21 декември 2009

Сам не бива

И Господ, Бог, рече: „Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему.” (Битие 2:18 - Душан Х. Константинов)

Би требало да се потсетиме дека Бог го создал човекот првенствено за врските, од коишто произлегуваат осумдесет проценти од задоволствата во животот. За да живееме исполнето и осмислено мора да бидеме во некоја врска којашто ни значи нешто, врска без којашто животот би ни бил празен, осамен, блуткав...
Доколку не знаеме како да одржуваме здрави врски, всушност и не можеме исполнето да го живееме животот; а како резултат на тоа можеме да ги нарушиме и менталното и физичкото здравје. Или кажано поинаку: За да живееме во потполност, во потполност мора и да сакаме!
Да се потсетиме - и самиот Бог е во врска, во Тројството (Бог Отецот, Бог Синот и Бог Светиот Дух). Исус Христос пак го почнал христијанското движење оформувајќи врски: „И определи дванаесетмина да бидат со Него“ (Марко 3:14 - Стандарден Превод). Исто така, речиси целата своја мисија Христос ја извршил заедно со дванаесетте апостоли.
Како христијани, најбитната работа е да одржуваме исправен однос со Бог, којшто почнува со прифаќање на Исус Христос за твој личен Спасител и Господ. Обидите да го живееме христијанскиот живот без овие елементи е налик на обидот да стасаме некаде на запад упатувајќи се во спротивната насока.
Понатаму, потребни ни се здрави блиски односи со луѓето. Само така можеме да исполниме некои од најдлабоките копнежи на срцето. Но тоа не значи дека треба да бидеме претерано зависни од другите, ниту целосно независни од нив - туку да бидеме „со-зависни“ со нив.
Степенот на нашето ментално здравје, емоционална зрелост и духовна благосостојба ќе се рефлектираат и врз здравоста на нашите блиски врски. Божјата заповед да се сакаме едни со други не е сентиментална сугестија. Таа е налог!

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми најпрвин да имам вистински однос со Тебе, а потоа да ги разрешам сите карактерни и останати проблеми коишто може да ми попречат да изградувам врски со другите. Помогни ми да Те сакам Тебе и да ги сакам другите многу пообилно отколку сега, како и да негувам зрела љубов кон себе.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

20 декември 2009

Дрво со длабок корен

Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост. (Пословици 28:12 - Душан Х. Константинов)

Проблеми колку сакаш во човечкиот живот! Сепак, честопати проблемите коишто ги гледаме не се оние вистинските проблеми! Односно, проблемот, без разлика дали е емоционален, духовен или физички, честопати е симптом на друг подлабок проблем, односно, сликовито, е дрво со длабок корен. Длабоко закопаната причина може да биде неразрешен емоционален, духовен или морален проблем којшто може да се искаже на еден или на повеќе начини, односно преку проблеми во врските, загриженост, стрес, вознемиреност, несоница, депресија, зависности, духовна опустошеност, физички заболувања, малтретирање други луѓе, итн.
Многу физички симптоми коишто некој човек ќе ги почувствува може да бидат сигнали од одредеден вид... На пример, чиревите може да бидат создадени не толку од она што го јадеме, колку од она што нѐ јаде. Расцепувачките главоболки може да бидат предизвикани од „набивањето“ гнев во главата и мислите. Болките во рамениците може да бидат предизвикани од нашето чувство на оптовареност, чувството дека сме јавнати од големо бреме.
Исповедта ја отвора портата за исцелението: не само исцеление од симптомите, туку и од причините. Откако Давид го исповедал својот грев, рекол: „Блажен е оној, чие беззаконие е простено, и чии гревови се покриени. Блазе на човекот кому Господ не му го припишува гревот и во чиј дух нема измама! Кога молчев, моите коски се исушија од моето офкање преку целиот ден. Дење и ноќе, Твојата рака тежеше врз мене, мојата животна влага се претвори во летен припек. Тогаш го признав својот грев пред Тебе и својата вина веќе не ја криев. Реков: „Ќе му го признам на Господа својот престап,” и Ти ми ја прости вината на мојот грев“. (Псалм 32:1-5 - Душан Х. Константинов)

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти ги исповедам сега симптомите (наведи ги сите поединечно...) присутни во мојот живот. Те молам дај ми храброст да се соочам со нивните причини и доведи ме до помошта којашто ми е потребна за да се справам со нив.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

19 декември 2009

Мразам религија!

Зашто по благодат сте спасени, преку вера, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! Не е од делата, за да не се фали некој. (Ефешаните 2:8-9 - Стандарден Превод)

Во помладите години, кога работев во мисија за младите, една од моите главни обврски беше да предавам веронаука во државните средни училишта во Аделаида, главниот град на државата Јужна Австралија.
На почетокот на секоја учебна година на таблата со големи букви ќе напишев: „Мразам религија!“
„Човеку, на овој час ќе те застрелаат поради тоа!“, извика еднаш еден ученик во вчудовидување.
„Ама, јас сум навлечен на вистинското христијанство“, му одговорив.
„Па, што е разликата?“, ме прашаа неколкумина.
„Дозволете да објаснам. Вистина, христијанството се смeта за религија, но всушност е коренито поразлично од религиите создадени од човекот.
Според Вебстеровиот речник „New World“ зборот „религија“ доаѓа од латинското „religare“ („re“ значи „повторно“, а „ligare“ значи „да врзеш“). Со други зборови, „религија“ значи „повторно да врзеш“.
Во реална смисла, религијата е „назад кон ропство“, а тоа се однесува на речиси сите, до последната, религии создадени од човекот... Најголемиот дел од нив го ставаат човекот во ропство на екстремни легалистички правила и регулативи со многу малку или никакви лични слободи.
Од друг агол анализирано, религијата (таа создадена од човекот) е потрага на човекот по Бог преку патишта создадени од човекот, како што се добри дела или почитување на одредени правила, ритуали и регулативи.
Од друга страна пак, вистинското христијанство е потрага на Бог по загубеното човештво преку жртвување на Неговиот Син Исус, Којшто дошол на Земјата како бебе и умрел на грозоморниот римски крст за да ја плати казната за гревовите - твоите и моите!
Автентичното христијанство, повеќе од сѐ друго на светот, му дало на човештвото слобода. Само споредете го исламот со христијанството и имајте на ум дека исламот е религија основана од Мухамед, додека христијанството е основано од Исус, Синот на Живиот Бог.
Нашиот грев нѐ раздвојува од Светиот Бог, па поради тоа е невозможно човештвото да се спаси себеси. Сите негови напори да измисли свои патишта до Бог се осудени на пропаст.
Можеме да Го најдеме и да Го запознаеме Бог само ако одиме по Неговиот пат; а тој всушност претставува верување дека Исус Христос е Божјиот Син и дека умрел за да нѐ спаси од нашите гревови и катастрофалните последици на гревот, коишто се вечна раздвоеност од Светиот и Правичен Бог“.
Исус вели: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку Мене.“ (Јован 14:6 - Стандарден Превод).

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што толку го сакаше светот (мене) за да Го дадеш Својот Син Исус Христос да умре на крстот и да ја плати казната за сите мои гревови, за да може јас да добијам прошка од Тебе без да ми бараш каква било надомест и за бесплатно да го добијам подарокот на вечен живот - и со тоа да можам вечно да бидам на Небесата по смртта.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

Ангелот внатре

А ние сите, со откриено лице, гледајќи ја како во огледало Господовата слава, и се преобразуваме во истиот лик од слава во слава, така како што го прави тоа Господ, Духот. (2 Коринќаните 3:18 - Стандарден Превод)

„Еден од најистакнатите скулптори во историјата на САД е Гатзон Борглам. Тој е нашироко познат пред сѐ по главите на четирите претседатели исклесани со динамит и макотрпно рачно делкање во дел од планината Рашмор во државата Јужна Дакота, а веројатно најценет е поради неговата биста на Абрахам Линколн поставена во Капитолот на САД во Вашингтон.
Таа биста Борглам ја извајал од голем блок мермер којшто долго време бил во неговото ателје. Чистачката долго време метела околу бесформната маса мермер. Но еден ден, кога Борглам веќе понапреднал со работата, таа забележала дека може да го распознае лицето на Линколн во мермерот. Се свртела кон Борглам и запрашала: „Дали е тоа г-дин Линколн?“
„Да“, ѝ одговорил Борглам.
„Па, како знаевте дека е таму внатре?“, го прашала повторно.
Големиот скулптор знаел, оти имал двоен вид. Сите големи уметници имаат таква дарба. Тие го гледаат она што е и она што може да биде“. (Leader Links)
Многу години претходно Микеланџело кажал сродна работа: „Видов ангел во мермерот и клесав сѐ додека не го ослободив“.
Така и мене и тебе нѐ гледа Бог. Тој го гледа „ангелот“ (нашиот Бого-даден потенцијал) и кога сме Му вистински посветени, преку Неговиот Дух Тој постојано ќе нѐ „клеса“ сѐ додека не станеме она коешто Тој го наумил за нас.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам зашто кога ќе Ти го предадам мојот живот, преку Својот Дух, Ти ме обликуваш во човекот којшто сакаш да станам, онаков каков што Ти си ме обмислил. А кога Твоето клесање ми е болно, помогни ми да сфатам дека тоа е дел од Твојата работа на усовршување на мојот живот.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

18 декември 2009

Не давате првин опомени?!?

И како што на човекот му е определено да умре еднаш, а потоа на суд. (Евреите 9:27 - Стандарден Превод)

Прочитав за сообраќаен полицаец на автопат во сојузната држава Западна Вирџинија којшто сопрел жена којашто возела 15 милји (24,14 километри) на час повеќе од ограничувањето на брзината. Откако ѝ ја врачил казната, возачката го прашала: „Не давате првин опомени?!?“
„Даваме госпоѓо... Ги има секаде по автопатот... Гласат вака: „Максимално дозволена брзина 55 милји (88,5 километри) на час“. („Reader's Digest“, „All in a Day's Work" од Патриша Гринли).
Претпоставувам дека многу луѓе коишто Го отфрлале Бог во текот на животот и не ја прифаќале Неговата прошка за нивните гревови, кога на крајот на животното патување ќе застанат пред Бог и ќе треба да положат сметка за својот живот и ќе ја добијат Божјата пресуда, ќе посакаат да го кажат она коешто го кажува возачката од споменатата анегдота: „Не давате првин опомени?!?“
Можам да замислам како Бог ќе им каже: „Даваме господине/госпоѓо... Моето Слово, Библијата, од корица до корица е исполнета со опомени човекот да се подготви за животот после смртта. А секоја година од твојот живот беше предупредуван/а за Мојата понуда за прошка и вечен живот... секоја година... на Божик и Велигден“.
И Бог на крајот ќе им го каже следново: Никогаш не сум ве познавал. Одете си од Мене, вие, кои вршите беззаконие! (Матеј 7:23 - Стандарден Превод)

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што постојано си ме предупредувал да се подготвам, оти кога ќе умрам ќе мора да застанам пред Тебе. Те молам помогни ми да го исправам мојот живот пред Твоите очи, да ја добијам Твојата прошка за моите гревови и да се подготвам за она што ќе уследи после смртта.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

01 декември 2009

Плачи со оние коишто плачат

Кога Исус ја виде расплакана, и како плачат Евреите, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе и рече: „Каде го положивте?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“Исус просолзи.Тогаш Евреите рекоа: „Гледај, колку го љубел!“ (Јован 11:33-36 - Стандарден Превод)

Чак Свиндол во неговата книга „Killing Giants, Pulling Thorns“ („Убивање џинови, вадење трнови“) раскажува за едно мало девојче чијашто другарка починала. Девојчето му кажало на своето семејство дека отишло да ја утеши разжалената мајка на покојната другарка.
„Што правеше?“, прашал татко ѝ.
„Ништо. Само ѝ седнав в скут и плачев со неа“, одговорило девојчето.
Што сторил Исус кога Неговиот пријател Лазар починал? Плачел...
Ретки се тие пријатели коишто знаат да плачат со оние коишто плачат.
Исто така, треба да знаеме и кога треба да молчиме... Во истата книга Чак Свиндол раскажува за Џо Бејлај, којшто загубил три деца. Свиндол цитира од книгата на Бејлај „The View From a Hearse“ („Поглед од катафалката“). Џо вели: „Седев раскинуван од жал и тага. Некој дојде и ми зборуваше за Божјите постапки, зошто се случило така, за животот после смртта. Постојано зборуваше. Кажуваше работи кои знаев дека се точни. Но не бев допрен и само сакав да си замине. На крајот и тоа се случи.
Потоа дојде друг и седна крај мене. Не зборуваше. Не ми поставуваше прашања кои би спотнале разговор. Само седеше крај мене, цел час и повеќе, слушаше кога имав нешто да кажам, кратко одговараше, се молеше на едноставен начин, и замина.
Бев допрен. Бев утешен. Со тага гледав како заминува.“
Вториот посетител и малото девојче биле како Исус за разжалените. Да ни дава Бог ум и сили и ние да постапуваме како нив.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам дај ми нежно и чувствително срце и помагај ми да бидам како Исус кон луѓето коишто жалат и оплакуваат. Помагај ми да молчам кога треба да молчам, да проговорам благо кога ќе биде потребен благ збор, но и да плачам со оние коишто плачат.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

22 ноември 2009

Ако знаеш подобро, направи!

Со тоа сакаме да избегнеме да не ни се префрли заради овој штедар дар со кој располагаме. Зашто, ние се грижиме за она што е чесно не само пред Господ, туку и пред луѓето. (2 Коринќаните 8:20-21 - Стандарден Превод)

Едно мало момче му се пожалило на татка си дека најголемиот дел од црковните песни му се здодевни - премногу застарени, со заморни мелодии и безначајни зборови. Татко му веднаш ставил крај на дискусијата, велејќи му: „Ако мислиш дека можеш да напишеш поубави песни, зошто не го сториш тоа?“.
Момчето веднаш заминало во својата соба и ја напишало својата прва црковна песна. Годината била 1690. Името на момчето Ајзак (Исак) Вотс. Познатите „Кога го гледам Твојот крст“ и „Радост за цел свет“ се само дел од повеќе од 350 црковни песни коишто тој подоцна ги напишал.
Здодевно Ви е? Тогаш дајте му на светот повод да Ве памти барем 300 години.
Конструктивната критика е в ред - под услов да сме подготвени да сториме нешто да го поправиме она за коешто имаме критика, а не само да бидеме негативни и така да го распламтиме проблемот.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам избави ме од негативен критички став, од постојано барање на грешки и слабости во она што го прават другите. Но, ако здогледам потреба за исправање во некоја област, помогни ми критиката којашто би ја дал да биде конструктивна и помогни ми да бидам подготвен да сторам сѐ што можам за да го исправам тоа што треба да се исправи.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

21 ноември 2009

Музика! Музика! Музика!

Зборувајќи си со псалми, химни и духовни песни, пеејќи Му на Господ и воспевајќи Го во своето срце! (Ефешаните 5:19 - Стандарден Превод)

Едно од најголемите подрачја на конфликт во денешните цркви е музиката. Постарата генерација христијани се понаклонети кон „старите“ песни, додека помладите повеќе ги сакаат црковните песни коишто јас си ги нарекувам „радост и разиграност“. Па, која музика е најдобра за славење на Бог?
Ќе одговорам малку одоколу. Пред неколку години имав прилика да проповедам на утринска неделна богослужба во Англиканската (Епископална) Црква во Перт, Австралија. Беше сред зима и ми беше толку студено во црквата што жената на еден доктор ми го даде својот капут. И така, чекајќи службата да почне, седев во првата клупа нагрнат со женски капут. Во мигот кога заедницата почна да пее, бев како погоден од гром. „Еј, тука сега Бог е навистина присутен“, си реков себеси.
Кога застанав да проповедам, како никогаш претходно во мојот живот, почувствував една неверојатна слобода со моќно чувство на Божјото присуство.
На службата присуствуваше и една професорка на Универзитетот на Западна Австралија. Таа госпоѓа неодамна беше емигрирала од Кина, каде што растела под режимот на Мао Це Тунг и под воспитување дека нема Бог. Тоа беше вторпат во нејзиниот живот да влезе во црква. Им кажала на едни мои пријатели коишто ме придружуваа дека додека сум проповедал, таа околу мене гледала аура од сите бои на спектарот. Рекла и дека знаела дека има Бог, оти силно го почувствувала Неговото присуство на таа служба.
Но каква врска има сето ова што ви го раскажувам со црковната музика? Секаква! Не е само обликот на музиката битен, туку и ставот на срцето на луѓето коишто пеат. Кога проповедам, со голема доза на сигурност уште на првиот стих на првата песна можам да кажам дали ќе биде лесно или тешко да се проповеда, оти човек лесно ќе почувствува дали Бог е во музиката или не е. Ако Бог не е во музиката, можете да бидете сигурни дека Неговиот Дух ќе го нема и во остатокот од богослужбата. Така што, прашањето е дали музиката е од срце, како што вели Павле во библискиот стих за денеска. Ако не е така, тогаш не се случува славење на Бог - па колку и да се талентирани пејачите.
Кажано поинаку, нашата музика е благопријатен мирис за Бог кога е плод на искрено славење, ама може да биде и реа, тешка смрдеа, кога станува збор за извештаченост и просто извршување на „ритуалот“, како во случајот на некои од жртвите во времето на Стариот Завет.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помагај ми постојано да Ти пеам, во моето срце постојано да свири музика за Тебе, без разлика дали сум дома, на работа, на училиште, или на богослужба.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

20 ноември 2009

Потрага по вистината (2)

Исус им дал вечен принцип на сите луѓе со изрекувањето на следниве зборови: „Ако продолжите да го следите Моето слово, навистина сте Мои ученици, и ќе ја знаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31-32 - Стандарден Превод)

Иако Исус пред сѐ споделил теолошки принцип, тој принцип всушност се однесува на секоја област од животот - не само за општодадената (фактичката) вистина, туку и на личната вистина.
Личната вистина значи дека треба да бидеме во допир со внатрешната вистина, односно да бидеме свесни и искрени за нашите вистински чувства и мотиви. Божјото Слово вели: „Ти љубиш искрено срце, ме учиш на мудрост во длабочината на душата“ (Псалм 51:6 - Душан Х. Константинов).
Во стварноста, колку понеискрени (самопотиснати и во негирање) за нашата внатрешна вистина сме, толку повеќе ќе ја искривоколчуваме сета вистина, вклучувајќи ја тука и Божјата вистина, за да ја измесиме и прилагодиме на нашето исчанчено поимање на реалноста. Точно е и спротивното, колку сме поискрени во поглед на внатрешната вистина, толку појасно ќе ја согледуваме сета вистина.
Со други зборови, работите ги гледаме не какви што се, туку онакви какви што сме ние самите. На пример, ако сум негативна личност, ќе ги гледам работите низ негативен фокус - и ќе бидам критичен кон нив. Ако сум преосетлива личност, ќе барам многу мотиви во тоа што луѓето го кажуваат и ќе реагирам претерано - не толку на основа на она што тие го кажале или го направиле, туку на основа на она што сум или на основа на тоа кој всушност сум. Од друга страна, како што вели Томас Дрејер: „Светот е големо огледало. Ти го рефлектира она што си. Ако си исполнет со љубов, ако си пријателски настроен, ако сакаш да помагаш, светот ќе биде полн со љубов и пријателство за тебе и ќе ти помага. Светот е она што си ти“.
Со оправдана причина Божјото Слово нѐ поучува: „Оставајќи ги настрана секоја злоба и секаква измама, лицемерство, завист и сите клевети, како новороденчиња копнејте по духовното, вистинско млеко на словото, па со него да пораснете за спасението“. (1 Петр. 2:1-3 - Стандарден Превод)
Ако сакаме да ја откриеме вистината, треба да се почне со вистинољубивост и искреност во поглед на себе. Сѐ додека во нашиот живот има некоја област за којашто не сме пронашле ослободување, можеме да бидеме сигурни дека има некоја вистина за којашто не сме свесни или за која сме во состојба на негирање. Исус рекол: „Ќе ја знаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31-32 - Стандарден Превод)

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помогни ми да ја видам секоја област во мојот живот за којашто сум во негирање и повторно да се поврзам со неа, за да може тие проблеми да ги изнесам на светлина за да може да бидат разрешени. Помогни ми секогаш да бидам искрен кон себе, кон другите и кон Тебе, за да ја најдам вистинската слобода и на ниту еден начин да не ја искривоколчувам вистината.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

16 ноември 2009

Потрага по вистината (1)

Потрагата по вистината, ама и одбегнувањето на вистината, се стари колку и човештвото. На почетокот на човечката историја Сатана (ѓаволот) ја извртел Божјата вистина кажувајќи полу-лага - што пак е една од најизмамните форми на лагата. Тоа довело до падот на човештвото во грев и до навлегување на злото во светот. (Види Битие 3:1-6).
А кога му се судело на Исус Христос, Пилат прашал: „Што е вистина?“ (Јован 18:38 - Стандарден Превод)
Но денес, во нашето таканаречено постмодерно секуларно општество, со сета лудост на политичката коректност „Толеранцијата - а не вистината, е апсолутна“, ни укажуваат Кенет Д. Боа и Роберт М. Боуман Помладиот во нивната книга „20 убедливи докази дека Бог постои“ (Kenneth D. Boa and Robert M. Bowman Jr., 20 Compelling Evidences That God Exists, страница 18).
Но тоа е крајно опасен начин на живеење и темел за изградба на општество којшто всушност е вкопан во жив песок - посебно ако сѐ повеќе и повеќе се одвојуваме од Бог, Авторот и Суштината на сета вистина и на сиот живот.
Во коренот на најголемиот дел на злото (вклучувајќи го и тероризмот) денес е фактот дека луѓето ја размениле Божјата вистина за лага. Говорејќи за пораните генерации, Божјото Слово вели: „Зашто, иако Го познаа Бога, не Му оддадоа почит како на Бог, ниту Му благодарија; туку станаа суетни во своите мудрувања и нивното неразумно срце се помрачи. Нарекувајќи се мудри, станаа безумни, и ја заменија славата на бесмртниот Бог со облик на смртен човек, на птици, на четириножни животни и на лазачи“. (Римјаните 1:21-23 - Стандарден Превод)
А крајниот резултат на сето тоа повторно го наоѓаме објаснет во Божјото Слово: „Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да го прават она што не прилега, исполнети со секаков вид неправедност, пакост, алчност, злобност; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, клеветници, богомрасци, дрски, надмени, фалбаџии, измислувачи на зла, непокорни на родителите, без разбирање, вероломци, без љубов и немилосрдни. Иако ги знаат Божјите одредби: дека оние кои прават така заслужуваат смрт, сепак, не само што прават така, туку сесрдно ги одобруваат и другите, кои го прават истото“. (Апостол Павле; Римјаните 1:28-32 - Стандарден Превод)
Всушност, без пристап до вистината нема реалност, нема слобода, нема насоки - и нема надеж за спасение на човештвото. Не е за чудење што голем дел од денешниот свет плута на морето на недоверчивоста и на светските превирања. Да ни удели Бог никогаш да не заборавиме дека „блазе му на оној народ кому ГОСПОД е Бог, на народот што го избра за Свое наследство“. (Псалм 33:12 - Душан Х. Константинов.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам испрати препород преку Твојот Дух и препород на вистината во нашата земја, за како нација да се свртиме повторно кон Тебе и да ги запознаеме Твоите благослови и твојата грижа. Те молам почни го Твоето дело и во мене веднаш.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

15 ноември 2009

Здрав-прав

Кога Исус го виде (инвалидот) како лежи (беспомошен), а знаејќи дека веќе долго боледува (поточно 38 години), му рече: `Сакаш ли да оздравееш?`“ (Јован 5:6 - Стандарден Превод)

Имам една пријателка којашто прележала полио кога била малечка и сега има физички хендикеп. Многумина се молеле за нејзино исцелување, но до тоа не дошло. Добронамерни, но сепак нечувствителни христијани, ѝ велеле дека нема доволно вера за да биде исцелена или пак давале други недоветни објаснувања. Сето тоа ја направило несигурна во себе, состојба во којашто била многу години сѐ додека не сфатила дека Бог не ги исцелува сите.
Не знам зошто е така. Во овој живот сите, одвреме-навреме, страдаме од болести. Некои луѓе ќе се исцелат, а некои не.
Иако го велам тоа, верувам дека мнозина од нас би можеле да бидат многу поздрави, доколку живееме во хармонија со библиските принципи. Во старозаветно време (пред да се појави модерната медицина), Евреите биле поучени од Бог да не консумираат одредени видови храна. Причината за тоа е што тие групи храна се сврзани со многу болести.
Во Новиот Завет пак добиваме на тацна два клучни принципи за исцелување од, барем, некои заболувања.
Прво, Исус му рекол на инвалидот „Сакаш ли да оздравиш?“. Модерната медицина покажува дека тие коишто вистински сакаат да оздрават се оние на коишто тоа најверојатно ќе им се случи. Тие ја преземаат одговорноста за своето закрепнување, иако тоа може да значи драстична промена на животниот стил. Со други зборови, треба да посакуваме да оздравиме толку очајнички што ќе сториме сѐ што можеме за да го доживееме тоа.
Имав друг пријател којшто со години се обидуваше да ги остави цигарите. Многу го критикуваа и му држеа лекции. Ништо од сето тоа не беше од полза. Дојде кај мене надевајќи се дека ќе му помогнам. Откако ми раскажа за својата борба и мака, тивко го прашав: „Зошто имаш потреба да пушиш?“. Тој ме погледна бело... промрморе неколку неповрзани зборови, се сврте и си замина. Мислам дека Џим (тоа не е неговото вистинско име) бараше магичен, инстант начин за прекинување на зависноста и за спасување на животот. Не сакаше да размисли за можните причини... и умре од рак на белите дробови набргу.
Второ, многу здравствени проблеми - но секако не сите - и болести се предизвикани или сериозно засилени од неразрешени лични проблеми коишто предизвикуваат болести. На пример, првиот симптом на силна потисната нетрпеливост може да биде срцев удар. Познато е и дека стресот може да биде убиец. Него може да го предизвикаат низа притисоци, од коишто некои може да ги контролираме, но многу не. На пример, неразрешеното чувство на вина, нелегитимните сексуални односи, неверноста во бракот, нечесното бизнис работење, нарушените врски, итн., може да предизвикаат силен стрес, којшто може да создаде болести па дури и да доведе до прерана смрт.
Решението за исцелување од болестите предизвикани од ваквите стрес-фактори се наоѓа во Библијата. Едноставно е, но не и лесно: „И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите. Делотворната молитва на праведникот има голема сила“. (Јаков 5:16 - Стандарден Превод)
Говорејќи лично, како што впрочем сум правел и претходно, да кажам дека пораснав во дисфункционално семејство. Воо моите дваесетти години од животот страдав од многу болен бурситис во двете раменици, како и од многу силна поленска алергија. Кога ми се распадна бракот и почнав со терапија, открив дека имам премногу закопана болка и гнев од детството - емоциите коишто сум ги закопал и коишто ги негирав; но кога се соочив со нив, ги исповедав и ги изразив, а со тоа ги разрешив, се исцелив и од бурситисот и од поленската алергија.
Намерата на Божјите принципи не е да ни ја одземат слободата, туку да ни дадат слобода од многу заболувања и проблеми. Изборот е на нас што ќе правиме со тоа. Дали навистина сакаме да оздравиме или само посакуваме да се случи тоа?

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што во Твојот Збор, во Библијата, си изнел динамички принципи за здрав живот. Дај ми жед да научам на што поучува Твоето Слово и здрав разум да живеам во хармонија со Твојата волја, за да може да оздравам.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

14 ноември 2009

Надминување на огорченоста

И така, оставајќи ги настрана секоја злоба и секаква измама, лицемерство, зависти и сите клевети, како новороденчиња, копнејте по духовното, вистинско млеко на Словото, па со него да пораснете за спасението. (1 Петр. 2:1 - Стандарден Превод).
Гневете се, но не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, и не давајте му место на ѓаволот. (Ефешаните 4:26-27 - Стандарден Превод)

Еден читател на „Daily Encounter“ прашува: „Како се наоѓа ослободување од огорченоста?“.
Прво, треба да признаеме како навистина се чувствуваме. Потоа треба да сфатиме дека тие чувства се аморални - сами по себе не се ниту добри ниту пак лоши, едноставно се тука! Разликата е во тоа што ќе направиме со нив (и со нивните причини); тука почнува доброто или лошото, креативното или деструктивното.
Второ, исто така мора да сфатиме дека огорченоста честопати е резултат на завист и на гнев. На пример, човекот исполнет со завист честопати е гневен или на човекот којшто добил унапредување или некој дар, признание или придобивка за којашто тој или таа смета дека повеќе ги заслужувал/а, и е лут/а на тој којшто го дал дарот или унапредувањето.
Трето, треба да прифатиме дека зависта честопати е нуспроизвод на личната несигурност и лошата слика за себе.
Четврто, за да се надмине огорченоста, битно е да се надмине и порази гневот.
На крајот, треба целосно да им простиме на оние за коишто чувствуваме дека нѐ повредиле - без разлика дали повреденоста е оправдана или не е (честопати не е). Како и да е, без разрешување на повреденоста и на гневот, речиси е невозможно да му се прости на оној за којшто чувствуваме дека нѐ повредил.
Откако повреденоста и гневот ќе се надминат, прошката станува лесен избор - или ќе решиме да простиме или пак ќе решиме да останеме со повреденоста, гневот и огорченоста.
Лорен Фишер мудро вели: „Разликата помеѓу задржувањето на гневот (огорченоста) или ослободувањето од него преку проштевање е еднаква на разликата меѓу ставањето глава навечер на перница наполнета со трње или на перница наполнета со розини листови“. Или, како што рекол некој друг: „Непростувањето е како да се напиеш отров и да чекаш другиот да умре“.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помагај ми секогаш кога се чувствувам огорчен да ја видам причината за мојата огорченост, без разлика дали е несигурност, завист, повреденост и/или гнев. Помогни ми потоа да ја најдам помошта којашто ми е потребна за да се справам со тој проблем, за да може лесно да им простам на сите коишто ме повредиле, исто како што Ти си ми го простил мојот грев.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

08 ноември 2009

Искушението е налик на сладолед

Никакво искушение не ве наваса, освен човечкото. А Бог е верен и не ќе дозволи да бидете искушувани над вашите сили, туку заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да го издржите. (Апостол Павле; 1 Кор. 10:13 - Стандарден Превод)

Нелсон Сирси раскажува за студија којашто требало да утврди кој сладолед има најубав вкус. Членовите на групата вклучена во истражувањето со врзани очи требало да пробаат најразлични сладоледи од ванила - квалитетни купечки сладоледи, врвни гурмански сладоледи, домашни сладоледи, ефтини купечки сладоледи... сосе сето она што доаѓа помеѓу нив...
„Истражувањето покажало дека добриот вкус не зависи од тоа дали станува збор за гурмански сладолед, купечки сладолед или домашен сладолед. Решавачки фактор била содржината на масти во сладоледот. Со други зборови, колку повеќе масти имало во сладоледот, толку повеќе им се допаѓал на луѓето.
Нели е тоа една од ирониите на животот? Зошто не може прженото пилешко, кое, патем, ми е едно од омилените јадења, да биде исто толку здраво колку и јаболката? Никогаш не сум слушнал некој лекар да каже: `Пржено пилешко батаче на ден и и без лекар си безбеден! Причината оти не нѐ советуваат така е тоа што ако јадеш пржено пилешко секое утро за појадок, докторот ќе треба да ти биде многу блиску, бидејќи холестеролот ќе ти вивне до небо. Така што јас ќе посветам на јаболките“. (Nelson Searcy. Source KneEmail, kneemail-subscribe@welovegod.org.)
А кој не сака убав сладолед со масти? Како деца, ние дури стававме шлаг крем врз сладоледот. Њам-њам! Немавме поим колку нездраво е тоа.
И искушението може да има многу силна привлечност. Може да изгледа блескаво и на прво гледање многу примамливо - но на долг рок донесува смртоносни ефекти. Тоа ме потсетува на една крајно убава риба којашто живее во Големиот корален гребен до Австралија. Таа е многу малечка, ама нејзиното боцнување е неверојатно болно. Затоа треба по секоја цена да ја избегнувате.
Исто е и со гревот. Без разлика колку ни изгледа привлечен, на крајот носи смрт, па мора по секоја цена да го избегнуваме.
Како што вели Сирси: „Кога ќе попуштиме на искушението, гарантирано ќе зажалиме поради тоа, бидејќи всушност, постапувајќи така, сме се лишиле од нешто поголемо само поради итното задоволување на желбата сега“. (Nelson Searcy. Source KneEmail, kneemail-subscribe@welovegod.org.)

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Те молам помагај ми да не заборавам дека иако искушението може да биде многу привлечно, гревот секогаш наплаќа уништувачка дивиденда. Те молам, преку Твојот Дух, дај ми сила да ги избегнувам мамките на Лукавиот, како и разумност секогаш да зависам од Тебе и да се потпирам на Тебе, и да не се обидувам да се борам со сопствени сили.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

07 ноември 2009

Здрава слика за себе

Ние љубиме, зашто првин Тој нѐ засака нас. (1 Јов. 4:19 - Стандарден Превод)

Џим чекаше пред каса во супермаркетот, кога, на негово изненадување, во редот, пред него и неколкумина други муштерии, се пикна еден лут, агресивен човек, следен од неговата потиштена сопруга. На рамото тој носеше 20-килограмска вреќа брашно, ѝ подаде на жена му пари и за`ржа: „Еве ти, ти плати“. Потоа, со цврсти и остри чекори, продолжи. Но не знаеше дека вреќата има дупка. Додека одмаршируваше, зад себе оставаше бела трага сѐ до автомобилот. Кога Џим излезе од супермаркетот, виде дека човекот во тој миг констатира дека вреќата со брашно му е половина празна.
Поетска правда, слободно би можело да се рече!
Што е тоа што ги прави луѓето како овој толку одбојни? Покрај другите можни толкувања, тој несомнено има многу лоша слика за себе. Корењата на овој проблем се во тоа што ваквите луѓе не се чувствуваат сакани. А токму поради таа причина и неговата сопруга е без самодоверба и потиштена.
Луѓето коишто чувстуваат омраза кон себе може или да станат слабаци, пасивни, потчинети и да се повлекуваат во себе, или пак да ја проектираат својата самоомраза на луѓето околу нив, па стануваат агресивни и ги малтретираат. Бидејќи не се сакаат себеси, тие веруваат дека и другите не ги сакаат, па се ставаат себеси во позиција да прават сѐ за другите да ги отфрлаат.
Надминувањето на лошата слика за себе и на недостигот на здрава доза на себеприфаќање не се случуваат преку ноќ. За тоа се потребни време, предаденост и преземање ризици.
Најчесто несигурноста и лошата слика за себе имаат корен во раното детство, кога човек не добивал или пак не чувствувал дека добива безусловна љубов.
Но, еве предизвик: Она што не сме го добивале во детството, да го побараме сега. А како ќе го сториме тоа? Едноставно е, но не и лесно. А се базира на библискиот принцип: „Го сакаме Бог оти Тој првин нѐ засакал нас“. Со други зборови (говорејќи со духовен јазик), ние научуваме да Го сакаме Бог преку Неговата љубов за нас. Тој нѐ познава во целост - со сите наши чиреви (дефекти и гревови) - а сепак нѐ сака... безусловно!
Истиот принцип се однесува и на емоционалниот живот. За вистински да ги сакаме другите, прво треба ние да бидеме сакани од една личност за нас „безбедна“, која нема да нѐ осудува и е полна со разбирање. Љубовта на таа личноста е љубов која целосно нѐ познава - со сите наши чиреви (дефекти) - и иако не познава онакви какви што сме, сепак нѐ сака безусловно. Преку таквата безусловна љубов за нас, со текот на времето, ќе научиме да се сакаме и прифаќаме на здрав начин. Што повеќе го правиме тоа, толку повеќе ќе ја поправаме сликата за себе, па како резултат на тоа, сѐ помалку ќе ни бидуваат повредувани чувствата и сѐ полесно ќе ни биде да се справуваме со пречките што ќе искрснуваат пред нас.
Најверојатно и понатаму ќе се случува чувствата да ни бидат повредени, но нема да се чувствуваме уништени поради тоа...

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што знаејќи ме каков/ва навистина сум, сепак безусловно ме сакаш. Те молам помогни ми да најдам „безбедна“ личност, којашто целосно ќе ме запознае и ќе ме сака, та јас да научам да се прифаќам и сакам себеси на истиот начин на којшто Ти ме прифаќаш и ме сакаш.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

30 октомври 2009

Уште не си дома!

Неговиот господар му рече: `Арно сторено, добар и верен слуго! Над малку беше верен, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!` (Матеј 25:21 - Стандарден Превод)

По 40 години работа како мисионер во Африка, Хенри К. Морисон се разболел и морал да се врати во Америка. Кога големиот прекуокеански патнички брод се вкотвувал, на њујоршкото пристаниште се собрала голема толпа за да му посака добредојде на друг патник на тој брод. Морисон набљудувал како претседателот Теодор Рузвелт добива велелепен пречек после неговото сафари во Африка.
Хенри Морисон тогаш го спопаднала огорченост и со гнев му се обратил на Бог: „Си доаѓам дома после толку многу години служење на црквата, а нема ниту еден - ниту еден - да ми посака добредојде“.
Потоа Морисон слушнал тивок глас како му вели: „Уште не си дома!“ (Брет Блер, www.sermons.com).

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, помогни ми да помнам, додека се трудам со Твоја помош да го живеам животот и да Ти служам верно, дека вистинската моја награда го чека моето враќање дома, кога ќе пристигнам за да бидам вечно со Тебе на небесата.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

Живот со „жива“ бомба

Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го нарекуваат син на фараоновата ќерка, и повеќе сакаше да страда заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите гревовни наслади. (Евреите 11:24-25 - Стандарден Превод)

Како што пишува лондонскиот весник „Дејли Мејл“, една пензионерка во Англија користела „жива“ артилериска граната како сопирач за врата цели 20 години.
Со децении 18 сантиметри долгата граната била семеен сувенир, исполиран и поставен над каминот. Овој остаток од Првата светска војна се користел и како играчка, а во последните 20 години и како сопирач на влезната врата во домот на 68 годишната Телма Бонет во Пејнтон, во англиската грофовија Девон.
Во кој било момент за сето тоа време таа можела да експлодира. Германската граната била „жива“, со активен експлозив и откочен механизам за активирање, велат експертите. Вистината за опасноста се дознала кога некој сосед ја видел гранатата пред вратата на Бонет. Била повикана полицијата, која ангажирала деминер од Кралската Морнарица. Неколку соседни куќи биле евакуирани, а гранатата била однесена во блискиот каменолом и детонирана.
Гранатата стасала во семејството во 1918 година, а ја донел Артур Кроксал, дедо на Телма.
„Немав поим колку е опасна. Дедо ја донел од некоја тура на Трговската Морнарица, каде што работеше. Татко ми постојано ја полираше и ја држеше на каминот...“, вели г-ѓа Бонет.
Портпаролот на Министерството за одбрана објаснува; „Гранатата била полна со експлозив и можела да експлодира во кој било момент“. (Извор: Daily Mail, 2 јули 2007 година. За да ја видите фотографијата на гранатата и на Телма Бонет и да ја прочитате изворната статија, одете на http://tinyurl.com/ywtb8p)
Навистина, како што кажува и библискиот текст за денеска, гревот може да донесе уживање - ама само за кратко време. Ако продолжиме да си играме со гревот и да живееме животи исполнети со него, иако можеби не сфаќаме, ние исто така „седиме “на темпирана бомба којашто може да експлодира во кое било време. А тоа секако еднаш ќе се случи и може да ги уништи репутацијата, карактерот, блиските врски и/или психичкото, емоционалното и духовното здравје. Гревот секогаш носи последици, а нивниот крај е вечна смрт, вечна и непоправлива одвоеност од Бог, авторот на сета љубов и сиот живот.
Гревот, а сиот грев е смртоносен духовен канцер, се однесува исто како канцерот - или ракот ќе те стаса тебе или ти ќе го стасаш гревот!

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што си обезбедил лек и пат за бегство од смртоносните последици на гревот, давајќи Го Твојот Син Исус да умре наместо мене за да ја плати казната за мојот грев. Помогни ми да Го прифатам Исус како мој Спасител и да стекнам увереност дека сум ги примил Твојата прошка и вечниот живот.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

25 октомври 2009

Бог изненадува позитивно

Сметајте дека е вистинска радост, браќа мои, кога ќе се сретнете со разни испитувања, знаејќи дека од испитувањето на вашата вера произлегува истрајност. А од истрајноста - совршено дело, за да бидете совршени и целосни, без нешто да ви недостига. (Јаков 1:2-4 - Стандарден Превод)

Во помладите години бев директор на младинска мисија за Јужна Австралија. Најголемиот дел од мојата служба беше предавање веронаука во државните средни училишта. Тоа се изведуваше во организација на локалните цркви. Една вечер една голема деноминација изгласа да се повлече веронауката од училиштата. Со нивната одлука, мојата работа се намали за барем 90 отсто. Јас дадов оставка, но комисијата ја спроведе клаузулата според која ако сакам да си заминам, мора да најавам 3 месеци претходно. Јас сметав дека се многу неразумни - имав работно место, ама немаше што да работам... За да не се досадувам и за да правам нешто во сето тоа време со коешто располагав, почнав да пишувам... и оттогаш не престанав!
После она што ми изгледаше како многу разочарувачко искуство, работата којашто ја работам денес - цели 30 години оттогаш - го надрасна сето она што воопшто сум можел да го замислам. Тоа што тогаш ми се случи беше еден од најголемите благослови во мојот живот.
Во текот на Големата депресија, Валас Џонсон, еден динамичен христијанин, бил отпуштен од пиланата каде што работел. За Валас и неговата сопруга тоа било разорна загуба. Па, што направил Валас?
Ја ставил куќата под хипотека и отворил градежна фирма. После 5 години веќе бил мултимилионер и го основал „Холидеј Ин“. Валас вели: „Да можев да го најдам човекот којшто ме отпушти, искрено би му се заблагодарил за она што го стори. Во времето кога тоа ми се случи, не разбирав зошто сум отпуштен. Подоцна видов дека Бог имал непогрешлив и чудесен план да ме однесе на патеката којашто ми ја одбрал“.
Па, драг читателе, дали и ти минуваш низ тешки времиња, времиња на загуба и разочараност? Ако е така, тогаш побарај од Бог да ти објасни на што сака да те научи и за што сака да те подготви; за да може да станеш поплодоносен христијански работник и слуга Господов.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, помогни ми низ сите болни искуства да видам дека секогаш има некоја лекција на којашто сакаш да ме научиш. Помогни ми и да станам позрел и поплодоносен христијанин, како и поефикасен сведок за Твоето спасително дејствување.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.

24 октомври 2009

Немир и мир

Зашто самите вие добро знаете дека Господовиот Ден ќе дојде како крадец во ноќ. Кога ќе велат „мир и безбедност“, тогаш ненадејно ќе падне погибел врз нив, како породилни маки врз бремена жена, и не ќе можат да избегаат. (Апостол Павле; 1 Солунците 5:2-3 - Стандарден Превод)

Во едно издание неодамна се појави следнава неверојатна статистика: од почетокот на забележаната историја, целиот свет бил во мир помалку од осум отсто од времето! Низ сопствена студија, периодичното списание Personnel Journal открило дека во 3.530 години од документираната историја, само 286 години минале во мир. Покрај тоа, досега биле склучени - и прекршени - повеќе од 8.000 мировни спогодби! (Today In The Word, June 1988, страница 33; Moody Bible Institute).
Прочитав некаде дека една од најбрзорастечките религии денес е исламот. Муслиманите би сакале да веруваме дека нивната религија е религија на мирот, а во исто време нивните радикали се впуштаат во кампањи на колежи во различни делови на светот.
Ова што ќе го кажам не е во рамките на политичката коректност, но реалноста е дека светот денес не е во судир на културите на исламот и на Западот, туку во верска војна во којашто напаѓачите не носат униформи, се кријат зад невини цивили, вклучувајќи тука деца, и ги користат нашите слободи за да доживеат експанзија, и, на крајот, да не` убијат или да не` потчинат на строгата контрола на нивните легалистички религиозни закони - а во исто време, правејќи го тоа, да ни ја одземат нашата слобода! Со други зборови, ја користат нашата слобода за да ја одземат нашата слобода.
Се сеќавам што еднаш ми рече еден мој стар пријател - пастор за знаците што ќе претходат на Второто Христово доаѓање на Земјата, коишто Исус и Библијата ги претскажале. Тој рече дека тие знаци всушност биле присутни уште од времето кога Христос чекорел по земјата, но дека денес тие знаци се собрани на куп!
Исус се враќа на Земјата. Тоа е исто толку сигурно колку и Неговото прво доаѓање пред 2.000 години. Што ако Тој се врати денеска? Ќе бидеш ли подготвен да Го пречекаш? Или пак ќе бидеш оставен? Начинот да бидеш сигурен дека Исус ќе те земе со своите е да Му ги предадеш својот живот, своето срце, својата волја, во покајничка молитва.

Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
Драг Боже, Ти благодарам што си ни ветил во Твојот Збор, во Библијата, дека Исус ќе се врати за да ги однесе на Небесата сите свои вистински следбеници. Те молам помогни ми да сторам се` за да бидам подготвен за Неговото враќање, коешто би можело да се случи многу наскоро.
Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
---
Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските и сите други права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
Copyright by ACTS International. Used by permission.