Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го нарекуваат син на фараоновата ќерка, и повеќе сакаше да страда заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите гревовни наслади. (Евреите 11:24-25 - Стандарден Превод)
Како што пишува лондонскиот весник „Дејли Мејл“, една пензионерка во Англија користела „жива“ артилериска граната како сопирач за врата цели 20 години.
Со децении 18 сантиметри долгата граната била семеен сувенир, исполиран и поставен над каминот. Овој остаток од Првата светска војна се користел и како играчка, а во последните 20 години и како сопирач на влезната врата во домот на 68 годишната Телма Бонет во Пејнтон, во англиската грофовија Девон.
Во кој било момент за сето тоа време таа можела да експлодира. Германската граната била „жива“, со активен експлозив и откочен механизам за активирање, велат експертите. Вистината за опасноста се дознала кога некој сосед ја видел гранатата пред вратата на Бонет. Била повикана полицијата, која ангажирала деминер од Кралската Морнарица. Неколку соседни куќи биле евакуирани, а гранатата била однесена во блискиот каменолом и детонирана.
Гранатата стасала во семејството во 1918 година, а ја донел Артур Кроксал, дедо на Телма.
„Немав поим колку е опасна. Дедо ја донел од некоја тура на Трговската Морнарица, каде што работеше. Татко ми постојано ја полираше и ја држеше на каминот...“, вели г-ѓа Бонет.
Портпаролот на Министерството за одбрана објаснува; „Гранатата била полна со експлозив и можела да експлодира во кој било момент“. (Извор: Daily Mail, 2 јули 2007 година. За да ја видите фотографијата на гранатата и на Телма Бонет и да ја прочитате изворната статија, одете на http://tinyurl.com/ywtb8p)
Навистина, како што кажува и библискиот текст за денеска, гревот може да донесе уживање - ама само за кратко време. Ако продолжиме да си играме со гревот и да живееме животи исполнети со него, иако можеби не сфаќаме, ние исто така „седиме “на темпирана бомба којашто може да експлодира во кое било време. А тоа секако еднаш ќе се случи и може да ги уништи репутацијата, карактерот, блиските врски и/или психичкото, емоционалното и духовното здравје. Гревот секогаш носи последици, а нивниот крај е вечна смрт, вечна и непоправлива одвоеност од Бог, авторот на сета љубов и сиот живот.
Гревот, а сиот грев е смртоносен духовен канцер, се однесува исто како канцерот - или ракот ќе те стаса тебе или ти ќе го стасаш гревот!
Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што си обезбедил лек и пат за бегство од смртоносните последици на гревот, давајќи Го Твојот Син Исус да умре наместо мене за да ја плати казната за мојот грев. Помогни ми да Го прифатам Исус како мој Спасител и да стекнам увереност дека сум ги примил Твојата прошка и вечниот живот.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.