27 февруари 2011

Стори го тоа денеска

    Помагајте си еден со друг кога имате проблеми. На тој начин ќе го извршувате Христовиот закон. (Апостол Павле; Галатите 6:2 – Динамичен Превод)

    „Низ овој свет ќе минам само еднаш. Затоа секое добро дело коешто можам да го извршам или секоја љубезност којашто можам да ја укажам на оние околу мене треба да ги осуштествам сега; никако не смеам да се откажам од нив или да ги запоставам, оти нема никогаш повторно да се најдам на истиот пат“. Овој мудар совет се припишува на Стефан Греле, француско-американски квејкер (1773-1855).
    Јован, еден од апостолите на Исус Христос, напишал: „Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!“. (1 Јованово 3:18).
    Дали треба да се јавиш некому, да му испратиш писмо – обично или електронско, или пак да направиш нешто посебно за сопругата, сопругот, твоите деца, родители, пријатели, соседи? Ако одговорот ти е „да“, стори го тоа денеска. Дали треба да се обидеш да преизградиш нарушен однос? Стори го тоа денеска. Дали треба да се посветиш на обврската којашто ја одлагаш со денови или со недели? Стори го тоа денеска. Дали треба некому да му кажеш колку го сакаш? Стори го тоа денеска!

    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам насочи ме да бидам налик на Исус за луѓето во мојот свет. Денеска! Помогни ми да бидам дел од она што Ти го правиш во светот. Денеска! Ако треба да извршам некое дело на љубовта, или пак да исполнам некоја обврска, помогни ми да го сторам тоа денеска.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.

30 октомври 2010

Духовен еко-систем

    Вчера попладнето, откако завршив со работа, ја искористив приликата во еден од првите навистина убави денови на пролетта да излезам во дворот и малку да го зачистам после долгата зима. Топло сонце, расцветани нарциси и лалиња, расцветани овошки и песнопојни птици... времето беше навистина создадено за уживање и сѐ беше толку мирно!
    Зошто кога човек ќе мине дури и многу кусо време в природа, тоа како да прави чуда за неговата ментална и емоционална состоба? Зошто нешто толку едноставно како прошетка во тивка шума или уживање во сонцето крај мирно езеро, или пак расадување цвекиња, има такво лекувачко дејство на душата?
    Верувам дека одговорот на овие прашања лежи во теоријата којашто ја чув еднаш од устата на еден човек: „Кога си в природа, ти си во „праведна“ средина, а праведните средини се мирни средини. Односно, се наоѓаш во прегратките на природата створена според Божјата замисла, каде што животот се одвива според физичките закони коишто Бог ги создал. А еден од најголемите благослови на атмосферата на почитувањето на законите, дури и во материјалниот свет, е спокојството“.
    Ах, кога би можеле сите луѓе да живееме заеднички во таква праведна средина! Ах кога би можеле да чекориме по улиците на нашите градови во мир, да се сложуваме во мир со соседните земји и култури, да живееме во нашите бракови и во нашите семејства во мир! Само кога би можеле да „собереме два и два“, да сфатиме дека мирот доаѓа од создавањето праведна средина и живеење во неа – односно, еден вид духовен еко-систем којшто произлегува од Божјите закони.
    Бог ги создал сите нешта – ангелскиот свет, природниот физички свет, и посебно, според Својот Лик, човештвото. Сите аспекти на Неговото создание функционираат во склад со восхитувачките природни и духовни закони. Природните закони лесно ги разбираме, но затоа многу се напрегаме и се мачиме да ги сфатиме духовните закони коишто управуваат со животот...
    Попладнево држев предавања, главно на адолесценти, наречени „Практично христијанство“. Овој курс ги разглобува многуте аспекти на секојдневното живеење коишто се управувани од принципите сместени во Божјото Слово, во Светото Писмо. Се обидував да им ги пренесам базичните вистини дека нашите животи се управувани од законите на причината и последицата. Кога во потполност ќе научиме дека исходите во животот се одредени од лесно предвидливи причинители, ќе станеме подобро подготвени да ги правиме вистинските избори.
    Се надевам дека и вие ќе увидите дека Божјиот закон и од Бога одредениот начин на живот се всушност многу практични. Нашите односи со Него и еден со друг се одредени од духовните закони коишто се вкаменети, неменливи, уште од мигот на создавањето, и исто толку реални колку и законите на физиката. Ако ги почитуваме, благословени сме; ако ги кршиме, проколнати сме. Бог ги дефинирал законите на животот при самото создавање и низ Библијата Тој јасно ни опишува како почитувањето на Неговиот закон ќе ни донесе многу различни благослови во нашите живот.
    Еден од впечатливите заклучоци на оваа тема се наоѓа во Псалм 119:165: „Голем мир уживаат оние коишто го љубат Твојот закон и ништо нема да ги сопне“.
    Божјите закони се позитивни, практични и ја изразуваат Божјата љубов. Тие ги зацврстуваат браковите и семејствата, ги унапредуваат животот и вистината, го поттикнуваат дарувањето како и прославувањето на Бог и ги разбиструваат нашите размислувања и приоритети.
    Да даде Бог да бидете благословени со мирот којшто доаѓа со разбирањето и почитувањето на прекрасните Божји закони!

    Клајд Килох,
    Претседател
    Обединета Божја црква (United Church of God)

01 октомври 2010

Недостаточна комуникација

    Туку, говорејќи ја вистината во љубов, ние треба да растеме во сѐ - кон Оној Кој е главата, Христос. Од Него, целото тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секоја врска дава поткрепа според соодветно дејствување на секој одделен дел; тоа прави телото да расте за својата сопствена надградба во љубов. (Ефешаните 4:15-16 – Стандарден Превод)

    Бидејќи еден извесен период бев ангажиран на планот на врските и односите меѓу луѓето, открив дека еден од најголемите проблеми (и предизвици) коишто им се случуваат на луѓето е неспособноста на двојките да комуницираат правилно и да ги разрешуваат конфликтите ефикасно. Всушност, според различни духовни советници, ова е една од најголемите причини за распад на врските.
    Меѓучовечките врски се повеќе од сѐ засновани на комуникацијата. Мажите веројатно нема да се согласат со мене, но верувам дека читателките ќе се согласат. Гледано од моето искуство, најбројната поплака којашто сум ја слушал од сопруги (од двете страни на Пацификот) се варијациите на следново: „Мојот сопруг не ги споделува со мене своите чувства и не ги слуша и не ги разбира моите!“ Не си многу изненаден/а, нели?
    Токму така, ние мажите умееме да испратиме луѓе на Месечината и да зборуваме со нив додека се таму, но некои од нас не знаат како вистински да комуницираат со своите сопруги или деца - кои се во истата соба со нив!
    Но не се секогаш виновни мажите. Повторно зборувајќи од свое искуство, речиси исто толку мажи колку и жени жалат поради фактот дека нивниот сопружник се повлекува кога чувствата му се повредени.
    Повлекувањето е многу илеџиски начин на борба. Тоа може да заземе форма на пасивно непријателство, самосожалување или на самооправдување. Може да биде предизвикано од страв од конфликт, страв од станување подвластен на партнерот, како и поради цела низа други причини. Како и да е, кога едната страна ќе се повлече, нема шанси за разрешување на спорот. Уште полошо е пак кога и двете страни ќе се повлечат.
    Она што е навистина неопходно за сите нас е да научиме да се „бориме“ како христијани.
 
    Молитва којашто сега би можел/а да Му ја упатиш на Бог:
    Драг Боже, Те молам помогни ми да бидам ефикасен соговорник, да бидам отворен во поглед на своите чувства, никогаш да не се повлекувам во конфликт, како и секогаш да ја зборувам вистината во љубов.
    Ти благодарам што ја чу мојата молитва и одговори на неа! Во името на Исус, амин.
    ---
    Од „Daily Encounter“ на Ричард Инис. Авторските права припаѓаат на ACTS International. Преземено и обработено со дозвола.
    Copyright by ACTS International. Used by permission.