Му благодарија; туку станаа суетни во своите мудрувања и нивното неразумно срце се помрачи. Нарекувајќи се мудри, станаа безумни, и ја заменија славата на бесмртниот Бог со облик на смртен човек, на птици, на четириножни животни и на лазачи“. (Римјаните 1:21-23 - Стандарден Превод)
А крајниот резултат на сето тоа повторно го наоѓаме објаснет во Божјото Слово: „Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да го прават она што не прилега, исполнети со секаков вид неправедност, пакост, алчност, злобност; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, клеветници, богомрасци, дрски, надмени, фалбаџии, измислувачи на зла, непокорни на родителите, без разбирање, вероломци, без љубов и немилосрдни. Иако ги знаат Божјите одредби: дека оние кои прават така заслужуваат смрт, сепак, не само што прават така, туку сесрдно ги одобруваат и другите, кои го прават истото“. (Апостол Павле; Римјаните 1:28-32 - Стандарден Превод)
Всушност, без пристап до вистината нема реалност, нема слобода, нема насоки - и нема надеж за спасение на човештвото. Не е за чудење што голем дел од денешниот свет плута на морето на недоверчивоста и на светските превирања. Да ни удели Бог никогаш да не заборавиме дека „блазе му на оној народ кому ГОСПОД е Бог, на народот што го избра за Свое наследство“. (Псалм 33:12 - Душан Х. Константинов.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам испрати препород преку Твојот Дух и препород на вистината во нашата земја, за како нација да се свртиме повторно кон Тебе и да ги запознаеме Твоите благослови и твојата грижа. Те молам почни го Твоето дело и во мене веднаш.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.