30 октомври 2009

Уште не си дома!

Неговиот господар му рече: `Арно сторено, добар и верен слуго! Над малку беше верен, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!` (Матеј 25:21 - Стандарден Превод)

По 40 години работа како мисионер во Африка, Хенри К. Морисон се разболел и морал да се врати во Америка. Кога големиот прекуокеански патнички брод се вкотвувал, на њујоршкото пристаниште се собрала голема толпа за да му посака добредојде на друг патник на тој брод. Морисон набљудувал како претседателот Теодор Рузвелт добива велелепен пречек после неговото сафари во Африка.
Хенри Морисон тогаш го спопаднала огорченост и со гнев му се обратил на Бог: „Си доаѓам дома после толку многу години служење на црквата, а нема ниту еден - ниту еден - да ми посака добредојде“.
Потоа Морисон слушнал тивок глас како му вели: „Уште не си дома!“ (Брет Блер, www.sermons.com).

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, помогни ми да помнам, додека се трудам со Твоја помош да го живеам животот и да Ти служам верно, дека вистинската моја награда го чека моето враќање дома, кога ќе пристигнам за да бидам вечно со Тебе на небесата.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

Живот со „жива“ бомба

Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го нарекуваат син на фараоновата ќерка, и повеќе сакаше да страда заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите гревовни наслади. (Евреите 11:24-25 - Стандарден Превод)

Како што пишува лондонскиот весник „Дејли Мејл“, една пензионерка во Англија користела „жива“ артилериска граната како сопирач за врата цели 20 години.
Со децении 18 сантиметри долгата граната била семеен сувенир, исполиран и поставен над каминот. Овој остаток од Првата светска војна се користел и како играчка, а во последните 20 години и како сопирач на влезната врата во домот на 68 годишната Телма Бонет во Пејнтон, во англиската грофовија Девон.
Во кој било момент за сето тоа време таа можела да експлодира. Германската граната била „жива“, со активен експлозив и откочен механизам за активирање, велат експертите. Вистината за опасноста се дознала кога некој сосед ја видел гранатата пред вратата на Бонет. Била повикана полицијата, која ангажирала деминер од Кралската Морнарица. Неколку соседни куќи биле евакуирани, а гранатата била однесена во блискиот каменолом и детонирана.
Гранатата стасала во семејството во 1918 година, а ја донел Артур Кроксал, дедо на Телма.
„Немав поим колку е опасна. Дедо ја донел од некоја тура на Трговската Морнарица, каде што работеше. Татко ми постојано ја полираше и ја држеше на каминот...“, вели г-ѓа Бонет.
Портпаролот на Министерството за одбрана објаснува; „Гранатата била полна со експлозив и можела да експлодира во кој било момент“. (Извор: Daily Mail, 2 јули 2007 година. За да ја видите фотографијата на гранатата и на Телма Бонет и да ја прочитате изворната статија, одете на http://tinyurl.com/ywtb8p)
Навистина, како што кажува и библискиот текст за денеска, гревот може да донесе уживање - ама само за кратко време. Ако продолжиме да си играме со гревот и да живееме животи исполнети со него, иако можеби не сфаќаме, ние исто така „седиме “на темпирана бомба којашто може да експлодира во кое било време. А тоа секако еднаш ќе се случи и може да ги уништи репутацијата, карактерот, блиските врски и/или психичкото, емоционалното и духовното здравје. Гревот секогаш носи последици, а нивниот крај е вечна смрт, вечна и непоправлива одвоеност од Бог, авторот на сета љубов и сиот живот.
Гревот, а сиот грев е смртоносен духовен канцер, се однесува исто како канцерот - или ракот ќе те стаса тебе или ти ќе го стасаш гревот!

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што си обезбедил лек и пат за бегство од смртоносните последици на гревот, давајќи Го Твојот Син Исус да умре наместо мене за да ја плати казната за мојот грев. Помогни ми да Го прифатам Исус како мој Спасител и да стекнам увереност дека сум ги примил Твојата прошка и вечниот живот.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

25 октомври 2009

Бог изненадува позитивно

Сметајте дека е вистинска радост, браќа мои, кога ќе се сретнете со разни испитувања, знаејќи дека од испитувањето на вашата вера произлегува истрајност. А од истрајноста - совршено дело, за да бидете совршени и целосни, без нешто да ви недостига. (Јаков 1:2-4 - Стандарден Превод)

Во помладите години бев директор на младинска мисија за Јужна Австралија. Најголемиот дел од мојата служба беше предавање веронаука во државните средни училишта. Тоа се изведуваше во организација на локалните цркви. Една вечер една голема деноминација изгласа да се повлече веронауката од училиштата. Со нивната одлука, мојата работа се намали за барем 90 отсто. Јас дадов оставка, но комисијата ја спроведе клаузулата според која ако сакам да си заминам, мора да најавам 3 месеци претходно. Јас сметав дека се многу неразумни - имав работно место, ама немаше што да работам... За да не се досадувам и за да правам нешто во сето тоа време со коешто располагав, почнав да пишувам... и оттогаш не престанав!
После она што ми изгледаше како многу разочарувачко искуство, работата којашто ја работам денес - цели 30 години оттогаш - го надрасна сето она што воопшто сум можел да го замислам. Тоа што тогаш ми се случи беше еден од најголемите благослови во мојот живот.
Во текот на Големата депресија, Валас Џонсон, еден динамичен христијанин, бил отпуштен од пиланата каде што работел. За Валас и неговата сопруга тоа било разорна загуба. Па, што направил Валас?
Ја ставил куќата под хипотека и отворил градежна фирма. После 5 години веќе бил мултимилионер и го основал „Холидеј Ин“. Валас вели: „Да можев да го најдам човекот којшто ме отпушти, искрено би му се заблагодарил за она што го стори. Во времето кога тоа ми се случи, не разбирав зошто сум отпуштен. Подоцна видов дека Бог имал непогрешлив и чудесен план да ме однесе на патеката којашто ми ја одбрал“.
Па, драг читателе, дали и ти минуваш низ тешки времиња, времиња на загуба и разочараност? Ако е така, тогаш побарај од Бог да ти објасни на што сака да те научи и за што сака да те подготви; за да може да станеш поплодоносен христијански работник и слуга Господов.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, помогни ми низ сите болни искуства да видам дека секогаш има некоја лекција на којашто сакаш да ме научиш. Помогни ми и да станам позрел и поплодоносен христијанин, како и поефикасен сведок за Твоето спасително дејствување.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

24 октомври 2009

Немир и мир

Зашто самите вие добро знаете дека Господовиот Ден ќе дојде како крадец во ноќ. Кога ќе велат „мир и безбедност“, тогаш ненадејно ќе падне погибел врз нив, како породилни маки врз бремена жена, и не ќе можат да избегаат. (Апостол Павле; 1 Солунците 5:2-3 - Стандарден Превод)

Во едно издание неодамна се појави следнава неверојатна статистика: од почетокот на забележаната историја, целиот свет бил во мир помалку од осум отсто од времето! Низ сопствена студија, периодичното списание Personnel Journal открило дека во 3.530 години од документираната историја, само 286 години минале во мир. Покрај тоа, досега биле склучени - и прекршени - повеќе од 8.000 мировни спогодби! (Today In The Word, June 1988, страница 33; Moody Bible Institute).
Прочитав некаде дека една од најбрзорастечките религии денес е исламот. Муслиманите би сакале да веруваме дека нивната религија е религија на мирот, а во исто време нивните радикали се впуштаат во кампањи на колежи во различни делови на светот.
Ова што ќе го кажам не е во рамките на политичката коректност, но реалноста е дека светот денес не е во судир на културите на исламот и на Западот, туку во верска војна во којашто напаѓачите не носат униформи, се кријат зад невини цивили, вклучувајќи тука деца, и ги користат нашите слободи за да доживеат експанзија, и, на крајот, да не` убијат или да не` потчинат на строгата контрола на нивните легалистички религиозни закони - а во исто време, правејќи го тоа, да ни ја одземат нашата слобода! Со други зборови, ја користат нашата слобода за да ја одземат нашата слобода.
Се сеќавам што еднаш ми рече еден мој стар пријател - пастор за знаците што ќе претходат на Второто Христово доаѓање на Земјата, коишто Исус и Библијата ги претскажале. Тој рече дека тие знаци всушност биле присутни уште од времето кога Христос чекорел по земјата, но дека денес тие знаци се собрани на куп!
Исус се враќа на Земјата. Тоа е исто толку сигурно колку и Неговото прво доаѓање пред 2.000 години. Што ако Тој се врати денеска? Ќе бидеш ли подготвен да Го пречекаш? Или пак ќе бидеш оставен? Начинот да бидеш сигурен дека Исус ќе те земе со своите е да Му ги предадеш својот живот, своето срце, својата волја, во покајничка молитва.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што си ни ветил во Твојот Збор, во Библијата, дека Исус ќе се врати за да ги однесе на Небесата сите свои вистински следбеници. Те молам помогни ми да сторам се` за да бидам подготвен за Неговото враќање, коешто би можело да се случи многу наскоро.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.